1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каша од политичката кујна во Македонија

Зоран Јордановски
24 декември 2016

Кризата во Македонија трае подолго отколку Втората Светска војна на Балканот. ВМРО-ДПМНЕ е неснаодливо кога е во дефанзива, СДСМ лета во облаци. Колумна на Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/2Uq18
Proteste der VMRO-DPMNE-Anhänger in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кога би можеле македонските политичари, а богами и голем дел од нивните избирачи, барем за малку да излезат од „филмот" во кој се внесени со длабок занес, би се чуделе колку е налудничаво сето што се случува во нивна режија и изведба, иако не и сосем без помош од страна. А тој филм трае веќе цели 4 години (за подобро да се сфати временската димензија – пократко траела Втората светска војна на балканските простори!). Започна со филмски ефектната, но животно сурово реалната сцена на насилното протерување на пратениците на опозицијата и новинарите од Собранието на Македонија, токму на денешен ден (24. декември 2012).

Таа сцена, се разбира има и предисторија, до неа не дојде туку-така, како гром од ведро небо. Тоа беше резултат на латентниот политички набој настанат уште при трансформацијата на екс-комунистите во социјалдемократи и временски паралелното основање на национал-конзервативната ВМРО ДПМНЕ. Двата фундаментално различни концепта не го донесоа очекуваниот и посакуваниот прогрес за државата и општеството преку натпревар на идеи. Тие се сведоа на гола борба за власт и уживање на привилегиите што ги нуди таа и можноста за неказниво користење и на нелегални средства. Покрај легитимната борба за власт и нелегалното богатење, заедничко на двете спротивставени политички опции им беше - и се` уште им е, сега чиниш повеќе од било кога - негувањето на омраза едни кон други. Од таа омраза произлезе и растеше политичкиот набој, а бркањето на опозицијата најави какво сфаќање за демократија застапува и ќе практикува  владејачката ВМРО.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Гледај напред, вози назад

Нема потреба овде да се прераскажува дејствието на „филмот" во овие 4 години што сите во Македонија го почувствуваа на своја кожа. Така погледнато, може да се зборува и за ријалити-шоу, со таа разлика што таму има инсценирана реалност, наспроти животно реалните сцени од „македонскиот филм". Занимливи се најновите. По ноќта на долги ножови, заканите дека амбасади можат да горат и некролозите за актуелните амбасадори од западни земји, партијата што со својата реторика во најмала рака е инспиратор на заканите бара од ЕУ да конкретизира кој тоа им се заканувал на амбасадорите?! Нели е ова налудничаво? Кој се прави луд? Кој кого го прави луд? Уште повеќе што реакцијата е адресирана кон ЕУ, откаде всушност партијата на власт добиваше поштеда, па дури и отворена подршка од сестринскиот конзервативен табор (кон кого припаѓа и еврокомесарот надлежен за проширување на Унијата). Патем, во налудничавата атмосфера на „филмот" одлично легнува и тактиката на постојана вербална определба за членство во ЕУ (и НАТО) и за вредностите во кои се колне Западот - и истовремено возење во обратна насока и газење врз тие вредности.

Каде испари инвентивноста на ВМРО?

Погледнато отстрана, од однесувањето на раководството на ВМРО ДПМНЕ и нејзиниот лидер може да се заклучи дека се нервозни. Долго време со инвентивни потези успешно им парираа на сите чекори на политичките конкуренти (во нивното сфаќање противници, душмани), одржуваа речиси уверлив привид на хармонија со западниот дел од таканаречената меѓународна заедница. Но, се чини дека „мозокот" кој им ги смислуваше потезите, кој за еден ден го испревари и објавувањето на „бомбите" со што ја преполови експлозивната моќ на сознанијата што произлегоа од обелоденетите криминални практики, не се снаоѓа најдобро кога е во дефанзива. Партијата и нејзиниот лидер сега влегоа во отворена кавга со Западот, за што добија жолт картон (повеќе е портокалов, на премин кон црвен) и од непосредните ментори. Го загубија ли ВМРО и Груевски целосно чувството за реалност или дојдоа до сознание дека веќе немаат што да загубат зашто и онака се` оди против нив? Оти, изборите не им го донесоа посакуваниот вистински триумф, што тие го поврзуваа со амнестија за злоделата за кои се осомничени, а делумно и формално обвинети. Ако е така, тогаш е доцна, зашто има знаци дека снежната топка веќе почна да се тркала од врвот на ридот кон провалијата. Забрзувањето допрва треба да уследи.

Kombobild Zoran Zaev und Nikola Gruevski

Опозицијата лета со Икарови крилја

Но, во „филмот" од споредна во главна израснува и улогата на опозицијата предводена од лидерот на социјалдемократите. Ликовите кои во почетокот на дејствието како загубени аутсајдери талкаа од кратки парламентарни сеанси до бојкот на парламентот, сега летаат на Икарови височини. Кој го „врти" Дедал и неговиот совет! На почетокот првенствена цел на Заев, според неговите сопствени зборови, беше соборување на режимот. Но, во меѓувреме личните амбиции за премиерската функција летнаа дури и повисоко од изборниот резултат (текстов е пишуван пред прегласувањето во Теарце). Тој веќе го препушти градоначалничкото место во Струмица, неговото најсигурно упориште. Врз основа на што е толку сигурен дека ќе биде премиер? Кој можел да му го вети тоа? Нели им дава поткрепа на тврдењата на ВМРО за наводното мешање од страна? Народната мудрост советува „прво скокни, па речи оп". Јасно, тој своето убедување може да го темели врз разговори и ветувања од другите парламентарни партии дека нема да коалицираат со ВМРО и Груевски. Но, логиката и законитоста на изборниот резултат велат дека лидерот на партијата со најмногу освоени гласови и пратенички места треба прв да се обиде да состави влада. А што ако Груевски сепак некако со „одредени аргументи" го убеди Али Ахмети да продолжи, барем за некое време, нивниот „брак од интерес"? Што ако Груевски со слични или други аргументи убеди и пратеници од некои од другите партии од албанскиот блок да подржат таква коалиција? Не е толку едноставно со сигурност да се предвиди каква каша може да дојде од политичката кујна во Македонија. Посебно не во филм со налудничава атмосфера. 

Каква какофонија!

Во ваков филм е можен парадоксот поразените - според говорот на бројките – да извлечат голема полза.  Што би им ветил на потенцијалните коалициони партнери од албанскиот блок за возврат идниот мандатар за состав на владата, се` едно кој  да биде? Тие поставија високи барања. Исполнувањето на било кое од нив веднаш ќе го разоткрие како лажго – повторно, се` едно дали ќе е Груевски или Заев. Влегување во коалиција со ВМРО, пак, веднаш им става печат на чело на политичарите од албанскиот блок пред нивните избирачи. Каква налудничава какофонија!

Mazedonien Zentrale Wahlkommission
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Работата на Државната изборна комисија е совршена секвенца во севкупната атмосфера на „филмот“. Какви вражји рокови, закони, повисок општествен интерес! Добро е што јавноста можеше директно да го следи текот на нејзината работа. Барем некои поразумни можеа да видат кон што води и до каде оди партизираноста во државата и до која мера општествениот интерес им е подреден на партиските.

Единствен пат кон излез од „филмот" се нови избори. Но, клучен предуслов е дотогаш да се спроведат неопходните реформи набележани од германскиот дипломат Прибе или барем нивната редуцирана форма наведена во Договорот од Пржино. Кој јунак ќе ги спроведе? ВМРО ДПМНЕ веќе го прогласи Договорот за мртов. Следствено, може да се претпостави дека ќе ги опструира таквите чекори, а не смее да се потцени потенцијалот што го има за тоа. Значи, како кај некои филмски продолженија, ќе следува ли и „За македонцките работи" – втор дел?