1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Кауч скандал“: ЕУ и Фон дер Лајен лути, Турција „мие раце“

ЖА / агенции
8 април 2021

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен е лута поради начинот на кој била третирана при средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара. Критики и од Европскиот парламент.

https://p.dw.com/p/3rheQ
Türkei | EU Delegation in Ankara
Фотографија: EU Delegation Turkey

Фон дер Лајен била „изненадена“ што за разлика од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, не добила фотелја покрај Ердоган и морала да седне на кауч, изјави вчера нејзиниот портпарол. Турската влада отфрли одговорност за инцидентот.

Фон дер Лајен и Мишел во вторникот беа во Анкара на разговори околу можностите за подобрување на односите со Турција. На видео снимка се гледа како претседателката на ЕК на почетокот стои во кабинетот на турскиот претседател и реагира со едно изненадено „хм“, додека Ердоган и Мишел седнуваат во фотелји еден покрај друг. Кратко потоа таа седи на кауч на видно растојание од нив.

Портпаролот на Фон дер Лајен истакна дека таа има „токму ист протоколарен ранг“ како и Мишел и би морала да седи едно до друго со Мишел и Ердоган.

Турската страна ја префрли одговорноста кај ЕУ. „Не се направени никакви измени од она што беше побарано во подготовката на посетата на делегацијата на ЕУ“, изјави турски владин претставник за новинската агенција АФП.

Но, за ЕУ нема сомневање дека одговорноста е на домаќинот Ердоган.

Австриската министерка за Европа Каролине Едштадлер смета дека станува збор за „однос без почит“ кој е „апсолутно неприфатлив“. Претседателката на социјалдемократската група во Европскиоот парламент Иратксе Гарсиа Перез изјави дека инцидентот е „засрамувачки“. Исто како и Едштадлер, таа укажа на фактот што Турцијанеодамна истапи од Истанбулската конвенција за заштита на жените, што предизвика бурни протести во земјата.

Ердоганјавно го демонстрира своето непочитување кон ЕУ и го манифестира својот непријателски став кон жените“, коментира копретседателот на групата на левицата Мартин Ширдеван. Од конзервативната група, Европската народна партија се истакнува: „Некој би требало да се засрами поради недостигот на едно соодветно место за седење за Урсула фон дер Лајен во палатата на Ердоган.“ Жените заслужуваат исто признание со машките колеги.

За либералката Софи ин ‘т Велд инцидентот не „е случајност, туку намера“. Таа прашува и зошто Мишел не протестираше против третманот на својата колешка Фон дер Лајен. Европскиот совет засега не се изјасни за ова прашање.

Портпаролот на претседателката на Европската комисија изјави дека таа во Анкара јасно го истакнала значењето на женските права и го критикувала излегувањето на Анкара од Истанбулската конвенција. Таа во секој случај ќе го направеше тоа, но инцидентот со ускратеното столче бездруго го „изостри нејзиниот поглед врз оваа тема," рече портпаролот.