Катар планира крупни инвестиции во Германија
7 септември 2018Катарскиот емир Тамим бин Хамад ал-Тани планираните инвестиции ги најави денеска на почетокот на германско-катарската економска конференција во Берлин. Германската канцеларка ја поздрави намерата: „Ме радува зголемениот интерес на Катар за вложувања во Германија, тие се добредојдени“, рече таа.
Германија е посебно атрактивна за инвеститорите поради доверливите рамковни услови и поволната економска клима, нејзините фирми уживаат одличен углед, дополни Меркел, истакнувајќи ја во преден план непроценливата улога на средните по големина претпријатија, кои вработуваат и обучуваат голем број работници. Меѓу нив постојат вистински прикриени шампиони, односно претпријатија кои се водечки во светот во својата бранша, но очигледно не се доволно познати во јавноста, меѓу останатото и поради тоа што не се нотирани на берзите. Притоа, токму средно големите фирми се тие кои ја одредуваат нашата меѓународна конкурентност, дополни канцеларката. Катар од другастрана од географски аспект е мал, но сепак е стопанска величина, најголем светски извозник на течен гас, тој е една од најбогатите земји во светот, рече Меркел. Таа гледа големи перспективи за заедничка соработка меѓу двете земји на економски план и жали за актуелната криза во Персискиот Залив, надевајќи се на скоро решение.
Повеќе:
Германија: добра за работа, лоша за живеење
Германија бара 1.000.000 работници
Катар од пред една година се наоѓа во конфликт, меѓу другите и со Саудиска Арабија. Лани во јуни раководството во Ријад, заедно со Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет, изврши прекин на односите со Катар, обвинувајќи го за поддршка на терористи и премногу блиски односи со смртниот непријател на Саудиска Арабија - Иран. Доха категорично ги отфрли ваквите обвинувања.