1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Каракас мисли, Хавана управува

Астрид Пранге
10 август 2017

На кризниот самит на министрите за надворешни работи на латиноамериканските земји изминатиот вторник во Лима не учествуваше најбитниот сојузник на Венецуела.

https://p.dw.com/p/2i0n5
Venezuela Präsident Nicolas Maduro (R) und Raul Castro, Kuba
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gutierrez

Без Куба и Вашингтон не оди ништо. Во Венецуела Вашингтон и Хавана водат нова студена војна и сепак истовремено соработуваат на различни начини совенецуелскиот претседател Николас Мадуро. Парадоксална е ситуацијата околу венецуелските нафтени резерви, која пак ја засилува позицијата на Мадуро.

И покрај заострените санкции против владата во Каракас, Вашингтон дневно од Венецуела увезува 750.000 барели нерафинирана нафта. Според информации од американскиот секретаријат за трговија увозот на нафта во 2016-та изнесувал 10 милијарди долари. Количеството во споредба со 2015-та е намалено за речиси една третина, но САД и натаму остануваат најголемиот поединечен откупувач на венецуелската нафта.

Телохранители од островот

И Куба за нафтата зависи од Венецуела. Во замена за субвенционираните испораки на нафта - 40.000 барели дневно - Хавана праќа доктори, соработници на тајните служби и дипломати во Каракас. И телохранителите на претседатело Мадуро се од Куба.

„Куба има важна советничка улога и ја спречува изолацијата на Венецуела", вели Оливер Штинкел, професор за меѓународни односи на универзитетот Фундасао Гетулио Варгас во Сао Паоло и соработник на Глобалниот институт за јавни политики. Хавана според него се погрижила за тоа Венецуела да може да води "ефикасна надворешна политика".

Тука спаѓа и фактот дека 12 членки на Унијата на јужноамерикански држави не го коментираат спорното основање на Уставотворното собрание. И заедничкиот јужноамерикански пазар Меркосур не можеше да одлучи за исклучување на Венецуела, па сето се заврши со суспензија на членството.

Venezuela Ärzte demonstrieren gegen Engpässe in Kliniken - Protestzug in Caracas wird von Sicherheitskräften gestoppt
Фотографија: AFP/Getty Images

Кога ќе се зголеми цената на нафтата?

„Нема сигнали дека Куба ќе се дистанцира од Мадуро", смета Штинкел. Напротив: „Хавана игра на време и се надева дека за некое време ќе скокне цената на нафтата и дека ќе се подобри ситуацијата на Венецуела." Тоа би било во интерес на Хавана која што е зависна од субврнционираната венецуелска нафта.

Куба пак е самата пример за Венецуела. Кога по падот на Советскиот сојуз колабираше кубанската економија во 90-тите години, Хавана прогласи специјални околности во мирни времиња. Откако Москва во 1991-ва го прекина дотурот на нафта во Куба автобусите и машините сопреа. Но, позицијата на комунистичката партија на Куба остана недопрена од кризата.

Венецуела не испорачува нафта само во Куба и САД, туку и во Кина и Русија за да компензира отворени долгови. Венецуелската нафтена компанија ПДВСА зависи од руски и кинески инвестиции за изградбата на рафинерии. Во октомври и ноември мора да компензира долгови во висина од 3,7 милијарди долари.

За поранешниот министер за трговија на Венецуела Моизес Наим претседателот Мадуро претставува само испостава на режимот на Кастро. Наим од 1992-та живее во САД и од 2000-та е главен и одговорен уредник на весникот Форејн полиси што излегува во Вашингтон.

Азил во Хавана?

„Мадуро е марионета на Кубанците и на војската што владее во Каракас", пишува тој во една колумна за шпанскиот дневен весник Ел Паис. Наим постепеното остстеанување на поделбата на власта во Венецуела ја смета за резултат на кубанската политика. „Кубанците ја извезоа нивната техника за следење во Венецуела и го перфекционираа градењето полициска држава", пишува тој.

И колумбискиот претседател Хуан Мануел дос Сантос е запознаен со влијанието на Хавана врз претседателот Мадуро. За време на неговата неодамнешна посета во Куба кон крајот на јули добитникот на Нобеловата награда разговарал за евентуална посредувачка улога на Хавана. Сантос наводно дури и ја споменал можноста Мадуро и членовите на неговиот кабинет да добијат политички азил на островот.

Сепак тој отпатувал со празни раце. И покрај неговите добри контакти со Раул Кастро со кого шест години соработуваше во рамки на мировните преговори со востаниците на ФАРК, Хавана не се откажува од поддршката за Венецуела.

Војна на улиците на Каракас

Се чека во ред, наместо да се протестира

Парадоксално е: колку повеќе Венецуелци бегаат во соседните земји како Колумбија, Бразил и Перу заради кризата, толку поцврста се чини позицијата на Мадуро. Масовниот егзодус од земјата со најголемите нафтени резерви на светот ги отежнува и протестите на опозицијата. По свикувањето на уставотворното Собрание му е одземена моќта и на Парламентот, каде опозицијата има мнозинство.

„Средната класа ја нема, тие веќе не протестираат", вели Штинкел. Тој прогнозира крај на побуната. „Луѓето се уморни и мораат да си го средат секојдневието", вели тој. „Не се сите против Мадуро, а оние кои добиваат поддршка од државата не сакаат да останат и без неа."