1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУзбекистан

Каракалпакстан: Борба за автономија

Синем Ездемир
5 јули 2022

Што се крие зад протестите во автономната узбекистанска провинција Каракалпакстан кои избија по плановите за уставни промени во земјата?

https://p.dw.com/p/4Devz
Karakalpakstan Nationalflagge
Гордост на автономната провинција: Каракалпакстан има сопствено знаме Фотографија: Leonid Altman/Zoonar/picture alliance

Протестите во Каракалпакстан во изминатите денови го натераа узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев да попушти: автономниот статус на провинцијата треба да остане непроменет. На изјавата на Мирзијоев ѝ претходеа масовни демонстрации во и околу главниот град на Каракалпакстан, Нукус, откако станаа познати плановите за уставна реформа, во кои веќе не беше вклучена автономија на регионот.

Според официјалните извештаи, демонстрантите се обиделе да упаднат во владините згради. „Имаше жртви меѓу цивилите, како и меѓу безбедносните сили“, соопшти претседателот Мирзијоев и во Каракалпакстан воведе четиринеделна вонредна состојба.

Автономната провинција во северозападен Узбекистан се граничи со Туркменистан и Казахстан. Таму живеат речиси два милиони луѓе, одвај нешто повеќе од пет проценти од 36-те милиони жители на Узбекистан. Но, територијата на ретко населениот Каракалпакстан опфаќа речиси 40 проценти од Узбекистан. Ова вклучува и дел од крајбрежјето на Аралското Езеро, кое драматично пресушува - провинцијата главно се состои од пустински области и речиси нема плодна почва. Стапката на невработеност е висока, а Каракалпакстан е економски зависен од остатокот од Узбекистан.

Каракалпаците, чие име значи „црна капа“ и потекнува од традиционалната црна покривка за глава, се централноазиски туркиски народ со свој јазик, кој е сличен на јужноказахстанскиот. Грубо проценето, населението на автономната провинција денес се состои од една третина Каракалпаци, една третина Узбеци и една четвртина Казахстанци, а има и други етнички малцинства.

Infografik Karte Karakalpakstan EN

Наследството на автономијата

Каракалпаците во 18. век се населиле во областа околу реката Амударија, и од 1920 година му припаѓаа на Советскиот Сојуз. Регионот прво стана автономна територија, а во 1932 година стана Каракалпачка Автономна Советска Социјалистичка Република. Од 1936 година, АССР Каракалпак беше дел од Узбекистанската Советска Социјалистичка Република, како единствена автономна провинција во Централна Азија. Во 1991 година, Каракалпакстан ја прогласи својата независност од Советскиот Сојуз, а една година подоцна повторно се приклучи на независен Узбекистан - под услов да се задржи неговата автономија.

Клучната улога на референдумот

Во 1993 година, Каракалпакстан потпиша 20-годишен договор со централната влада во Ташкент со кој на автономната провинција ѝ се гарантира уставното право да се отцепи од Узбекистан преку референдум. Според овој договор, по две децении страните или требаше да го продолжат договорот, или Каракалпаците да одржат референдум за отцепување од Узбекистан. Но, во 2013 година немаше гласање. Постојат движења за независност, како што е Партијата за Национална преродба на слободен Каракалпакстан, но овие сепаратисти имаат мало влијание.

Usbekistan Unruhen
Камион запален во текот на протестите во Нукус, 3.07.2022Фотографија: KUN.UZ/REUTERS

Во актуелниот предлог текст за уставна реформа на Узбекистан не се спомнуваше суверениот статус на Каракалпакстан, ниту правото да се отцепи од Узбекистан и на тој начин ќе ја прекинеше уставната автономија. Пакетот реформи вклучуваше и продолжување на мандатот на претседателот од пет на седум години и враќање на мандатите на Мирзијоев на нула, што по неговиот реизбор минатата година ќе му овозможеше да остане на функцијата уште 14 години - инаку тој ќе мора да ја напушти функцијата во 2026 година.