Кале-контролирана нестабилност или дефокусирање од проблемите?
15 февруари 2011Одеднаш и со многу страст се вратија ТВ дуелите, јавните дебати, коментари и дилеми кој и зошто го испровоцира „случајот на скопско Кале“?
„Дали целта е да се наруши кревкиот соживот, кој функционира десетина години по Рамковниот договор, дали целта е да се урне владејачката коалиција или целта е опозицијата да собере повеќе гласови? Сите опции се во игра“, изјави универзитетскиот професор Јове Кекеновски.
Не престанува ни сајбер и вербалната војна на Фејсбук, во која се вратија помалку и заборавените националистички повици. Меѓу нив е пласирана и нова иницијатива за саботно собирање на скопските навивачи, младите Македонци, главно средношколци, кои би тргнале од скопската тврдина Кале кон спортските борилишта. Веќе се појавија и првите јавни стравувања за безбедноста на Старата чаршија, која во последнава година го враќа динамичниот живот на култна урбана средина.
Губење контакт со базата
За политикологот Имер Исмаили ова е „Вовед во меѓуетнички конфликти бидејќи, ова што се случи на Кале е жално, но не е изненадување, зашто методологијата на владеење на премиерот Груевски е исклучување на се‘ што не е ’вмровско’. И тоа репрудицира вакви настани како за време на викендот".
Професорот од тетовскиот кампус доктор Имер Исмаили, во анализата за случувањата на Кале дел од вината лоцира и кај владејачката ДУИ, чиј рејтинг е во опаѓање. „Сведоци сме на елитистичките модели на партиска изолација од базата и реалноста, наспроти досегашната главна карактеристика и модел на владеење, пред се‘ на лидерот Ахмети, кој негуваше пракса на постојани контакти со електоратот. Со напумпани анкети, искрено на ДУИ не му се најдобри состојбите во албанскиот електорат, станува политичка елита која ја губи подлогата во базата од која треба да потекнуваат нови идеи и кадри“.
Сценарио на контролирана нестабилност
И за новинарот-аналитичар Мирка Велиновска вклученоста на скопските кадри од ДУИ, предводени од градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, и министерот за здравство Бујар Османи, во инцидентите на Кале се дел и од фракционерската борба меѓу интегративците, со тенденција за внатрепартиско прочистување. Таа не верува дека владината коалиција ќе се распадне, ако нема предвремени избори.
Според Велиновска, националистичките бесови на Кале се и смислено сценарио за таканаречената контролирана нестабилност, препознатлив модел на сите македонските политички елити, штом е потребно интересот на јавното мислење да се насочи во друг правец од тековните внатрешни или доминантни меѓународни теми. Меѓу нив се пописот, финалето од разврската на спорот со името и притисокот на опозицијата која без причина го напушти парламентот. Ако не беше Кале, ќе беше наводната ограничена слобода на ТВ А1, или некоја друга причина за да се создаде привид на дестабилизирана држава. Но Велиновска не исклучува дека во “ровко општество во кое владее ниска политичка култура, во која емоциите постојано се држат на тивок оган, за да може да се манипулира со нив кога ќе затреба, лесно може да се предизвика инцидент“ кажа за Дојче веле, Мирка Велиновска, аналитичар на весникот “Нова Македонија“.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска