1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Калајџиев казнет со 50 евра за фрлање боја

К.Б./Б.Г.23 мај 2016

„Окото на Чавков“ го снимило Калајџиев како фрла боја врз објекти во Скопје. Казнет е со 50 евра. Освен професорот, МВР имало снимки од уште 15 други јавни личности, но Калајџиев одбил да ги идентификува.

https://p.dw.com/p/1Isrm
Фотографија: Petr Stojanovski

Прeтседателот на Хелсиншкиот Комитет на Македонија и професор на Правниот факултет на УКИМ, Гордан Калајџиев е казнет со 50 евра во денарска противвредност поради тоа што фрлал со боја врз објекти, според Законот за јавна чистота.

Калајџиев утрово бил повика на информативен разговор во полицијата. Во поканата за разговорот било наведено дека станува збор за „учество во протести“.

Разговорот севкупно траел 30 минути, а целата процедура заради големиот број записници и формалности, речиси два часа.

На Калајџиев му биле прикажани видео-материјали од протестите. Индикативно во тие материјали, вели Калајџиев за ДВ, е што биле многу јасни и не потекнувале од интернет, туку најверојатно се работи за полициски снимки.

На информативниот разговор, професорот го изнел ставот дека учеството во протест не е уставно забранета категорија. На обвинението дека фрлал боја, Калајџиев одговорил „тоа е нужна одбрана на правната држава, бидејќи на граѓаните не им останува друго средство“.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Таа 'штета' од бојата е симболична и многу помала од државниот удар што и е нанесен на Македонија“, рече Калајџиев за ДВ утрово.

Полицијата од него барала да идентификува уште 15 други лица кои учествувале во фрлањето боја, а кои се гледале на видео-снимките. Калајџиев тоа го одбил. Според информации на ДВ, меѓу 15-те лица кои се гледале на снимките повеќето биле јавни личности.

Поканата за информативниот разговор на Калајџиев му ја предале полицајци, кои со службено полициско возило го дочекале пред неговиот дом, кога тој со синот се враќал од прошетка низ градот во неделата.

„Окото на Чавков“ снима сѐ

Од движењето #Протестирам за ДВ велат дека не се изненадени од ваквите активности на полицијата, кои од ден на ден заемаат се поголем замав.

„Веќе подолго време учесници во протестите се изложени на вербални закани од разни партиски апаратчици, на масовно снимање со полициски камери, на покани за информативни разговори“, велат од движењето.

Повеќе учесници во протестите веќе извесно време се наоѓаат во куќен притвор, а дел добија условни казни.

„Веројатно власта се надева дека на тој начин ќе ги демотивира демократските сили да се откажат од протестите. Но, тоа предизвикува само контраефект и уште поголем гнев и незадоволство“, велат од Протестирам за ДВ.

Митко Чавков, уште пред да биде вратен на министерската функција, кон крајот на април најави дека МВР поседува снимки од протестите, врз чија основа ќе бидат поднесени пријави против демонстранти. „Окото на Чавков“, како што го нарекуваат демонстрантите, продолжи да ги снима протестите со уфрлени полицајци.