1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се валка македонскиот јазик

29 август 2010

Медиумите го валкаат наместо да го негуваат македонскиот литературен јазик. Србизми, турцизми, сленгови, секојдневно зрачат од тв-приемниците. Лингвистите се загрижени од таквиот тренд.

https://p.dw.com/p/OynG
Негувањето на литературниот јазик е обврска на ситеФотографија: AP

„Допринос, руши, пази, страмота, иљаду, флаша, кобасици, потпарол“. Ова се најчестите грешки кои што можат да се слушнат во македонските медуими. Тие не го штедат и не го развиваат македонскиот литературен јазик, напротив на големо го валкаат и го расипуваат. Ова е впечатокот на соговорниците на Дојче веле, јавни личности, лингвисти, лектори, луѓе од медиумите. Некои од нив го нудат аргументот дека македонскиот јазик бил сиромашен и заради тоа морале да се служат со србизми, интеранционализми, турцизми. Но тоа не го прифаќаат јазичарите. Тврдат дека македонскиот јазик изобилува со зборови кои за жал малку ги познаваме. Анета Василевска Љубецки е лекторка во весникот „Време“. Многу и‘ пречи јазикот што го слуша во медиумите:

“Македонскиот јазик не е воопшто сиромашен. Не зборуваме само за стандардниот македонски јазик, туку за целиот јазик, со сето богатсво на дијалекти, зборови и жаргони“.

Грешат и новинарите

Многу грешки се прават во забавните емисии, квизови, шоу програмите и музичките емисии, но за жал литературниот јазик не се практикува ниту во информативните изданија дури и на вестите.

“Новинарите грешат, нема дилеми, но сите го прават тоа-политичарите, уметниците и квази- уметниците. Замислете како би изгледале македонските музички евергрини ако не воделе сметка за чистиот македонски јазик“, вели Тони Стојановски, уредник-коментатор во спортската редакција на А1.

Kinder vor dem Fernseher
Лоша услуга за младите генерацииФотографија: Bilderbox

Уметниците се повикуваат на својата слобода на изразување

Уметниците сметаат дека професијата им дозволува поголема слобода во изразувањето. Јован Јован е музичар и текстописец. Признава дека честопати не внимава како зборува.

“Во музиката никој не зборува литературно. Бидејќи ние сме уметници и уфрламе улични зборови, сленгови, тоа не‘ прави посебни. Ниту во Америка ѕвездите не зборуваат литературно, туку на сленг, за да бидат поблиску до луѓето“

Елвир Мекиќ се обидува да внимава кога пишува текст за некоја песна, но вели дека е поефектно кога може да експериментира со јазикот.

Предупредување од експертите

Др Валентина Миронски од Институтот за македонска литература објаснува: “Како што рекол во 19 век Димитрије Миладинов, ’многу жалам што ве учам, мои чеда, на туѓ јазик’, јас сега ќе кажам дека многу жалам што не водиме сметка за нашиот литературен јазик затоа што последиците ќе ги чуствуваме многу подоцна“.

Творците на хумористичното шоу К 15 беа многу критикувани дека со употребата на различните дијалекти и со сленгот што го зборуваат во скечевите го валкаат јазикот и го расипуваат речникот на младите. Бранко Огњановски, попознат како Миле Паника, одговора во негов стил.

“Во К 15 сите ликови се карикатури. Тие зборуваат на разно-разни дијалекти, кавадаречки, охридски, струмички. Ако сакате да слушате литературен јазик, пуштете пренос од седница на парламент. Таму, кој од кој, сите зборуваат литературно“.

И во право е Миле Паника. Политичарите многу малку внимаваат како зборуваат пред камерите. Последен пример на неприфатливо голема грешка има во новиот Закон за домување. Во еден дел од него пишува, цитат: Се забрануваат необезбедени саксии, кои со паѓање може да повредат, оштетат или го испрљаат минувачот или аутото под нив. “

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска