1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како САД ја принудија Бугарија да се откаже од Хуавеи

Џо Харпер
2 ноември 2020

Бугарија им се приклучи на останатите балкански земји и го потпиша безбедносниот договор со САД како дел од американската кампања да го исклучи Хуавеи од 5Г мрежата на глобално ниво. Софија и немаше баш некој избор.

https://p.dw.com/p/3kjm8
Belgien EU Gipfel | Bulgariens Premierminister Boyko Borissov
Фотографија: Olivier Matthys/AP Photo/picture-alliance

Бугарија минатата недела им се приклучи на останатите балканските земји и го потпиша безбедносниот договор со САД за брзи безжични интернет мрежи како дел од кампањата на администрацијата на Трамп да го исклучи Хуавеи од 5Г мрежата во светот. Вашингтон смета дека Хуавеи е закана за нивната национална безбедност, и на сојузниците, како и дека компанијата ја користи својата технологија да шпионира во корист на кинеската влада – тврдење за кое Пекинг вели дека е исклучиво мотивирано од американски комерцијални причини. Вашингтон веќе неколку години ги поттикнува своите сојузници да ја избегнуваат мрежната опрема од кинеските производители како ЗТЕ и Хуавеи, особено оние кои се користат за конструкција на 5Г мрежи.

Бугарија им се приклучи на регионалните соседи, Косово, Северна Македонија и Словенија, како и Словачка во потпишување на 5Г безбедносни договори со САД, како дел од таканаречената декларација за „Чиста мрежа“.

На листата земји кои до сега се приклучија кон ова се и Романија, Грција, Чешка, Полска, Шведска, Естонија, Данска и Латвија. Две Г7 земји, Италија и Велика Британија забранија вклучување на Хуавеи во изградбата на нивната 5Г мрежа, додека и покрај првичното одобрување, наскоро се очекуваат слични потези и од Германија,Франција Холандија, Швајцарија, Шпанија и Португалија

Бугарија на добар пат?
Со оглед на тоа што 5Г сѐ уште никаде не е пуштен во комерцијална употреба, ниту една компанија не нуди 5Г услуги. Но, три оператори на бугарскиот пазар – А1 Бугарија, Теленор и Виваком – веќе се подготвуваат да нудат 5Г услуги во периодот 2020/2021. Премиерот Бојко Борисов не кажа дали договорот со САД ќе влијае врз изборот на провајдери кои им се достапни на бугарските оператори. Според јавно достапните информации, Нокиа и Алкател – како и Хуавеи – се заинтересирани за развој на инфраструктурата за 5Г.

Но, Бугарија е среде политичка криза, со дополнително влошена ситуација поради пандемијата од Ковид 19 и економски проблеми. Бугарите веќе четврти месец протестираат барајќи оставки од премиерот Борисов и јавниот обвинител Иван Гешев, додека изборите во земјата се закажани за следниот март.

Повеќе:

Бугарија: Демонстрантите полагаат надежи во Европа

Минеков: Ова е војна на граѓаните против мафијата

Бугарија е најсиромашната земја во ЕУ, со околу 8.560 евра БДП по глава на жител, што е 20% помалку од Грција. Околу 22% од населението во 7 милионската држава живеат под прагот на сиромаштија. До крајот на годинава се очекува пад на економијата за 7,2%

Дополнително Брисел изрази загриженост за недостатокот на одговорност кај бугарскиот јавен обвинител, независноста на судството, непристрасноста на антикорупционерите, поврзаност на сопствениците на медиуми со политички сили и вознемирување на новинари. Според Транспаренси интернешнл, Бугарија има највисок степен на подложност за корупција во ЕУ. Според индексот на владеење на правото на Светскиот проект за правосудство Бугарија е на ранг на Русија во однос на корупција на владино ниво.

Дел од клубот

Токму во овој контекст во август американскиот државен секретар Мајк Помпео при посетата на централна Европа предупреди од влијанието на Русија и Кина на континентот. Истиот месец администрацијата на Трамп ја најави програмата за „Чиста мрежа“ за спротивставување на „долгорочните закани врз приватната сфера на податоци, безбедноста и човекови права кои во слободниот свет доаѓаат од авторитарните канцерогени актери, како што е кинеската Комунистичка партија."

"Потегот на Бугарија е резултат на дипломатската турнеја на Мајк Помпео во Европа," вели за ДВ, Јан Мус, експерт за Балканот во Варшава.

„Америка преговара со секоја од земјите посебно, ветувајќи им одредени зделки - економски или политички. Ова го одразува американското влијание во регионот и нивната мека моќ. Сите во регионот сакаат да бидат ‘сојузникот’ на САД и/или дел од позитивните вести посветени на успешна американска дипломатска посета," смета Мус.

Повеќе:

Хуавеи и ЕУ: Без забрана, но со ограничувања

Хуавеи ја тужи американската влада

И други се согласуваат со ова. „Одлуката на Бугарија може да се објасни со силната политичка порака од САД која ја пренесе заменикот државен секретар Кит Крах, кој неделава е во посета на Бугарија и регионот," вели за ДВ, Георги Кадиев, пратеник од опозицијата. „Ниту 5Г, ниту Хуавеи се тема во Бугарија во светло на актуелната политичка криза, со избори за шест месеци, сѐ поизвесен локдаун и секојдневни анти-владини протести."

Кадиев вели дека владата најверојатно се приклучила кон овој договор за да избегне да биде притисната и испрашувана од САД за корупција и други чувствителни теми.

Кина и Русија вршат притисок

Кон крајот на минатата година рускиот претседател Владимир Путин го изрази незадоволството од бугарското одлагање на изградбата на транс-балканскиот гасовод на нивна територија, со кој ќе се овозможи рускиот природен гас кој поминува низ руско – турскиот гасовод да се испорачува до другите европски земји. Во меѓувреме Борисов, во 2019, разговараше со Трамп за можноста неговата земја да се снабдува со американски течен природен гас (ЛНГ).

Потоа тука е и Кина.

"Од почетокот на глобалното ширење на Ковид 19, Кина станува сѐ поагресивна во однос на нејзината надворешна политика и воени активности што ги предизвикуваат европските земји да ја преиспитаат природата на режимот и нивните билатерални односи со земјата," вели Николас Ефтимиадес, професор на програмата за разузнавање на Пен Стејт Универзитетот.

повеќе: Кинеската мрежа на Балканот

„САД успешно ја спроведува кампањата за да го информира светот за  потенцијалните слаби точки својствени на 5Г мрежите. Комбинацијата на кинеското автократско однесување на глобално ниво и новооткриената свест за ранливоста на 5Г мрежата е причина поради која европските земји го отфрлаат Хуавеи."

Бајден ќе го задржи истиот курс?
„Не очекувам дека администрацијата на Бајден значително ќе ја смени позицијата на САД во однос на Хуавеи поради импликации врз националната безбедност," проценува Ефтимијадес.

„Многу поверојатно администрацијата на Бајден ќе потпадне под политиката на Пекинг. Но, американско-кинеските односи се тема која ги засега сите партии во Конгресот што ќе ги ограничи активностите на идниот претседател."

„Бугарија има генерално русофилско население и влада која се обидува да лавира меѓу Русија и САД, како и меѓу Турција и ЕУ. Според мене следната бугарска влада, со избори закажани за крајот на март, ќе биде принудена да заземе поцврст про-американски став," заклучува Кадиев.

Мус од друга страна е поскептичен.

„Земајќи го предвид фактот дека Обама еднаш се повлече од договорот кој претходно го направи со Полска против Русија, и случајот на Курдите оставени сами на себе на Блискиот Исток, застанување на страната на САД против Кина се чини ризичен потег," вели тој.