Како да се спречи нова финансиска криза?
10 јуни 2009Главното прашање што го окупираше вниманието на министрите за финансии беше: како да се спречи нова финансиска криза? Според мислењето на Европската комисија, голема грешка било тоа што националните служби за надзор врз работењето на финансиските институции минатата есен немале доволна меѓусебна координација. За да се надмине таквата слабост во европскиот систем, Комисијата предлага создавање две нови институции: првата би бил „Европски совет за системски ризици“, кој би работел во рамките на Европската централна банка. А втората би подразбирала меѓусебно поврзување на надзорните органи на земјите-членки за работењето на банкарскиот сектор. Обете нови институции би имале задача да ги насетат навреме заканувачките кризи и да предложат противмерки.
Согласност, но и задршки
Меѓу министрите владееше принципелна согласност дека е неопходна подобра координација на националните органи на тој план. Но, Велика Британија, како земја во која финансискиот капитал игра важна улога, се противи на преголемо мешање однадвор. И германскиот министер за финансии Пер Штајнбрик сака прво детално да се запознае со поединостите од предлогот на Европската комисија: „Ако европските институции имаат поинаков став од националните служби и дадат обврзувачки препораки, прашање е како тоа ќе се одрази на националниот буџет? Дали со тоа не се одзема дел од надлежностите на националните парламенти?“
На средбата во Луксембург министрите за финансии разговараа и за големите јавни задолжувања во земјите-членки поради големите конјунктурни програми што националните влади ги донесоа со цел да ја амортизираат светската финансиска и економска криза. Според надлежниот еврокомесар Жоакин Алмуниа, во моментов тоа не е проблем, но штом стопанството ќе почне да се опоравува, министрите за финансии ќе треба повторно да се погрижат за консолидирање на националните буџети.
Автор: Кристоф Хаселбах/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска