1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се реагира на бугарската понуда?

11 март 2010

Во македонското министерство за надворешни работи се‘ уште се анализира понудата на Софија за бугарско-македонски договор за добрососедство. Тоа што договорот е предмет на анализа веќе 4 месеци, зборува за резерви.

https://p.dw.com/p/MPPF
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage
Бугарија посакува и инсистира на меѓудржавен договор за пријателство со Македонија. Да не беше деновиве реакцијата од Софија, македонските власти веројатно уште подолго време ќе го одмолчуваа овој документ што во Скопје е пристигнат пред неколку месеци, по разговорите на премиерите Борисов и Груевски.

Вчерашната (10.03.2010) реакција од Министерството за надворешни работи во Скопје дека се‘ уште се анализира понудениот документ од Софија за македонско-бугарски договор за добрососедство, покажува дека македонските власти имаат резерви кон тајмингот, но пред се‘ кон одредени одредби - како да се третира грижата за малцинствата, или како што официјални претставници во Софија инсистираат на „немалтретирање на граѓаните со бугарски чувства во Македонија“. Истовремено, кај соседот се нагласува „говорот на омраза и своевидното антибуграско расположение што се детектирани кај дел од македонските медиуми и весници“. За овој тип на ограничувачка атмосфера за меѓудржавна соработка говореа претседателот Георги Прванов и премиерот Бојко Борисов на одделните средби со македонскиот тандем Иванов-Груевски.

„Во време кога Македонија бара членство во ЕУ И НАТО, се настојува Македонија посилно да биде обврзана на меѓународното право и човековите слободи, на заштита на националниот и јазичен идентитет на граѓаните кои се чувствуваат како Бугари и дека Македонија треба да се обврзе на овие норми“, коментира за Дојче веле професорот Ѓорги Спасов екс -амбасадор во Бугарија.

Во понудениот договор за добрососедство се нудат и приоритети во инфраструктурното и енергетско поврзување, но и заедничко одбележување на личностите и настаните што имаат историски значења за двете соседни земји.

Софија со понудата сака да има средство за притисок?

Договорот за добрососедство е продолжение на Декларацијата за пријателство што пред една деценинја го потпишаа тогашните премиери Георгиевски и Костов, при што е избегнато признавањето на македонскиот јазик со формулација дека договорот е потпишан на уставните јазици на двете држави. Бугарските официјални претставници се незадоволни и од третирањето на историското присутво во јавноста и образованието, кога Бугарија е претставена како фашистички соработник или окупатор на денешните македонски простори.

Gorge Ivanov und Georgi Prvanov
Претседателите на двете земји - Георги Прванов и Ѓорги ИвановФотографија: AP

Еден од поранешните министри за надворешни работи кој сака да остане анонимен, за Дојче веле коментира дека Бугарија со Декларацијата инсистирала на копирање на решенијата од времената грчко-македонска спогодба. Според него, со извесноста на компромисот околу името стануваат реална евроинтеграцијата на Македонија, при што Бугарија со меѓудржавен договор сака да ја обврзе Македонија на поцврсти гаранции, кои доколку не бидат исполнети ќе дадат шанса на Софија за притисок, па дури и вето за одделни фази од преговарачките поглавја пред приемот во Унијата.

Отворање на историското наследство?

Сличен став има и професорот Јован Донев од „Евробалкан“: „Понуениот договор треба да се анализира од два аспекти - желба да се гради политика на добрососедство или Бугарија се приближува кон грчката политика во однос на името и се смета дека Македонија би можела да попушти, што пак, на Бугарија и‘ отвора шасна за отворање на историското наследство.“

Историчарот Донев за Дојче веле кажа - заедничките историски личности и настани би можеле да се одбележуваат, но притоа да се има предвид чувствителноста за некои проценки за 19 и 20 век. Според Донев, тоа би можеле да го надминат заедничките комисии за оценка и верификација на историските процеси и личности.

„Со прашањата за оценка на зедничките настани од 19 век и ослободителните војни во тој период ќе најдете многу бугарско-српски, грчко-македонски, српско-бугарски чествувања на настаните од тие историски времиња, но сепак тоа се комлексни прашања кои треба да им се остават на научниците и заедничките историски комисии“, оценува Донев.

Индикативно е дека државната посета на бугарскиот претседател Прванов на Македонија се подготвува веќе трет месец, иако претседателот Иванов уште во Банско ја најави за средината на јануари. Двајцата тогаш иницираа и скопска интерактивна средба на политичари, научници и новинари околу кампањите на омраза и непримерна реторика на дискредитации во одделни медиуми во двете земји, но Бугарија смета дека одделни македонски весници и телевизии предничат со бугарофобство.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска