1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да се вработат младите во Европа?

Штефани Хепнер/Жана Ацеска24 јуни 2014

Петер Харц, „изумителот“ на реформата на германскиот пазар на труд од 2010 година, повторно се враќа во јавноста, со нов концепт против невработеноста на младите.

https://p.dw.com/p/1CP76
Фотографија: picture-alliance/dpa

Да се заработат првите сопствени пари, да се собере работно искуство, можеби да се основа свое семејство: за многумина млади луѓе во Европа овој животен пат станува речиси недостижен. Тие се невработени, без вистинска перспектива. Според најновите статистики од јужноевропските економски кризни земји како Шпанија и Грција, се‘уште 50 до 60 проценти од младите се без работа, во европски рамки-над пет милиони. И по многу самити и дискусии, подобрување не е на повидок.

Конгресот во Саарбрикен во Германија што ќе трае до утре сака да понуди решение за проблемот, приближувајќи му се од друг аспект-според организаторите, ова е прв собир кој експлицитно се занимава со методите и инструментите против невработеноста кај младите, а иницијатор е Петер Харц. Според него, напорите на ЕУ на овој план не се доволни, па тој има свој предлог. Идејата на ЕУ со „гаранцијата за младите“ е добра, но недостига примена, изјави тој.

„Гаранцијата за младите“ предвидува невработените млади до 25 години во рок од четири месеци да треба да добијат работно место, обука низ работа или практикантско место. За таа цел од септември 2013 година на располагање стојат вкупно чест милијарди евра. Но, за да ги добијат парите, ЕУ-државите треба на ЕК да и‘ достават концепти, при што единствено активна досега била Франција.

Харц бара многу повеќе пари: „Ако сакаме да го решиме проблемот со невработеноста на младината, потребни ни се други суми“.

Неговите пресметки покажуваат-потребни се 215 милијарди евра.

„Старите“ податоци веќе не се доволни

Харц, „пронаоѓачот“ на германската Агенда 2010, затоа гледа потреба од акција и ја основаше иницијативата „Еуропапатриатес“. Основната идеја е младите луѓе да бидат образувани во економски посилните држави и таму да добиваат работа. Со работно искуство, тие по неколку месеци или години се враќаат во татковината. Истовремено, земјите на потекло и сами треба да добијат поддршка за да можат да отворат работни места. Одењето во друга европска земја секако не е лесно, Конгресот планира да претстави погодни концепти и инструменти за тоа.

Еден од методите е т.н. дијагностика на таленти. Замислено е таа да го промени досегашниот пат на конкурирање за работа. Андреас Фринтруп од ХР Диагностикс АГ ја објаснува идејата:

„Досега се вршеше потпирање на биографските податоци, на пример, какво образование има некој, какви формални предуслови исполнува“. При дијагностиката на талент овие податоци веќе не се доволни. Посебно ако оној што конкурира доаѓа од друга европска држава.

„Формалните школски дипломи во Германија и Франција на пример не се споредливи“. Кон ова доаѓа фактот што могу од младите немаат образование низ работа.

„Ако нема таква обука, не постои ниту билет за да се биде мобилен во надрегионални рамки, или да се замине во странство“, вели Фринтруп.

Нови механизми

Затоа, потребна е нова форма на конкурирање, смета експертот.

„Дијагностиката на таленти во прв план го става човекот со прашање: што знае оваа личност, за што се интересира, кои и‘ се определбите“.

Во процесот се вклучува и софтвер, кој треба да пронајде каква работа одговара на конкретната личност. Научниците развиле истовремено и систем со кој се испитува потребата од професии во одделни европски региони, изградбата на овие помагала меѓутоа се‘ уште не е завршена.

„Прашањето е: како да се постигне мобилност: таа може да се постигне преку стручната квалификација или преку докажување на афинитетите преку други форми“, објаснува Фринтруп. Ваквиот пристап, од аспект на претпријатијата, е интересен, зашто така можат да најдат соодветни соработници, без оглед на формалните дипломи.

И експертот за пазар на трудот, Јута Штајнрук, европратеник од германската СПД, ја поздравува новата иницијатива.

„Добро е се‘ што води кон наоѓање решенија, но економскиот пораст и структурните реформи и натаму остануваат неопходни“, вели таа. Европратеничкaта би сакала повеќе притисок и принуда отколку факултативност во справувањето со невработеноста кај младите.

Зашто: „Имаме искуство- оној кој непосредно по училиштето или факултетот не добие влез во професионалниот живот, ќе има енормни тешкотии во натамошниот живот“, вели Штајнрук.