1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви вредности пренесуваат филмот и телевизијата?

Јохен Киртен/ Симе Недевски8 ноември 2014

Киното и телевизијата првенствено целат да ги забавуваат луѓето. Но често во заднина се крие нешто друго. На германските режисери, автори и телевизиски уредници им е важно на кој начин се пренесуваат општите вредности.

https://p.dw.com/p/1DgXU
Фотографија: NDR

„Мартин Лутер велеше дека треба да се слуша што зборуваат луѓето.“ Ања Вирцберг е телевизиски уредник и често при работењето се повикува на познатиот телошки и верски реформатор. На крајот е најважно да им се доближите на гледачите: „Секојдневно размислувам како можеме да ги раскажеме и со каква драматизација да ги емитуваме темите кои се однесуваат на религија, вера и духовност.“

„Мора да се допре до младите“

Како успешен пример Вирзберг ја наведува телевизиската емисија „Празник! Сенгелман бара...“ во која глумецот и теолог Јан Сенгелман (насловна фотографија) на забавен начин ги бара корените на христијанските и нехристијанските празници. Ања Вирцберг доѓа од побожно семејство. На покраинскиот телевизиски канал НДР е одговорна за рубриката „Религија и економија“ и притоа и’ е исклучително важно целна група да е младата од вообичаената публика. Според државниот Договор за јавна телевизија, германската радиотелевизија има задача да ја информира и образува публиката, вели Вирцберг.

Anja Würzberg (NDR/Kultur & Geseelschaft)
Ања ВирцбергФотографија: DW/M. Müller

Меѓутоа, задача на јавната телевизија е и да пренесува вредности, што претставува најголем предизвик. На одреден начин тоа го прават информативните или репортажните емисии. Но беше важно да се допре до луѓето кои не гледаат такви формати, кои повеќе гледаат забавни емисии, филмови или серии: „Двете целни групи заслужија да бидат запознаени со тие теми“, нагласува Вирцберг.

Западна христијанско-еврејска традиција

Познатиот сценарист Фред Брајнерсдорфер е критичен кон црквите во Германија. „Јас не сум верник и секогаш сум скептичен кон црквите.“ Сепак, Брајнерсдорфер признава дека работи во средина со „западна христијанско-еврејска традиција“. „Гледам и позитивни дела на црквите“, вели тој но додава дека тие, иако, малку заостанале, на крајот со мала задршка сепак дале одговори на времето во кое живееме. Тој повеќе се гледа во улога на адвокат на просветителската традиција, застапувајќи го „природниот концепт на вредности“. Брајнерсдорфер со години е еден од најпризнатите филмски и телевизиски автори во Германија.

Fred Breinersdorfer (Drehbuchautor)
Фред БрајнерсдорферФотографија: DW/M. Müller

Веќе напиша околу 20 сценарија за популарната криминалистичка серија Таторт. На широката јавност и стана познат во 2005. година кога филмот „Софи Шол-последните денови“, за кој го напиша сценариото, беше номиниран за Оскар. Моментално работи заедно со режисерот Оливер Хиршбигел на новиот филм за Георг Елсер, неуспешниот атентатор на Хитлер.

Однос кон тиранијата и диктатурата

За Брајнерсдорф и двата филма се добри примери за пренесување на универзални вредности. „Со Софи Шол претставивме филм кој донесе разбирање за германскиот отпор“, истакнува тој. Наредната година, на 70-тата годишнина од завршувањето на Втората светска војна, во кината би требало да се појави филмот за Георг Елснер: „Токму филмот за убиецот на тиранинот е многу актуелен“, вели Брајнерсдорф. Тој истакнува дека во Германија треба да се размисли за какви вредности се залага, кога Исламска држава вели: „Младите луѓе заминуваат од вас бидејќи не можат да ги пронајдат вредностите кои ги имате.“

Всушност во сите негови филмови станува збор за вредносните одлуки или конфликти. „Во секоја филмска идеја пред се’ се работи за луѓето, трагедиите на тие егзистенцијални одлуки“ вели Брајнерсдорф и додава оти тие филмови секогаш имале врска со тоа дека на луѓето им треба внатрешен компас, кој се вика вредност. „Тоа можат да бидат христијански вредности, вредности на други религии или природни вредности. Станува збор за вредности, за конфликти- а од конфликтите се создаваат филмови.“

Deutschland Film Filmszene Die letzten Tage Geschwister Scholl
Сцена од филмот „Софи Шол-последните денови“Фотографија: picture alliance/dpa

Телевизијата не е само за забава

Хорст-Петер Кол веќе со години го интересира како кино филмовите пренесуваат вредности. На долгогодишниот главен уредник на католичкиот весник Филм-Динст му е важно на гледачите да им даде насока да препознаат како се пренесуваат вредностите: „Не е тоа секогаш едноставно, бидејќи многумина го гледаат киното како медиум наменет исклучиво за забава.“ Но, како што вели, во секој филм се зборува за вредности, без разлика дали има забавен, уметнички или документарен карактер.

Како неодамнешен пример Хорст Петер Кол го наведува филмот „Во недела ќе умреш“ кој во моментов се прикажува во германските кина. Во него станува збор за ирски свештеник кој е известен дека за 7 дена ќе биде убиен. Со христијанската заднина на приказната, филмот е возбудлив и поучен за гледачите со секуларни погледи. „Во филмот не се пренесуваат вредности, туку се поставуваат прашањата: Како на тоа реагира свештеникот? Како се справува со тоа? Има ли пристап до светот? Како се справува со својата вера?“, објаснува Кол.

Filmszene Am Sonntag bist du Tot Calvary
Сцена од филмот „Во недела ќе умреш“Фотографија: 2014 Ascot Elite Filmverleih GmbH

Не треба да се покажува со прст

Без разлика да ли се работи за забавни телевизиски емисии, „сериозен“ телевизиски или кино филм, без разлика дали е со христијанска тематика или општа тематика со историска или општествена заднина- новинарите, авторите и режисерите се согласуваат во една работа: Кога станува збор за пренесување на вредности, тогаш забавниот елемент во филмовите или телевизиските емисии е исклучително важен. Мора да се слуша што зборуваат луѓето. Најлошо што може да се направи во различни медиуми во текот на пренесување на вредонстите е да се покажува со прст. Бидејќи тогаш луѓето заминуваат.