1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Итно потребни решенија за кризите

Нина Веркхојзер/Б. Г.6 февруари 2015

Среде ескалацијата на кризата во Украина и на Блискиот исток, во Монхен почнува 51. Конференција за безбедност. 400 политичари и експерти до недела ќе расправаат за патиштата за излез од кризата

https://p.dw.com/p/1EWNr
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

Постои добра причина зошто очите на светот викендов се свртени кон Минхен: во време кога официјалната кризна дипломатија не се мрднува од место, Конференцијата за безбедност нуди можност за нови решенија- или барем за потрага по нив. Причина се бруталната војна на терористичката група Исламска држава и борбите на истокот на Украина во кои досега загинаа повеќе од 5 илјади луѓе. Годинава дневниот ред на конференцијата го одредува искуството „нарушување на светскиот поредок“, вели претседателот на конференцијата Волфганг Ишингер во разговор за ДВ. „Колку е кризата посериозна, толку конференцијата е поважна, и тоа за оние државници кои мораат да пронајдат решение за судирите“.

Расте притисокот врз Русија

Ќе има и повеќе од доволно теми за кои треба да расправаат 20 шефови на држави и влади, 60 министри за надворешни работи и одбрана, како и бројни експерти кои се состануваат во хотелот „Бајеришер Хоф“ (на насловната фотографија). Расправите нема да се одржуваат само на официјалните средби, туку и во хотелските соби чии ѕидови веќе „проголтале“ многу остри полемики. Со украинскиот претседател Петро Порошенко и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров како учесници, ќе дојде до средба на противници во судирот кој предизвика ново „ледено доба“ во односите меѓу Русија и Западот.

Германската канцеларка Ангела Меркел доаѓа на конференцијата откако заедно со францускиот претседател Франсоа Оланд во Киев и Москва разговараше со претседателите Порошенко и Путин. Меркел, која постојано го повикува Путин на компромис, и натаму се надева на дипломатско решение на судирот и одбива испорака на оружје на украинската армија. И американскиот потпретседател Џо Бајден, кој предводи голема делегација, се изјасни против испораката на офанзивно оружје, но остро ги критикува постапките на Москва во Украина. САД се подготвени да ја зголемат цената за агресивното руско однесување, изјави Бајден за весникот „Зиддојче цајтунг“, тврдејќи дека се работи за безбедноста на Европа.

Münchner Sicherheitskonferenz
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

Која е улогата на Германија?

Тоа што германската влада интензивно се ангажира во дипломатското решавање на судирот во Украина, е во согласност со најавите од минатогодишната конференција кога германскиот претседател, министерот за надворешни работи и одбрана ветија зголемен германски ангажман во решавањето на меѓународните кризи. Под тоа се подразбираше и испорака на оружје на Курдите во Ирак, како и нивна обука.

Од перспектива на Обединетите нации, Германија може и повеќе да стори.

„Би било добро да ги видиме германските ресурси и во Африка“, вели заменикот генерален секретар на ОН, Јан Елијасон.

Долга традиција

Минхенската конференција се смета за најважна безбедносна конференција во Европа, пред сѐ поради големиот број угледни учесници. Оној кој има некоја порака во Минхен може да му ја соопшти на светот, и притоа да биде сигурен дека таа ќе допре до сите медиуми. Таквиот углед, конференцијата го градеше со децении. По нејзиното основање во 1963 година, таа воглавно се занимаваше со развој на армијата. Во конференциските сали доминираа униформи. Конференцијата на почетокот им беше наменета на транс-атлантските односи, но во 90-те години им ја отвори вратата и на другите светски региони. Од терористичките напади на 11 септември 2001 година, програмата на собирот ја одредуваат светските кризни жаришта. Конференција, токму поради својот информативен карактер, може да даде поттик кој подоцна може да биде претворен во реална политика.