1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Итен состанок во ЕУ поради Газа

30 декември 2008

Поради драматичниот развој на настаните на Блискиот Исток, Франција на претпоследниот ден од претседателствувањето со ЕУ свика итен состанок на министрите за надворешни работи на Унијата. Средбата е во Париз.

https://p.dw.com/p/GPEW
Ситуацијата во Газа и како да се реши конфликтот: тема на министрите за надворешни работи на ЕУФотографија: AP

Состанокот на европските шефови на дипломатиите е свикан по синоќешниот телефонски разговор меѓу францускиот претседател Никола Саркози и неговиот египетски колега Хосни Мубарак. Двајцата изјавија дека опширно разговарале за ситуацијата во појасот Газа и на Блискиот Исток, како и за можните решенија за кризата. Мубарак и Саркози и во следниве денови ќе останат во близок контакт.

Како што соопшти француското претседателство со Унијата и министрите за надворешни работи на ЕУ, денеска во Париз ќе разговараат за ситуацијата во Газа, но и околу можните мерки што може да ги преземе Унијата со цел да се реши сегашната криза.

EU-Außenministertreffen in Bremen am 30.03.2007
Солана: нападите ја отежнуваат потрагата по мирФотографија: picture alliance / dpa

Шварценберг не очекува ЕУ да има големо влијание

Чешкиот министер за надворешни работи, Карел Шварценберг, чија земја од први јануари го презема претседателството со ЕУ, смета дека Унијата има многу мали шанси да влијае врз страните во конфликтот на Блискиот Исток. „Можеме само да ги сослушаме, да стапиме во интензивен контакт со двете страни, но не со Хамас, туку со палестинската страна, за да дојдеме до разумно решение“, рече Шварценберг. Тој додаде дека сепак се сомнева оти ЕУ може да влијае врз запирањето на судирите и спиралата на насилство на Блискиот Исток.

Само пред неколку денови израелските напади во Газа ги критикуваше европскиот претставник за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана. Тој рече дека резултат од нападите се „неприфатливите загуби меѓу палестинското цивилно население“. Солана нагласи дека нападите ја отежнуваат потрагата по мир. И на крајот додаде дека ЕУ е подготвена повторно да ја преземе набљудувачката мисија на граничниот премин „Рафа“.

ЕК апелираше за запирање на насилствата

По најновите израелски напади во Газа, и Европската комисија ги повика Израелците и Палестинците „да се воздржат во своите акции и реакции“. Еврокомесарката за надворешни односи, Бенита Фереро Валднер, побара од страните во конфликтот да „ја запрат ескалацијата на насилството што го загрозува цивилното население“. Фереро Валднер е длабоко загрижена поради израелските напади врз Газа и побара од двете страни да му се вратат на примирјето.