1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија: перфидни интриги на Ренци

Барбара Везел
15 јануари 2021

Среде корона-пандемија најмалиот коалициски партнер ја втурна италијанската влада во опасна криза. Критичарите велат дека виновен е исклучиво партискиот шеф Матео Ренци и неговиот порив да добие признание.

https://p.dw.com/p/3nxXo
Italien Regierung Matteo Renzi 17.02.2014
Фотографија: Getty Images

Бесот во јавноста за најновата владина криза во Италија е највидлив на твитер. Под хаштагот „RenziVergogna" (срам за Рензи) се множат пораки полни со презир и лутина за Матео Ренци бидејќи без причина ја втурна во криза владата на Конте. „Ренци е најголемата змија “, неодговорен е и „неговата партија ќе заврши на буништето на историјата“, се вели во пораките. Пораката дека „Ренци е јасна, актуелна закана за Италија“ алудира на постапката за импичмент против Доналд Трамп.

Поранешниот лидер на социјалистите и шеф на „Италија Вива“ во средата ги повлече двајцата свои министри од владата на премиерот Џузепе Конти. Италија се прашува кои му се мотивите на Ренци. „Во овие опасни времиња не можете да ја рушите владата“, вели цвеќарот Клаудио од Милано. И сопственикот на една кафетерија е исто така незадоволен. „Она што го изјавува Ренци во медиумите и тоа што практично го прави во владата се две сосем различни работи. Тој е ист како сите италијански политичари.“ И Марија Антонита која си го шеташе кучето на улица е лута. „Неодговорно е вакво нешто среде епидемија. Тотално непотребно и без никаква реална причина“, вели таа.

Bildkombo | Italien | Passantin und Blumenverkäufer in Mailand
Марија Антонита и цвеќарот Клаудио

 „Разорувачот“

 „Не гледам никаква друга политичка причина (за кризата) освен личниот порив на Матео Ренци за камбек,“ изјави поранешниот премиер Енрико Лета за Си Ен Би Си. Во 2014 Лета беше премиер од редовите на социјалистите, а денес раководи со Факултетот за политикологија на Институтот за наука По во Париз. Лично ја има почуствувано немилосрдноста на Ренци. „Енрико остани смирен“, го советуваше тогаш јавно како лидер на партијата, за потоа да му направи пуч, да го отстрани од позицијата и самиот да дојде на негово место. Оваа реченица во Италија стана синоним за политичко предавство.

Од тогаш Ренци пред сѐ самиот си ја саботира политичката кариера која на почеток ветуваше да биде успешна. Популарноста му е на најниско ниво, а неговата нова партија во анкетите има само околу три проценти поддршка. Поради неговата тенденција да руши се околу себе го доби прекарот „разорувач“. Има многу причини за вознемиреност, вели Енрико Лета: „Сега сме во еден вид ‘слепа криза’ бидејќи никој нема идеја за решение.“ Кризата во Италија е лоша и за Европа, бидејќи ЕУ беше на добар пат, а сега со Италија постои закана од повторно отворање на многу европски проблеми. 

Enrico Letta
Енрико Лета, поранешен италијански премиерФотографија: Iimago/Independent Photo Agency

Избори во сенка на пандемијата?

Уште пред пандемијата Матео Ренци се обидел да се врати во центарот на италијанската политика, потсетува Енрико Лета. Сега, среде пандемијата, повторно се стасало до истата точка: „Мора да ја сопреме пандемијата, потребна ни е кампања за вакцинирање, има толку горливи проблеми и затоа мислам дека оваа владина криза навистина е неодговорна”.

Кои се можните решенија? Конте во следните денови ќе се обиде со неколку независни пратеници да формира нова влада. Тоа би бил кабинетот Конте III и обид за 67 италијанска влада по крајот на војната. Ако тоа не успее, претседателот Матарела би можел да се обиде да формира влада на национално единство за што се споменува името на поранешниот шеф на Централната банка на ЕУ, Марио Драги.

Повеќе:

-Италија и Австрија во локдаун, Европа во клештите на Ковид-19

-Безредија на корона-протестите во Италија

-Коронавирус: Италија пркоси на втор бран

Можно е дури и учество на поранешниот претседател Силвио Берлускони, кој би бил дел од влада на социјалисти, популисти и конзервативни. Дури и за италијански околности тоа би било интересен политички микс.

Останува и опцијата за предвремени избори. „Тоа би било најлошото сценарио”, вели Енрико Лета, “бидејќи во Италија не може да се одржат за две недели. Последица би бил долг период на нестабилност”.

Italien Rom | Giuseppe Conte, Ministerpräsident
Италијанскиот премиер Џузепе КонтеФотографија: Remo Casilli/REUTERS

Луиџи Скациери од лондонскиот тинк-тенк „Центар за европски реформи” смета дека тоа е речиси исклучено:„Ниту една од големите партии не посакува предвремени избори. Дури и Матео Салвини би размислил дали среде пандемија сака во влада или сепак би почекал до 2023 на регуларни избори”.

Само една епизода во италијанскиот политички театар

„Ренци има огромно его”, вели Скациери за ДВ. Ја користел секоја прилика за да го полира својот профил и бил подготвен да преземе огромни ризици“. Тој се коцка за да се ослободи од Конте кој е прилично популарен и стана почитичка сила сам за себе”. Ренци во владата бил „тринаесетто прасе” и тоа веќе не му било доволно“. Многумина го сметаат за сосема неодговорен бидејќи луѓето не можат да ги сварат таквите политички игри во време на пандемија”.  Но, ако се слуша неговата пресконференција од средата вечер, може да се чита меѓу редови дека Ренци можеби би бил задоволен и со ушре едно министерско место. Значи става сѐ на коцка за релативно мала корист.

„Дури и за Италијанците таквиот политички театар е тешко разбирлив", вели Артурио Варвели од „Советот за надворешни односи” во Рим. Но, Матео Ренци според него имал и причини да го напаѓа Конте. „Има право бидејќи владата лошо го постави фондот за повторна обнова и лошо ја менаџираше пандемијата. Беа направени многу грешки.” Џузепе Конте бил добар политичар во типично италијански стил. „Едноставно само продолжува без да преземе нешто”.

Италија: Борба за најнужното

Има причини за критика

И покрај оправданата критика за владата сепак егото на Ренци е предизвикувач на кризата. И Варвели смета дека се можни неколку опции: Конте би можел да состави нова коалиција или Ренци да ја добие играта, а сегашната коалиција да биде предводена од друг премиер. Според него, на шефот на „Италија вива” целта му била да се ослободи од Конте. Влада на национално единство под водство на технократ премиер тој лично смета дека е најдобра опција, но политички за најмалку веројатната, вели Варвели. „Ситуацијата е тешка и за Европа бидејќи Конте ужива голема доверба, тој беше величина и во ЕУ”. Но, се уште имал шанса да спаси глава, смета експертот за политика. Не било исклучено, премиерот да може да ги ‘глетува пукнатините’.