1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија може скапо да ја чини загадувањето на воздухот

СН/агенции
10 ноември 2020

Меѓу 2008 и 2017 година, Италија „систематски“ ја прекршувала европската директива за ситни честички во воздухот. Вака гласи пресудата на Европскиот суд на правдата (ЕСП) објавена денеска во Луксембург.

https://p.dw.com/p/3l694
Italien I Luftverschmutzung in Mailand
Италијанскиот град Милано, обвиен во смогФотографија: picture-alliance/dpa/La Presse/C. Furlan

Судот на правдата на ЕУ пресуди денеска дека Италија „го прекршила европскиот закон за квалитетот на воздухот“ затоа што „систематски и упорно“ ги надминувала граничните вредности поставени за ситни честички во воздухот.

ЕСП „констатира дека од 2008 година заклучно со 2017 година, дневните и годишните гранични вредности одредени за честичките ПМ10 редовно се надминати“ во одредени области во Италија, оти „Италија очигледно не ги усвоила мерките на време“ за да гарантира почитување на граничните вредности.

Luxemburg | Europäischer Gerichtshof: EuGH-Urteil zum ungarischen NGO-Gesetz
Седиштето на Европскиот суд на правдата во ЛуксембургФотографија: picture-alliance/dpa/A. Immanuel Bänsch

Судот на тој начин ја прифати тужбата поднесена од Европската комисија во 2018 година. Пресудата може скапо да ја чини  Италија, бидејќи Комисијата сега може да поднесе барање за финансиски санкции поради утврдено кршење на договорот.

Повеќе:

-Студија: 15 проценти од смртните случаи од Ковид-19 се должат веројатно на загаден воздух

-Смртоносен воздух во Европа

-Балкан: Најлошиот воздух во светот

ПМ10 честичките настануваат во сообраќајот од моторите на внатрешно согорување, но исто така и од абење на гумите. Други извори се на пример индустријата, електраните, греењето на дрва и огнометите.

Болестите како астма, кардиоваскуларните проблеми и ракот на белите дробови, честопати се директно поврзани со загадувањето на воздухот,  истакнува Еврокомисијата. Загадувањето на воздухот е причина за околу 480.000 предвремени смртни случаи во Европа, покажуваат податоците на Европската агенција за заштита на животната средина.

Италија, инаку, не е единствената европска земја која е осудена поради загадување на воздухот, Франција беше, исто така, осудена во 2019, а Полска во 2018 година.

Пред Европскиот суд на правдата пред две години беше поднесена тужба и против Германија, но овој случај обвинението е за пречекорувањето на граничните вредности на ЕУ за азотни оксиди.