1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

ДИК под лупа на истражителите

ДТЗ /ДВ
5 ноември 2020

Четворица вработени во Државната изборна комисија и едно правно лице се во фокусот на последната истрага. Обвинителството пронашло пропусти во набавката на софтверот, Деркоски вели дека се е законски и транспарентно

https://p.dw.com/p/3kvYw
Nord-Mazedonien Wahlkommission | Oliver Derkoski, Präsident der Wahlkommission
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Четворица вработени во Државната изборна комисија и едно правно лице се најдоа во фокусот на последната истрага којашто ја започна Обвинителството за организиран криминал и корупција, поради набавка на софтвер за предвремените парламентарни избори.Вработените во ДИК, меѓу кои и претседателот Оливер Дерковски се осомничени за злоупотреби при набавката на софтвер со директна спогодба, една недела пред парламентарните избори на 15 јули. Под истрага е и сопственикот и управител на правното лице Дуна коешто го доби тендерот. Утврдено било дека програмата не била тестирана воопшто, а при изготвувањето на условите за тендерот бил консултиран и учесник во постапката. Со ова фирмите протпивправно наплатиле преку еден милион и 200 илјади денари. Обвинителството предлага на осомничените да им се земат пасошите и да се јавуваат во судот.

Деркоски: Сѐ е законски

Меѓу осомничените е и претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски кој веднаш реагираше и тврди дека постапката за набавка на спорниот софтвер била спроведена на најтранспарентен начин.

„Постапката за набавката на софтверот беше спроведена на најтранспарентен начин, прв пат беше објавен тендер, се беше јавно и транспарентно. Со ова излегува дека изгледа сме згрешиле што сме објавиле тендер. Нека ѝ е среќа на државава со вакви постапки“, вели Деркоски во изјава за медиумите.

Според обвинителството, во временскиот период од февруари до септември годинава, во ДИК, осомничените како членови на Комисијата за јавни набавки и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок. Исто така, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат тоа пред да биде потпишан Договорот.

Пропусти

Исто така, изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка била направена во консултации со учесник во постапката, спротивно од Законот за јавни набавки, со што за две правни лица била прибавена корист – право да учествуваат во постапката за јавна набавка и да склучат договор за истата. Со извршените дејствија е овозможено правните лица да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 899.999,00 денари, како и износ од 349.500,00 денари, соопшти Обвинителството.

Набавката на спорниот софтверот се најде под лупа на надлежните институции, откако беше објавено дека се случил хакерски напад, поради што беа недостапни веб страната и апликација на ДИК на денот на изборите, во моментот кога сите го очекуваа објавувањето на изборните резултати. МВР веднаш потоа започна истрага за хакерскиот напад.

Договор за софтверот што го користи ДИК, непосредно пред изборите бил склучен со фирмата „Дуна“. Тој е потпишан на две недели пред одржување на изборите, на 29 јуни 2020. Вредноста на договорот без ДДВ е речиси 900.000 денари, која била и најниската добиена понуда, а највисоката била околу 4 милиони денари.

Во однос на транспарентноста на постапката која е предмет на истрага, Деркоски наведува дека во 11 изборни циклуси претходно се склучувале договори за ваква набавка од над 4 милиони денари.