1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Истекува рокот за спас од распад на еврозоната

8 декември 2011

Лидерите од ЕУ денеска (08.12) ќе бараат решение во последен момент за спас на еврото пред утрешниот клучен самит на Европскиот совет за спречување распад на еврозоната.

https://p.dw.com/p/13ObS
Фотографија: Fotolia/K.F.L.

Соочени со заканите од рејтинг агенцијата Стандард и Пурс за намалување на кредитниот рејтинг на земјите од еврозоната, европските лидери ќе се обидат да ги отстранат пречките за надворешна контрола на националните буџети.

Велика Британија веќе најави дека ќе се спротивстави на намерата сите земји членки на ЕУ, а не само оние од еврозоната, да потпишат таков договор. Официјален Лондон не сака надворешна регулација на финансискиот сектор од ЕУ, што вклучува и предлагање даноци.

Ситуацијата е очајна, Обама интервенира

Merkel und Sarkozy Treffen Frankreich
Ќе најдат ли навреме решение? Францускиот претседател Саркози и германската канцеларка МеркелФотографија: dapd

Ситуацијата се менува од сериозна кон очајна, на само 24 часа пред самопоставениот краен рок од страна на ЕУ за спас од распад на еврозоната. Работата е толку сериозна, што американскиот претседател вчеравечер телефонски разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел. Обама го испрати и својот секретар за финансии, Тимоти Гајтнер во Франција, каде партиите од европската десница разговараат за стратегијата за во иднина.

Ангела Меркел, Никола Саркози и Марио Драги, шефот на Европската централна банка, ќе се затворат вечерва околу 18:30 часот во просторија во Брисел, каде ќе ги убедат останатите земји членки за потребата од итен договор.

Тие мораат, како што вели еден висок дипломат од ЕУ, да најдат нешто „солидно, безбедно, што би звучело добро и би било стабилно“, а решението мора да биде и доволно „одржливо, брзо и конкретно“ за да ги импресионира инвеститорите.

Оние кои нема да потпишат, стравуваат од изолација во економските одлуки

Надеж дека договор можеби би се постигнал дава одлуката на Европската централна банка, која неделава најави намалување на трошоците од кредити на Италија, Шпанија и други високо задолжени земји. Тоа ќе им даде време на владите да ги зајакнат своите финансии.

Сепак, 10 земји кои не го користат еврото се загрижени дека ќе бидат притиснати да го потпишат договорот за надворешна контрола на националните буџети. Ако одбијат да го сторат тоа, стравуваат дека ќе бидат изоставени од идните дискусии за економски прашања, кои би можеле да имаат ефект на целата ЕУ.

Автор: Александар Методијев /афп/ап

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска