1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Ердоган го отвора најголемиот аеродром во светот

29 октомври 2018

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе го предаде во употреба новиот аеродром во Истанбул, кој го носи епитетот најголем во светот.

https://p.dw.com/p/37JLA
Türkei Istanbul neuer Flughafen
Фотографија: picture-alliance/AA/UGA

Новиот аеродром во Истанбул, кој треба да го замени помалиот аеродром Кемал Ататурк на Мраморното Море, е предвидено да биде воздушна крстосница меѓу Европа и Азија, а истовремено и најголемо воздушно пристаниште во светот. За почеток, авиокомпанијата Туркиш Ерлајнс ќе лета само на пет дестинации, а големата преселба на воздушната патничка флота е предвидена за крајот на декември оваа година, што значи дека регуларниот воздушен сообраќај ќе стартува од новиот аеродром од почетокот на јануари.

Планирано е во почетната фаза услугите на аеродромот да ги користат 90 милиони патници годишно, но перспективно, по завршувањето на последната фаза од изградбата во 2028. година, бројот би требало да порасне на повеќе од двојно, на 200 милиони патници. Досега трошоците на изградбата изнесуваат околу 7,5 милијарди евра. Заштитниците на природната средина критикуваат што како жртви на изградбата на аеродромот во Истанбул паднаа стотици илјади дрвја, а огромни површини мораа да бидат расчистени.