1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламска држава стои зад нападот во Вирцбург?

Франк Милер/бр/сн19 јули 2016

Терористичката организација Исламска држава соопшти дека синоќешниот напад во воз кај германскиот град Вирцбург го извршил „нејзин борец“. Истрагата меѓутоа не открила конкретни докази за негова поврзаност со ИД.

https://p.dw.com/p/1JRNT
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Hildenbrand

Злосторство-какво што Баварија досега нема доживеано, вака министерот за внатрешни работи на оваа германска покраина Јоахим Херман утрината го опиша нападот кој 17-годишниот Авганистанец го изврши во регионалниот воз во близина на Вирцбург. Што се случи? Редовна железничка линија која ги поврзува Охсенфурт, место со 11.000 жители, и десетпати поголемиот град Вирцбург. Вагоните се полупразни. Одеднаш, околу 21 часот од регионалниот воз РБ 58130 стигна повик за помош, возот е запрен во близината на Вирцбург, веројатно некој патник ја повлекол кочницата во случај на опасност.

Во купето на возот се наоѓало и едно семејство од Хонг Конг. Таткото имал 62 години, мајката 58, нивната ќерка 27, а момчето на ќерката 31 година. Во купето ги нападнал 17-годишниот авганистански бегалец, вооружен со нож и секира, извикувајќи „Алаху акбар“. Четворицата се тешко ранети. Во целиот воз имало уште 14 патници. Тие останале неповредени. Некој од нив ја повлеков сопирачката за вонредни ситуации. Напаѓачот излегол од возот и побегнал во ноќта.

Напад во воз во Германија

Полицијата соопшти дека специјална единица на полицијата, која случајно била стационирана во близината, веднаш започнала потера по сторителот. Според соопштението на полицијата, откако го пронашле напаѓачот, тој со нож во рацете тргнал на полицајците кои притоа пукале и го убиле.

ИД: тој беше наш 'борец'

Терористичката милиција Исламска држава денеска соопшти дека овој напад во возот во Баварија го извршил нивен 'борец'. Ова е првпат ИД да преземе одговорност за некој напад во Германија. „Напаѓачот во Германија, кој изврши напад со ладно оружје е еден од борците на Исламска држава. Тој ја изведе оваа операција како одговор на наште повици за напад на земјите од коалицијата која се бори против ИД во Сирија и Ирак“, соопшти ИД преку блиската до нив новинска агенција Амаг. Германија ја поддржува таа коалиција (САД, Франција, Велика Британија и Италија) со една фрегата и извидувачки летови.

Bayern Attacke in Regionalzug bei Würzburg-Heidingsfeld Blutfleck
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Hildenbrand

Според зборовите на баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман, меѓутоа, истрагата досега не открила никакви докази за поврзаност на напаѓачот со џихадистичката милиција ИД. Откриено е само едно самонацртано знаме на ИД во собата каде што престојувал авганистанскиот бегалец.

Тоа меѓутоа не ги спречи шпекулациите за можен „рецепт“ од Ница, по кој поединечни сторители во најкусо време се радикализираат и со најобични средства извршуваат напади. Но рано е да се донесуваат заклучоци. Полицијата прво сака темелно да ја испита заднината на ова злосторство. Во моментов единствено е јасно- иако голем број луѓе во Германија бегаат токму од бесмислено насилство во својата татковина, ваквите случаи, посебно по масакарот во Ница, оставаат трага на расположението во земјата. Во перцепцијата на домашното население ќе биде зголемен стравот од внесување насилство во нивното секојдневие.

Schwerverletzte bei Attacke in Zug bei Würzburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Бегалската криза -тема во предизборен фокус?

Сите тие, како баварскиот премиер Хорст Зехофер, кои беа скептични кон примањето голем број бегалци, сега можат да аргументираат повикувајќи се на ваквите реални случувања, а не на апстрактна опасност. Истото се однесува и на новата сила на десницата, „Алтернатива за Германија“ која во анкетите има стабилни 12 насто потенцијални гласачи, главно благодарејќи на својата остра реторика против бегалците од исламските земји.