1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ирачките христијани меѓу стравот и надежта

Биргит Свенсон / Жана Ацеска27 декември 2014

Теророт на „Исламска држава“ во Ирак, прогоните и киднапирањата, натераа на бегство од земјата стотици илјади христијани. Оние кои се останати бараат помош од трупи на ОН.

https://p.dw.com/p/1EAFr
Фотографија: AFP/Getty Images

„Христијаните во Ирак се како жар кој уште тлее под пепелта“, вели отец Јозеф, кој во Алкош стигнал од Либан, за на своите браќа по вера да им даде поддршка во тешките времиња. Во манстирот „Нашата сакана девица“ на падините на планината Дохук се собираат верниците и палат свеќи, просториите се украсени со обесени бели и црвени крпи во чест на Божик, во картонски кутии полни со слама, уште стојат фигурите кои го претставуваат раѓањето на Исус во јаслите. Во време на нападот на „даеш“, тие беа засолнати во визбата, за секој случај.

Со арапскиот збор „даеш“ овде се означуваат борците на џихадистичките милиции од „Исламска држава“. ИД стана плашило и за христијаните. Според податоците на ОН, од Ирак, поради џихадистите, избегале над два милиони луѓе. На почетокот на август, борците на ИД во својот поход кон курдските метрополи Ербил и Дохук ги прегазија христијанскиот град Каракош со 60.000 жители и сите околни села. Тие беа запрени дури кај Тилкеф, источно од Мосул, од каде до Алкош има само околу 20 километри.

Alqosh Pater Gabriel und Pater Joseph
Отец Габриел и свештеникот ЈозефФотографија: DW/B. Svensson

Христијаните изумираат

Свештеникот ја зема в раце фигурата од картонот која го претставува детето Исус.

„Најважно сега е свртување кон иднината“, вели Јозеф охрабрувачки кон Габриел, кој има иста вера. Минатото е мрачно. Две третини од ирачките христијани во изминатите десет години се или убиени, или ја имаат напуштено земјата.

„Прво дивееше Ал Каеда, а сега даеш“. Христијаните беа масакрирани, убивани од бомби, стрелани или грабнувани заради изнудување откуп. Нивните цркви беа уништувани и палени. Манастирот Свети Ѓорѓи во Мосул, под кој потпаѓа Алкош, е заземен од исламистичките борци и претворен во женски затвор, дознал либанскиот свештеник. Во градот Мосул, каде порано христијаните беа најбројни, сега нема веќе ниту еден христијанин. Јосеф проценува дека се останати само уште околу 300.000 калдејци од поранешните 1,2 милиони. Калдејците ја сочинуваат најбројната група христијани во Ирак, тие и‘ се потчинети на католичката црква во Рим, ги слават истите празници.

Irak Christen Jesiden aud dem Flucht
Илјадници христијани избегаа од ИракФотографија: picture alliance/AA

Алакош имаше среќа во несреќата. Историската општина, чии корени досегаат до 8. век пред Христос, преживеа. Два дена пред нападот на џихадистите на 7 август, отец Габриел добил предупредување од курдската тајна служба дека терористичките милиции сакаат под своја контрола да го стават не само језидскиот град Синџар, туку и други области. Во рок од неколку часа местото било испразнето. Околу илјада семејства за час собрале што можат со себе и избегале во планините, или во Дохук. Алкош и околните околните села останале празни. Во меѓувреме, голем дел од населението е вратено. И во језидските соседни села повторно се враќа животот. Џихадистите не влегле во Алкош и во околните села и така не можеле да ги осквернават, како што вели отец Габриел. Речиси 300 семејства не се вратиле назад, но затоа придошле близу 400 семејства од Каракош, кој уште е во рацете на ИД. Тие сите заедно ги слават божиќните празници.

Калдејците се најголемата група

Она што ги разликува калдејците од католиците е тоа што нивните свештеници не подлежат на целибат, тие смеат да се женат и да формираат семејство. Освен тоа, за нив примат нема страдањето на Христос, туку неговото воскреснување. На крстот во калдејските цркви го нема телото на распнатиот Исус, тој е празен.

Ein christliches Kloster bei Mosul
Христијански манастир кај МосулФотографија: S. Cousins

„Нашата вера е ориентирана кон иднината“, вака филозофијата на нивната религија ја објаснува патријархот на калдејците, Луис Сако.

„Ние мораме напред“. За отец Јозеф насоченоста кон иднината има прагматично значење и вредност.

„Потребен ни е регион каде христијаните ќе бидат заштитени од независни заштитни сили, потребни ни се трупи на ОН“, вели отец Јозеф.

Моментно во манастирот живеат девет свештеници, двајца искушеници и 14 сирачиња. Има простор и за повеќе, но амбициозниот план за проширување е ставен на мраз поради безбедносната ситуација. Соседната манастирска зграда е останата недовршена, а запрено е и реновирањето на поранешниот верски објект, Свети Ормизд од 7. век. Пештерите, украсени со фрески во карпите, требаше да служат како простор за медитација за христијаните од цел свет. Но, сега не може да се мисли воопшто на верски туризам. Калдејците би биле среќни ако би можело да се запре бегството на христијаните од Ирак.

„За луѓето да останат овде, потребни ни се поголема безбедност и работни места, мора да се изгради нова доверба“, вели отец Габриел. „Мораме да останеме свртени кон светлината“, ги храбри тој верниците, но и самиот себе си. „Иако понекогаш стигнуваме до границите на човечката издржливост“.