1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иран ја предизвикува целата ЕУ

9 август 2009

Европската Унија жестоко го критикуваше масовниот судски процес против активистите на опозицијата кои се спротивставија на спорниот реизбор на претседателот Махмуд Ахмединеџад.

https://p.dw.com/p/J6UI
Процесот против опозиционерите се одвива под полна пареа

Меѓу стотината обвинети се наоѓаат и соработници во француската и британската амбасада, како и млада француска учителка по јазик. Тоа беше дополнителен повод за реакција на ЕУ.

„Иранското раководство мора да сфати дека со обвиненијата против една европска земја, граѓанин, или вработен во амбасадата, ја предизвикува целата Европска унија“, порача денеска шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт, говорејќи во својство на претседавач со Советот на министри на ЕУ.

„Ова очигледно е шоу-процес насочен против Европската унија“, додаде Карл Билт. Инаку, иранските опозиционери, соработниците во француската и британската амбасада и младата Французинка, се обвинети за загрозување на националната безбедност на Иран, шпионирање и поттикнување немири по спорниот реизбор на претседателот на државата Махмуд Ахмединеџад.

Срамен судски процес

Iran Oppositionelle vor Revolutionsgericht
Фотографија: FarsNews

Меѓу обвинетите е и Назак Афшар, вработена во амбасадата на Франција во Техеран. Нејзиниот син Араш Наиман говореше за состојбата во која се наоѓа таа:

„Не сме се чуле со неа од вчера, кога се јави и рече дека е во затвор. На нејзиниот адвокат не му беше дозволено да влезе во судот, така што не знаеме за што точно е обвинета.“

Франција и Велика Британија го критикуваа односот на иранските власти кон вработените во нивните амбасади во Техеран нарекувајќи го срамен судскиот процес против нив. Иранската влада ги обвинува западните земји за организирање и охрабрување на постизборните масовни протести во јуни, во кои загинаа 30 лица.

Автор: СН/ЕМФ/ртре/дв

Редактор: Симе Недевски