1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Иран спроведува стратегија на ескалација

Шабнам фон Хајн
20 септември 2019

Техеран отфрла поврзаност со нападите со дрон врз рафинерии во Саудиска Арабија. Но, набљудувачите во нив гледаат јасна стратегија на Иран - зголемување на сопствениот притисок наспроти оној на Трамп против Техеран.

https://p.dw.com/p/3PvIN
Saudi-Arabien Abqaiq Feuer in Aramco Raffinerie
Фотографија: Reuters

Несомнено е дека Иран стои зад нападите врз нафтените рафинерии во  Саудиска Арабија,  соопшти владата во Ријад во средата. Според неа, истражувањата покажале дека ракетите не можеле да бидат испалени од Јемен, од  југозапад, туку од север. САД уште на викендот го обвинија Иран дека е одговорен за нападите, иако досега не се изнесени конкретни докази за иранска вина.

Одговорноста за нападите, кои привремено ја преполовија саудиската експлоатација на нафта, ја презедоа бунтовниците Хути од Јемен, ирански сојузници против кои веќе четири години се бори саудиската воена авијација, што резултира и со бројни цивилни жртви.

„Техеран сака да им покаже црвени линии на САД“

Во официјалниот допис до САД, иранското министерство за надворешни работи отфрли секакво учество во нападите врз саудиските нафтени рафинерии. „Иран нема никаква врска со нападите. Доколку биде преземена воена акција против Иран, ќе одговориме на неа и тоа во неограничена димензија“, се вели во писмото кое на САД им е доставено преку швајцарската амбасада во Техеран. Швајцарија во Иран ги застапува дипломатските интереси на САД.

„Стратегијата на Иран е токму следнава: доколку биде воено нападнат, целиот регион ќе биде вовлечен во далекусежна војна. Техеран сака да ја зголеми цената на конфликтот меѓу САД и нивните сојузници од една страна и Иран од друга страна“, смета Фарзанех Ростаи, новинар и експерт за воени прашања во Персискиот Залив. Таа во разговор со Дојче веле го истакнува својот сомнеж дека Иран нема врска со нападите врз саудиски рафинерии. „Постои основано сомнение дека Иран се обидува со помош на Хутите или други шиитски милиции да им ги покаже границите на САД“.

САД во мај 2018 година еднострано го напуштија меѓународниот атомски договор и во духот на нивната стратегија на максимален притисок, воведоа цела редица опсежни санкции против Иран. Американскиот претседател на овој начин има за цел да го принуди Иран на нов договор, во кој би требало да биде опфатена и иранската регионална политика и ракетната програма.

„Бламирање на Саудиска Арабија“

Саудиска Арабија, најважниот сојузник на САД во Персискиот Залив  и заколнат непријател на Иран, ја поддржува американската политика. Истовремено, меѓу Саудиска Арабија и Иран постои опасна борба за надмоќ на Блискиот Исток. Додека Иран, врз основа на Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН од 2015 година не смее да увезува оружје, Саудиска Арабија спаѓа во земјите со највисоки издатоци за вооружување во светот.

Saudi-Arabien | Nach Angriff auf Ölanlagen in Saudi-Arabien
Остатоци од дроновите со кои се извршени нападите, а кои според Саудиска Арабија, потекнуваат од ИранФотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/A. Nabil

„Саудиска Арабија е најважен купувач на американско оружје. Десет проценти од целокупниот извоз на воената индустрија на САД отпаѓа на Саудиска Арабија“, објаснува експертот за Блиски Исток, Михаел Лидерс, во интервју за Дојче веле. „Сепак, доволни се неколку релативно едноставни дронови за закочување на централните делови на индустријата за производство на нафта. Тоа беше огромна бламажа за Саудиска Арабија,“ оценува Лидерс.

Саудискиот принц престолонаследник Мохамед бин Салман нападите со дронови ги нарече „тест за желбата на меѓународната заедница да реагира на вакви дела кои ја загрозуваат интернационалната безбедност и стабилност“. Американскиот претседател  Доналд Трамп најави значително зајакнување на санкциите против Иран. 

Иран под притисок, вклучувајќи и внатрешен

Иран веќе се наоѓа под енормен притисок поради американските санкции. Земјата речиси секојдневно доживува нови протести, брутално задушувани од страна на безбедносните сили, како во понеделникот во Арак. Таму протестираа стотици вработени на компанијата ХЕПКО, зашто од јуни не добиле плата. Најголемата фабрика за производство на машини на Блискиот Исток е на работ на банкрот.

Надворешниот и внатрешниот притисок има последици. „Иран е на самиот крај на својата стратегија на трпеливост“, анализира Ели Геранмајех, експерт за Иран од тинк-тенкот Европски совет за надворешни односи. Иран прво се надеваше дека Европејците и Кинезите ќе создадат некој вид економски пакет за него. Така Иран би можел да ги сочека следните претседателски избори во САД и би можел да се надева на победник од таборот на Демократската партија, смета Геранмајех.

Но, изостанувањето на приходите од нафтата во и онака кризната економска ситуација го елиминираа овој план. Како реакција,  Иран  прво во дозирани чекори почна да ги повредува своите обврски од атомскиот договор. Сега, претпоставува Гренемајех, Иран создава притисок и на регионално рамниште.

Ирански приоритет: нафтени приходи

Иако сѐ уште е нејасно во колкава мерка Иран е инволвиран во нападите со дронови, неговите воени можности и ударната сила на неговиот начин на водење асиметрична војна станаа поочигледни, исто како и ранливоста на светското снабдување со енергенси. Со ова Иран се наоѓа во фокусот на меѓународната заедница. Се чини и дека Техеран е спремен на сѐ за да остане во фокусот сѐ додека не ја оствари својата најважна и најитна цел: укинување на американското нафтено ембарго.