1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Има ли пропусти во евиденцијата на починатите од Ковид-19?

ДТЗ
2 февруари 2022

Евиденцијата на починатите од Ковид - 19 во Северна Македонија и јавното објавување на решенијата за изолација предизвикаа лавина реакции во јавноста. 

https://p.dw.com/p/46PX6
Nord-Mazedonien Skopje | Coronavirus | Entnahme Abstrich Corona-Test
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Големиот број починати лица од Ковид-19 во Северна Македонија, со која се најде на врвот на листата на земји со голема смртност како последица на вирусот, го наметна прашањето дали простојат пропусти во евиденцијата и статистичките податоци коишто се објавуваат секојдневно околу бројот на починати. Долго време се води полемика во јавноста дека во ковид евиденцијата се водат и починатите од друга болест или несреќен случај, кај кои е посмртно докажанo присуство на коронавирусот, што може да биде и причина за големата смртност. 

Токму ова е едно од главните прашања коишто ќе се најдат на маса пред проширениот состав на Комисијата за заштита од заразни болести, која што најавува подинамичен ангажман во наредниот период, во екот на ширењето на сојот Омикрон. Прашањето веќе подолг период предизвикува низа дилеми во јавноста, а  кулминираше по изјавата на новоназначениот портпарол на комисијата, доктор Злате Мехмедовиќ кој во гостување на Утрински брифинг на прашањето за високата смртност во земјата реч дека „има статистики кои се водени од претходната Комисија за заразни болести кои сериозно ќе бидат разгледани, затоа што имало манипулација со бројките. 

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Долго време се води полемика во јавноста дека во ковид евиденцијата се водат и починатите од друга болест или несреќен случај, кај кои е посмртно докажанo присуство на коронавирусот, што може да биде и причина за големата смртностФотографија: DW/P. Stojanovski

„Но, апсолутните бројки укажуваат на тоа дека сме на 6 или 7 место по смртност”, додава Мехмедовиќ. Според него, Комисијата за заразни болести водела точна евиденција согласно препораките на СЗО за смртноста и не станува збор за манипулации на тие бројки, туку за манипулациите и дезинформациите во јавноста поврзани со смртноста за која основната причина е ковид. 

Голема смртност - големи дилеми 

Министерот за здравство, Беким Сали, деновиве излезе со сличен став дека бројот на починати од ковид се чини висок затоа што според методологијата на бележење, секој кој починал, а бил позитивен на Ковид-19, се регистрира како починат со коронавирус. „Но, тоа не значи дека смртта била последица од ковид“, вели министерот.

„Можеби сме земја со висока смртност од пандемијата, но не значи дека ние не сме го згрижиле пациентот. Во регионот имаат друга методологија, па не треба да ве залажува бројката што е кај нас 8.000, а кај нив 2-3.000“, вели Сали. 

Директорот на Институтот за јавно здравје,доктор Шабан Мемети, во изјава за медиумите вели дека нема манипулација со бројот на починати пациенти од Ковид-19 и дека сите податоци се поткрепени. „Не може да има манипулација од сериозни институции како Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и 'Мој термин'. Но, во делот на пријавувањето на починатите, факт е дека има застој во административниот пристап на одредени болници и затоа имаме паралелни регистри, за лицата кои во меѓувреме починале од Ковид-19, а подоцна биле пријавени“, објаснува Мемети за „Слободен печат“. 

Министерството за здравство речиси секојдневно објавува бројка на починати во изминатите 24 часа, но со задоцнување објавува и одредена бројка на лица коишто починале во изминатите денови. Па така, вчера на пример, беа  регистрирани 23 починати од Ковид-19, како и 12 починати лица од системот „Мој термин“, кои и подлегнале на болеста неколку дена претходно. На 31 јануари 2022 година беа регистрирани 22 починати лица, а соогласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид, од 'Мој термин' се пријавени дополнително четворица починати. 

Дилеми и околу решенијата за изолација 

Најновата мерка за скратување на деновите за изолација на позитивните од ковид, им создаде главоболки на граѓаните, кои се жалеа дека треба да тргнат на работа, без да добијат решенија за изолација. Поради зголемениот број граѓани за кои се определува мерката изолација и поради намалениот број денови за изолација, а со цел брз проток на информациите, Владата предложи решенијата да се објавуваат на веб страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Со предлогот е предивднео, решенијата за изолација да се објавуваат и во Службен весник во најбрз можен рок, при што нема да бидат објавувани лични податоци на граѓаните и ќе се запазат стандардите дефинирани со Законот за заштита на личните податоци.  

Nordmazedonien Skopje | Test auf Coronavirus
Докторите критикуваат дека јавното објавување на решенијата за изолација ќе доведат до јавно жигосување, огромна стигма и дополнително одвраќање на граѓаните да се тестираат.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Со новата методологија се намалуваат можностите за злоупотреба во периодот додека не се објави решението, а со тоа се намалуваат и ризиците од дополнителен број случаи позитивни на Ковид-19. За овој начин на доставување на решенијата граѓаните ќе бидат претходно известени преку телефонскиот број оставен во установата каде било извршено тестирањето, а ќе постои можност да биде издадена потврда дека е издадена јавна објава за изолација на писмено барање на граѓаните“, информираа од Владата. 

Д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска) на социјалните мрежи ја критикуваше ваквата одлука. „Објавување на резултати од испитувања на граѓани и пациенти јавно на веб сајт, уште па со адреса на живеење, е неприфатливо за која било болест, па и за оваа“, вели тој.

-повеќе на темата: Д-р Злате Мехмедовиќ за ДВ: Задолжителната вакцинација е нужно решение за излез од маѓепсаниот круг на пандемијата

Според докторот, неетички е и нема да има корист од тоа. „Исходот од оваа одлука ќе биде јавно жигосување, огромна стигма и дополнително одвраќање на граѓаните да се тестираат. Доколку ДСЗИ имале проблем со доставување на решенија за изолација во печатена форма, тоа можеле многу лесно да го решат со софтверско решение каде корисникот на безбеден сајт ќе се логира со корисничко име и лозинка за да го добие резултатот и решението автоматски а да приватноста му биде заштитена“, вели Бабачиќ, кој се надева дека Владата ќе ја повлече ваквата одлука. 

Слична мерка беше спроведена и во Црна Гора, каде стотици граѓани ја тужеа државата, откако беа објавени имињата и адресите на граѓаните на кои им беше наредено да се изолираат на почетокот на пандемијата. Ваквиот потег ја чинеше црногорската влада 816.000 евра, по одлуката да склучи спогодба со граѓаните чии податоци беа јавно објавени.