1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Има ли граѓани со двојни матични броеви?

ДТЗ
15 април 2021

Според Христијан Мицкоски, над 20 илјади лица имаат по два матични броеви. Од МВР тврдат дека проблемот се појавил во 1981 година и дека матичните броеви биле поништени.  

https://p.dw.com/p/3s58p
Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Има ли граѓани со двојни матични броеви? Од МВР велат дека проблемот е стар и веќе бил решен, а таму кадешто се појавиле двојни матични броеви на грашаните, тие веднаш биле поништени. Случајот го отвори денеска лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој вели дека најмалку 20 илјади лица во Северна Македонија имаат двојни матични броеви. Тој на брифинг со новинарите, повикувајќи се на информации добиени од свиркачи,  рече дека станува збор за нов скандал наречен „Мафија 2“, во кој повторно станува збор за злоупотреба на институциите.

Мицкоски го повика министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и надлежните институции да одговорат кога се издадени овие двојни матични броеви, кои смета дека се користеле за разни злоупотреби пред сѐ за гласање на избори, затоа што овие лица постојат и во избирачкиот список.

-повеќе на темата: Лажен идентитет за 20 илјади евра – како функционирала групата која „штанцала“ пасоши

„Покрај аферата „Мафија“, каде структури на власта издавале документи за идентификација на криминални структури, на познати балкански босови, во оваа афера може да се види дека едни исти лица имаат два матични броеви. Според проверките во Избирачкиот список, истото лице е регистрирано на неговото вистинско име и адреса, а вториот пат е регистрирано на друго лице во друга општина. Првичните броеви се исти, а последните три се различни“, вели Мицкоски. Конкретно, тој го посочи примерот со лицето Џадин Адемовски кој на една адреса се водел во Чаир, а на другата во Сара. „Кога го побаравме Џадин на првата адреса, таму ни кажаа дека овој човек не живее тука, дека не постои такво лице. Ова е класична злоупотреба на институциите и тежок криминал, за кој треба да се сноси одговорност“, рече Мицкоски.

Alter mazedonischer Pass
Фотографија: DW/T. Schultz

Од МВР пак тврдат дека најголем дел од двојните матични броеви се веќе поништени. Проблемот со двојните матични броеви, според нив,  почнал во 1981 година, по што е е одлучено да се поништат. „Таа постапка веќе подолг период е во тек, а голем дел од овие матични броеви се поништени“, тврдат од МВР. Ваквата појава започнала кога е воведено електронско определување и евиденција на матичните броеви.

-повеќе на темата:Трајанов: Пасошката афера ќе предизвика тектонски потреси 

Според Законот за единствен матичен број на граѓаните од 1980 година, кога за првпат е уредено определувањето на матичниот број, и евидентирањето на матичниот број во РСМ се определувал според живеалиштето на граѓаните, а само за новородените деца според местото на раѓање, во земјата биле утврдени девет регистрациски подрачја. Определувањето и запишувањето на матичниот број започнало на 1 јануари 1981 година и требало да заврши на 31 декември 1985 година.

„Во овој временски период направени се грешки при определувањето и запишувањето на матичните броеви што довело до определување на двојни матични броеви за едно исто лице. Покрај ова, двојни матични броеви се определувале и подоцна како резултат на нецелосни проверки од страна на вработените во управните служби, погрешни податоци добиени од УВМК како и технички пропусти на постоечкиот систем за автоматска обработка на податоците“, велат од МВР.