1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илинден 2019: Власта за помирување, опозицијата за избори

БГ
2 август 2019

Големиот национален празник денеска се прославуваше на Мечкин Камен, Пелинце, во Скопје и во повеќе други места. Од власта повикаа на обединување и помирување, опозицијата критикува и бара избори.

https://p.dw.com/p/3NEoo
Präsident Nord-mazedoniens Stevo Pendarovski
Фотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Под мотото „Сите сме деца на Илинден“, Денот на републиката денеска се славеше на повеќе места низ земјата, а во главна улога, традиционално, беа водечките политичари.

Шефот на државата Стево Пендаровски како најголем предизвик во државата го подвлече граѓанското помирување.
„Патот до помирување води преку правдата втемелена врз вистина. А за вистинска правда е потребно владеење на правото. Тоа мора да биде нашата темелна вредност со која не смее да се прави компромис. Само граѓанско помирување, втемелено врз правда и одговорност, ќе ни ја врати меѓусебната доверба и ќе ни овозможи да изградиме праведно и напредно европско општество во кое секој човек ќе се чувствува еднакво вреден. Нема друга алтернатива“, рече Пендаровски, кој се обрати од неговата резиденција на Водно.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери од Пелинце порача дека двата Илиндени се двата столба врз кои се темели државотворноста на државата.

„Многу знајни и незнајни јунаци ги дале животите, многу мајчини солзи, но и многу тажни песни и преданија, се пренесуваат од генерација на генерација, за сонот да живее“, рече Џафери.

„Сите сме деца на Илинден“ е вистински концепт што ги опишува заедничките вредности кои сите ги славиме, ги празнуваме, тоа се вредности кои нѐ обединуваат и поврзуваат, нѐ прават горди и сплотени граѓани на нашата заедничка држава, додаде тој.

Премиерот Зоран Заев од Мечкин Камен говореше за успесите на неговата влада, а Илинденското востание го окарактеризира како „крик за европска Северна Македонија“.

„Илинденското востание е крик за обединување, а делбите не се патриотизам. Сите ние Македонци, Албанци, Срби, Роми, Бошнаци, Турци и сите други, сметаме дека е патриотска должност да се помириме и обединиме, а Мечкин камен треба да биде камен темелник на заедништво и разбирање, не на поделби и каменување“, рече Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се обрати од струшко Ташмаруништа, каде покрај за историските придобивки од Илинден, ја коментираше и актуелната политичка состојба во државата.

„Мојата задача е да се избориме за правда и владеење на правото. Вистинска правда, а не онаа Заева неправда која ни ја продава за лажна правда. И тука немам намера да правам компромиси со било што. Без оглед дали се работи за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ или било кој друг политичар кој се огрешил, посрамотил и направил злодело пред сопствените граѓани и пред законите и Уставот на Република Македонија пред народот и законите“, рече Мицкоски. 
„Мораме заеднички, а затоа молам за ваша помош, масовно да излеземе на следните предвремени парламентарни избори и да го поразиме Зоран Заев и врхушката на власт“, порача Мицкоски. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема