1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илибералниот свет на ВМРО-ДПМНЕ

10 август 2019

Во фонот на рекетарските македонски народни приказни во главната опозициска партија се одвива трансформацијата која со брзи чекори ја оддалечува од главната траса на европските демохристијански партии.

https://p.dw.com/p/3Ngzs
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Може ли некој во овој атонален скандал со наводниот рекет да дознае што е вистина а што се измислици, што е наместено а што подместено, кој ја игра играта и за какви цели. Бојан Јовановски и Зоран Милески излегуваат од домот на Орце Камчев како добри гости кои биле послужени со највкусно слатко од зелени смокви, а не да пребројуваат милион евра кои, ете, да ти биле дадени како изнуда. Актерите изгледаат како да се дел од комедијата на Јован Стерија Поповиќ „Лажа и паралажа“ а не учесници во едно од најкриминалните злодела. И, ќе сака ли некој да ја расчисти оваа мрачна афера или сета оваа какофонија, како што вели една колешка, ќе заврши како аферата „Шаклев“ околу атентатот на Киро Глигоров.

Повеќе за случајот „Рекет“

-Кој го намести Јордан Камчев

-Објавени сите снимки од разговорите меѓу Камчев и Јовановски

-Стефанова контра Јанева: Не ме консултираше за ништо

Во фонот на рекетарските македонски народни приказни во главната опозициска партија се одвива трансформацијата која со брзи чекори ја оддалечува од главната траса на европските демохристијански партии. ВМРО-ДПМНЕ прилично свесно влетува во прегратките на илибералниот свет на Унгарецот Виктор Орбан и Полјакот Јарослав Качињски обидувајќи се да се реинвентира себеси само со облекување друга руба, а во исто време трудејќи се да прикаже пред нејзините децениски традиционални партнери дека телото под неа останало исто. Тоа е некој вид одење по острицата на бричот. Ова што сега го промовираат Христијан Мицкоски и неговите компањони од врвот на партијата е во драматичен расчекор со постулатите врз кои беше формирана партијата во 1990 година и врз кои таа функционираше во следните дваесетина години. Во основа, ова раководство само го бруси оној камен што се појави како некаков партиски грал во последните години од владеењето на Никола Груевски, кога нишките на ВМРО-ДПМНЕ се кинеа една по друга со партнерите кои ѝ помогнаа да се изгради во модерна партија. Причината беше едноставна – останувањето на власта по секоја цена, како што и сега причината е едноставна – враќање на власта по секоја цена.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Пред повторното доаѓање на власт во 2006 година европеизирањето на ВМРО-ДПМНЕ беше дел од поширок проект – преку модернизирањето на партијата да се модернизира и државата. И тоа беше исклучително успешно направено, и со домашни и со странски ресурси. Главната странска помош дојде од конзервативната германска фондација „Конрад Аденауер“, а домашните структури преку филозофско-политичка рамка ја обликуваа идеолошката основа на партијата. Можеби малкумина се сеќаваат на програмските текстови на неколкумина овдешни мислители (меѓу поистакнатите беше Бранислав Саркањац), кои ја конципираа демохристијанската идеолошка подлога на партијата. Тоа беше проект кој имаше смисла и се раководеше според идеолошки начела. Затоа ВМРО-ДПМНЕ во тие години од 2006 до 2009 беше оценувано како партија која работи според програма и партија која умешно владее. Потоа, колку што моќта беше поголема, толку идеологијата беше фрлена настрана, па скокна во трлото на национализмот, поделбите, антиквизацијата... и да не ги редиме познатите работи.

Унгарски гулаш

Кога европските пријатели на партијата не можеа да ја препознаат таа во последните години од владеењето се сврте кон оној кој имаше големо разбирање за таа инстинктивна илиберална трансформација – Виктор Орбан. Главниот анкер во тој проект – десоросизацијата - ги содржеше мирудиите од кои се прави унгарскиот гулаш. Таа трансформација се одвиваше речиси според истиот рецепт по кој се промени Орбан, кој од демократски бунтовен студент во 1989, а потоа лидер на младите демократи од партијата Фидес се претвори во авторитарен премиер со кој секоја европска западна демократија внимава да ги држи односите на разумна дистанца.

Затоа единственото место во Европа каде што Никола Груевски можеше да најде азилантско прибежиште беше Будимпешта. Така и се случи. Посетата на Мицкоски на Орбан на 31 јули на некој начин е продолжение на тоа бегство. Спектакуларното „извлекување“ на некој начин ја колонизираше ВМРО-ДПМНЕ, затоа што ја претвори во ужасен зависник на Орбан. Не само поради унгарскиот капитал кој е во речиси сите опозициски медиуми, туку илибералниот светоглед на Орбан се вовлече во партијата која остана без идеологија, туку само со претеран и прегласен национален патриотизам, чија основна стратегија е да се спасат од кривично гонење оние што правеле криминали за време на нивното владеење. ВМРО-ДПМНЕ ја загуби супстанцата, иако не и верните гласачи. Сегашново раководство како да се прашува дали има воопшто смисла да се врзува за некаква идеологија. Или единствената идеологија остана само нестрпливата желба што е можно поскоро да се врати на власт, па макар не понудило ништо. Барем досега.

Бесмислени беа прашањата дали Мицкоски во Будимпешта се сретнал со Груевски. Се разбира дека не се сретнал, затоа што нема ни потреба од тоа – тој таму се виде со неговите патрони кои можеа да му раскажат што прави пребегнатиот поранешен партиски лидер. Ионака шефот на дипломатијата Петер Сијарто пред некој месец во парламентот изјави дека регуларно се среќава со Груевски, кој му давал анализи како се развива ситуацијата во регионот (нормално, и во Македонија). Па Мицкоски можел преку Сијарто да пренесе поздрави до Груевски. А и да не го направел тоа работите на четворицата мажи на терасата на владината зграда им се совршено јасни – заедно со петтиот член тие се дел од истатата дружина.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Добриот владетел

-Кој го уништи Врховниот суд?

-Вмровско искушение

Посетата на Мицкоски на Орбан имаше своја подготовка. Во извидничка експедиција беше испратен потпретседателот Александар Николоски. Но не во Унгарија, туку во Романија, во трансилванискиот град Баиле Тушнад, на летниот универзитет и студентски камп, кој привлекува неколку десетици илјади луѓе. Овој камп познат како Балвањош во 1990 година беше основан за да ја промовира прекуграничната соработка и унгарско-унгарскиот политички дијалог поради значајното малцинство во овој дел на Романија. Но со повторното доаѓање на Орбан на власт тој се трансформира во своевидна трамбулина за политиките на Фидес. Орбан таму во познатиот говор во 2014 година ги образложи основите на илиберализмот и крајот на демократијата од западен тип во Унгарија. Оттогаш летниот универзитет ги изгуби романските говорници кои одбегнуваат да учествуваат на него, романските медиуми станаа многу сомничави, а дијалогот се претвори во монолог на партиските претставници на Фидес. Така беше и годинава. Николоски во таа орбановска средина на 26 јули зборуваше за застапувањето на државите во меѓународните организации.

Сосем веројатно тој утредента го слушал и долгото обраќање на Орбан, во кое премиерот ги постави идните основи за борбата против либералната демократија во Европа. Во тој говор Орбан ги нападна сите што мислат поинаку од него, се претстави како херој кој ја спасил Европа со тоа што рекол „не“ за изборот на социјалдемократот од Холандија, Франс Тимерманс, за претседател на Европската комисија. Самиот се претстави како човек кој имал клучна улога во запирањето на „идеолошките герилци“ да ги добијат клучните места во ЕУ. „Тезите за илибералната демократија против она што е либерална демократија не се само интелектуални, туку тоа е политичка програма. Ова е мисија на нашата генерација за наредните 15 години... Во либералниот систем правилото е дека сѐ е дозволено ако тоа не ѝ наштетува на слободата на другиот. Ние во Унгарија следиме поинаков компас“, зборуваше Орбан. Тој ја обвини ЕУ дека има двојни стандарди околу владеењето на правото и особено ја спомена Финска (сегашниов претседавач со ЕУ) дека нема морално право да зборува за тоа кога нема ни уставен суд, туку заштитата на уставот е надгледувана преку специјален комитет во парламентот. Поради тоа, според Орбан, смешно е Финска да зборува за владеење на правото во Унгарија.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Опозициска егзалтација од Орбан

Нејасно е како му ги претставил Николоски импресиите од овој говор на партискиот шеф Мицкоски кога двајцата заедно беа кај Орбан во Будимпешта. Но овдешните најтврди опозициски медиуми пишуваа со егзалтација за „новата улога на Орбан во Европа по европските избори“. Оправдувајќи ја посетата на Мицкоски тие објавија панагирици за Орбан, колку тој бил сега силен во ЕУ па ќе ја обликувал и нејзината надворешна политика, како сега е несовладлив за бриселската бирократија и уште многу слични бесмислени пофалби. За да се оправда ова старо-ново сојузништво врз некаква илиберална основа, опозициските медиуми пишуваа дека Орбан го примил Мицкоски во Кармелитскиот манастир, кој бил „резервиран за посети на највисоки странски државници“.

А можеа да напишат и некој збор повистинит за Кармелитскиот манастир во квартот на ридот Буда. Дека канцеларијата на Орбан се пресели таму од 1 јануари годинава, дека во таа огромна зграда се неговите работни простории, дека реконструкцијата на манастирот траеше четири години и беа потрошени 65 милиони евра само за да се задоволи желбата на Орбан да се пресели во дистриктот Буда; дека најголемиот дел од вработените и понатаму останаа во старите простории на владата; дека реновираниот манастир по замислата на архитектите е оставен да изгледа пуританистички како во 18. век кога во него се вселија калуѓерите; дека многумина во Унгарија оваа преселба ја поистоветуваат со реставрација на ерата на адмиралот Хорти, кој беше на чело на пронацистичката држава; дека Орбан сакаше да се пресели од брегот на Дунав на ридот Буда уште во 2000 година за време на неговата прва влада; дека некои од канцелариите на вработените се во тесните монашки соби... Но поважно беше да се објави фотографијата од терасата која е сега изградена и од која има поглед на Дунав. 

Ungarn 2015 Nikola Gruevski, Premierminister Mazedonien & Viktor Orban
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Soos

Ова несразмерно глорифицирање на посетата на Мицкоски на Орбан (веројатно потхрането со партиски брифинзи) во крајна линија го ставаат раководството во непријатна позиција. Мицкоски добро знае дека одлуките во Европа се носат на друго место а не во Будимпешта, па влегувањето со петта брзина во овој илиберален свет може само да му наштети на проектот за враќање на власт на партијата, а не да ѝ помогне. По оваа глорификација на Орбан само ќе се поткренат веѓите на оние пријатели на партијата што останаа, на пример, во Берлин и Виена. Партијата на Орбан, Фидес, е суспендирана од членството во Европската народна партија поради прекршувањето на владеењето на правото и подјармувањето на медиумите, па не можат заедно да работат во ЕПП, како што тврдат овдешните опозициски гласила.

Унгарското џаде не е патот по кој би требало да оди ВМРО. Но изгледа дека фасцинацијата од системот што го изгради Орбан е поголема од западните либерални вредности. Или пак вмровските раководители само сакаат Орбан да ги удостои со таков пречек, каков што е неможен на друго место. Слично како што го стави под закрила Груевски. Ова раководство на партијата свесно влезе во замката да биде туѓа маша, а сега тоа треба да го продаде пред овдешниве гласачи. А можеше да се послужи со еден друг пример – од архетипскиот непријател на ВМРО, грчката Нова демократија. Кога Киријакос Мицотакис дојде на чело на партијата го пресели нејзиното седиште од зградата на централниот атински булевар, каде плаќаше кирија од 98.000 евра месечно, во еден правлив кварт каде месечната наемнина е 9.800 евра. Во согласност со своите зелени чувства Мицотакис новите простории ги претвори во еколошки пријателска средина, каде заштедата на водата и рециклирањето станаа правила. Но прашање е дали во вмровските ешалони има некаква сила која би сакал да се откаже од помпезноста на тешките лустери, огромните теписи, мегаломанските слики од историјата на партијата – од седиштето кое беше конципирано да биде престол на илибералниот систем.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар