1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелско-палестинските преговори повторно на дневен ред

Ролф Бројх/ Симе Недевски29 јули 2013

Со ослободувањето на голем број палестински затвореници, Израел исполни важен услов за отпочнување на новите мировни преговори со Палестинците. Преговарачите од двете страни ќе го кршат мразот во Вашингтон.

https://p.dw.com/p/19FeU
Фотографија: Getty Images

Ова е првпат по речиси три години, Израелците и Палестинците повторно да разговараат на иста маса за изнаоѓање пат кон мировно решение на деценискиот блискоистичен конфликт. Тоа е успех за кој треба да му се заблагодари на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери. Но, горливите прашања никако не смеат да се тематизираат уште на првиот ден од преговорите. Израел на преговорите кои ќе се оддржат во Вашингтон денеска (29.07.2013) и утре ќе го застапуваат министерката за правда Ципи Ливни и Јицак Молхо, а главни палестински преговарачи се Саеб Ерекат и Мухамед Штајех.

Во американското министерство за надворешни работи соопштија дека Џон Кери на преговорите ги повикал и премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател махмуд Абас. „Двајцата лидери покажаа подготвеност за тешки и важни одлуки“, изјави портпаролката на Џон Кери, Џен Псаки.Според Псаки, првите средби се планирани за вечерва и за утре.

На првата рунда преговори ќе се расправа за натамошните чекори, и дури потоа ќе може да се одлучи кога спорните и тешки прашања ќе се најдат на преговарачката маса: границите на иднта палестинска држава, судбината на палестинските бегалци, иднината на изградбата на изралските доселенички населби на Западниот брег и статусот на Ерусалим. Цел на преговори е всушност создавање две држави, на Израел да му се одигура безбедноста и на Палестинците да им се овозможи основање сопствена држава.

USA John Kerry Ankunft Westjordanland
Фотографија: Reuters

Контроверзна одлука во Ерусалим

Вчера (28.07.2013) израелската влада направи важен чекор за отпочнување на преговорите. од израелските затвори се ослободени 104 Палестинци. Меѓу нив има и такви кои во израелските затвори се повеќе од 20 години, но и голем број екстремисти кои завршиле зад решетки поради убиства на граѓани на Израел. Овој „гест на добра волја“ е спорен како во владата така и во цел Израел. Членови на семејствата на жртвите демонстрираа во Ерусалим против одлуката на владата која и онака беше донесена со тесно мнозинство. 13 министри во кабинетот на Бенјамин Нетанјаху гласаа „за“ оваа мерка , седум беа „против“ а двајца министри се воздржаа од гласање.

Израелската влада инаку вчера го прифати и предлог законот со кој се обврзува на распишување референдум за секој мировен договор потпишан со Палестинците. Добро упатените набљудувачи сметаат дека референдумот за мировниот договор претставува отстапка за израелската десница во замена за отстапките коишто Израел би можел да ги направи во текот на преговорите со Палестинците. Со тоа гласачите би биле прашани за мислење доколку со мировниот договор се побара од Израел да се откаже од дел од териториите коишто сега ги контролира.

Израелско- палестинските преговори се замрзнати уште од септември 2010 година, откако Израел донесе одлука да продолжи со изградба на населби за еврејските доселеници на окупираните палестински територии.