1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелската авијација бомбардира цели во Појасот Газа

19 август 2011

Израел одговори со воздушни напади во Појасот Газа, по убиството на седуммина Израелци. Генералниот секретар на ОН ги повика и двете страни на воздржаност.

https://p.dw.com/p/12JQ3
Конфликт на Блискиот ИстокФотографија: picture alliance/Photoshot

Израелската авијација ноќеска нападна комплексот згради на службата за безбедност на движењето Хамас во Појасот Газа. Во воздушните напади се разурнати најмалку три згради. Палестинските медиуми објавија дека во бомбардирањето загинало едно 13-годишно момче и дека 17 лица се повредени. Нема информации за жртви меѓу борците на Хамас.

Египетските вооружените сили пак објавија дека во напад на израелски борбен авион загинале најмалку три египетските граничари во близина на градот Рафах на границата на Египет со појасот Газа.

И вчера израелски борбени авиони извршија напад врз Појасот Газа и убија шест Палестинци, меѓу кои и висок командант на палестинската радикална група Комитети за народен отпор. Тоа беше одговор на вчерашните два координирани напади врз израелски автобуси во јужниот дел на Израел во кои загинаа седум лица, а 31 патник беа повредени.

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху за националната телевизија синоќа изјави дека ќе ги принуди „терористите да платат висока цена“. „Мојот принцип е дека кога напаѓаат Израелци, ние одговараме веднаш и многу силно“, изјави Нетанјаху.

Бан Ки Мун повика на воздржаност

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун изјави дека стравува од ескалација на насилствата во израелско-палестинскиот судир откако вчера беа убиени седум Израелци во три напада во близина на израелско летувалиште, а Тел Авив одговори со убиство на шест милитанти во појасот Газа. Бан Ки Мун ги повика сите страни на воздржаност.

И Белата куќа ги осуди „свирепите терористички напади“ изразувајќи надеж дека извршителите на овие напади „брзо ќе бидат приведени пред суд“.

Автор: ЖА/АТ/макфакс/миа/дпа

Редактор: Трајче Тосев