1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Под прашање вториот мандат и иднината на Трамп

7 ноември 2018

Иако бранот демократска поддршка секако не е цунами, Демократите сега имаат повеќе алатки и повеќе моќ на располагање. Комитетот кој е назначен за истрага за изборите 2016, сега преоѓа во рацете на опонент на Трамп.

https://p.dw.com/p/37p69
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Резултатите од изборите во САД како да не беа премногу изненадувачки за никој, но по се изгледа, последиците од резултатите може да бидат изненадувачки за сите.  За оние кои ги следат изборите, дополнителната поларизација на американскиот политички дискурс не е никакво изненадување. Изборите покажаа дека оние кои се демократи, се засилија, исто така и Републиканците.  Вкупниот ефект на двегодишниот мандат и претседателски стил на Трамп е уште подлабока поделба на општеството во САД, со уште поголемо збивање на партиските редови.  Оттаму, засилената поддршка за Демократите во Конгресот, како и засилената поддршка за Републиканците во Сенатот, не е никакво изненадување. По мандат од две години, обоен со партиска реторика, антагонизам кон медиумите, цврст анти-естаблишмент наратив, и остар и конфронтативен стил, овие движења се очекувани.

Исто така е очекувано што двете страни ова го најавуваат како победа. Имајќи предвид дека изборите беа најавувани како референдум за владеењето на Трамп, резултатите дозволуваат двете партии да ги толкуваат во сопствена полза. На прв поглед, изгледа дека Трамп е победникот на кус рок – најавите за огромен револт против неговиот стил и револуцијата од неговиот мандат не се остварија и тој направи она што му беше доволно – не доживеа фијаско.  Сѐ друго за него е победа.  Но, мислам дека резултатите уште сега најавуваат дека она за кое Трамп најмногу се грижи – не, не е косата, туку вториот мандат, сепак сега станува уште помалку сигурен. Мислам дека наредниот период ќе биде многу тежок за администрацијата во Белата куќа, од повеќе причини.

USA Trump Yellowstone International Airport
Не е се така црно за Трамп и РепубликанцитеФотографија: Reuters/C. Barria

Поголема моќ за Демократите

Иако бранот демократска поддршка секако не е цунами, сепак, точно е дека Демократите сега имаат повеќе алатки и повеќе моќ на располагање. Тие ќе можат не само да ги проблематизираат проектите на Трамп, туку ќе можат да спроведуваат и свои политички проекти, кои, иако можат да бидат закочени во Сенатот, ќе служат како платформа за кампања со која Демократите ќе демонстрираат што би правеле кога би ги добиле наредните избори. Потоа, серијата најавени законски промени и контроли во етиката на претседателството ќе им донесе поголема популарност, да не зборуваме за фактот што тие сега можат и формално да покренат „импичмент”.

На пример, комитетот кој е назначен за истрагите во изборите 2016, сега преоѓа во рацете на опонент на Трамп (Адам Шиф). Даноците кои ги плаќал Трамп, кои досега беа недопирливи, сега можеби ќе се објават.  Членови на администрацијата на Трамп можат да бидат повикани на истрага, а импичмент во САД се покренува со просто мнозинство – кое од вчера им припаѓа на Демократите.  Тие досега беа внимателни со таквите потези, но ако извештајот на Милер (главниот обвинител кој ги истражува врските помеѓу Трамп и Русија) биде скандалозен, тоа расположение може да се смени.

Други колумни од авторот: 

ВМРО-ДПМНЕ во нова радикализација на штета на Македонија

Расипувачи на забавата

Мицкоски има став дека нема став

Трамп ќе продолжи со иста стратегија

Но, не е се така црно за Трамп и Републиканците. Поларизацијата која беше лајтмотив на овие избори не му пречи на Трамп. Таа е во согласност со неговата досегашна политика да се грижи исклучиво за сопствената база и да не се обидува премногу да се додворува до неопределените или да ја прошири својата национална база поддржувачи. Ова иако го чинеше на сегашните избори, и ќе продолжи да го чини гласови ако продолжи со таа стратегија до 2020, сепак има за него и скриени предности.

Републиканците го засилија своето мнозинство во Сенатот, што значи дека патот до федералното судство е сѐ уште отворен и Трамп може да продолжи да именува судии и да спроведува сопствени кадрови решенија. Тоа е важно за неговата политичка моќ. Плус, сега, ако некои од неговите политики не успеат – има кого да прогласи за виновен. Ако економијата тргна удолу, ако проектите не функционираат, ако нема резултат – се кладам Трамп веднаш ќе најде згоден таргет кај Демократите, ќе ги обвини, па уште ќе даде и рецепт што треба да се направи. Имајќи јасен политички опонент против кој може да се бори и кого може да напаѓа, е всушност идеална ситуација за тип политичар како Трамп.

Потоа, големите демократски ѕвезди беа збришани вчера, и сега ќе има интерни борби кај Демократите додека се појават нови, а притоа Републиканците ги добија гувернерските избори во Флорида и Охајо – двајцата големи поддржувачи на Трамп. Тој развој на настаните, имајќи предвид дека трката за 2020 почна вчера, е сепак предупредување за Демократите дека ништо не е готово. 

На крајот, мислам дека силната поделба која е резултат на вчерашните избори ќе наметне еден заклучок кој ќе нѐ побие сите нас, кои тврдевме дека последните две години се најинтересните во политиката на САД – наредните две можат да направат последниве да изгледаат здодевни.