1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори со пречки

Флоријан Вајганд / Превод: А.Трајковска8 јули 2014

Ашраф Гани, според првичните резултати, е победник на претседателските избори во Авганистан. Меѓутоа, несогласувањата околу веродостојноста на изборите можат да бидат експлозивни за иднината, смета Флоријан Вајганд.

https://p.dw.com/p/1CXwT
Флоријан ВајгандФотографија: DW/P. Henriksen

Двапати Авганистанците им се спротивставија на заканите на талибанците и дури и на заканите по нивниот живот и го дадоа својот глас. Тие впечатливо, пред очите на светската јавност, ја изразија својата волја за демократска и пред сѐ мирна промена на власта. Сега, конечно, се чини дека работите се појасни. Според првичните резултати, победник е поранешниот експерт на Светска банка, Ашраф Гани.

Јасниот резултат од вториот круг на изборите со 56,44 проценти се чини само на прв поглед е чист успех. Објавувањето на резултатите беше повеќепати одлагано, бидејќи сомнежите беа големи. Поразениот кандидат Абдула Абдула беше победник во првиот круг, Гани имаше 13 проценти помалку гласови. Ова отвора прашања.

Едноставен одговор би звучел вака: авганистанските избирачи не се одлучуваат за или против конкретна програма, туку врз основа на етничките преференци. Ашраф Гани им припаѓа на Паштуните, кои се мнозинство од населението. Тие се доминантни пред сѐ на југот и на истокот. Абдула Абдула иако има Паштуни роднини, се смета за претставник на Таџиките на северот на земјата. Неговиот релативен успех во првиот изборен круг можеби се заснова на едноставен факт што покрај Гани имаше и други кандидати Паштуни, кои меѓусебно си ги земаа гласовите. Но, во вториот круг многу Паштуни гласаа за нивниот сонародник Гани и против човекот од северот Абдула.

Според актуелните резултати, поразениот кандидат Абдула Абдула меѓутоа презентира друг одговор. Тој смета дека имало голема изборна измама. Во независната изборна комисија во Кабул зад затворени врати жестоко се дискутираше. Дека имало изборни фалсификати, не спори никој. Но, дали случаите на изборна измама беа во толкави размери за навистина да влијаат врз резултатот? Абдула Абдула го тврди токму тоа, а неговиот противкандидат, победникот Ашраф Гани, тоа одлучно го отфрла.

Овој спор околу веродостојноста за изборите во себе носи експлозив за во иднина. За едноставните избирачи никогаш нема да има транспарентен одговор на прашањето дали изборите беа фалсификувани во големи размери. Тоа е фрустирачко и подготвува терен за насилство и секакви шпекулации за матни зделки далеку од очите на јавноста. Во најлош случај ова им е добредојдено на оние сили кои и онака ја отфрлаат демократијата како ѓаволско дело на Западот.

Тоа што САД, ЕУ и ОН се нудат како посредници, е можеби почест, но тоа може дополнително да фрли фатална сенка врз изборите - повторно се чини дека „Good Governance“ на Хиндукуш не е можно без помош од надвор. Аваганистанската независна изборна комисија се наоѓа на удар на критиката дека не може сама да го има под контрола изборниот процес. Згора на тоа, комисијата за поплаки мора да се докаже и да ги провери обвинувањата за измама, додека на крајот на јули не биде објавен официјалниот резултат. На проверка е и нејзината репутација.

Сепак, има и позитивни работи: Западот може да смета на Ашраф Гани како на парнер од доверба, исто како што тоа би било случај со Абдула Абдула. Нивните програми и цели се разликуваат само во некои акценти. Двајцата сакаат да го потпишат договорот за безбедност со САД, кој предвидува стационирање на американски војници и по повлекувањето на НАТО на крајот на годинава. Досегашниот претседател на Авганистан Карзаи го одбиваше тоа. Оттука, Западот во секој случај може да смета на партнер од доверба.