1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Хрватска:дисциплинирана десница и размазена левица

Синиша Богдановиќ/БГ9 септември 2016

Во пресрет на предвремените парламентарни избори мнозинството од десното гласачко тело нема дилеми за кого ќе гласа. Левичарите и либералните гласачи, од друга страна, се мислат дали воопшто да излезат.

https://p.dw.com/p/1Jz1B
Фотографија: Reuters/Bronic

Гласачката машинерија на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) е тешко да се победи. Ова тврдење во Хрватска се повторува од избори до избори со наводи како на левичарските гласачи им пречи сѐ: од нивните кандидати до временски услови, па најрадо изборите би ги минале низ препукувања на Фејсбук.

„Гласачите на десницата се полесни за мотивирање, а ХДЗ има цврста база која редовно и послушно излегува на избори“, вели за ДВ, политичкиот аналитичар Даријо Черепинко.

„Истражувањата покажуваат дека мнозинството гласачи на десницата имаат поедноставена слика за светот; црно-бело со малку сиво. Тие и делуваат на тој начин; или-или, без нијанси“, дополнува Черепинко.

Аналитичарот наведува повеќе фактори кои ги мотивираат групите.
„Гласачите на десницата во поголем процент гласаат од страв. Втор фактор е нетрпеливоста кон кандидатите на спротивната страна. Тука се уште и грозењето и омразата кон одредени животни стилови или трендови во општеството“.

Секако треба да се води сметка и за различните стилови на комуникација со гласачката база. На пример, одредени локални ограноци на ХДЗ им издадоа упатство на своите активисти што помалку да ги користат автомобилите на пат кон работа и назад, за да можат повеќе да комуницираат со граѓаните, да покажат народно лице и да ги мотивираат да гласаат. Националистичката реторика во ХДЗ е придушена по доаѓањето на Андреј Пленковиќ, но таа е сѐ уште присутна во регионите зафатени со војна.

Kroatien - Darijo Čerepinko
Даријо ЧерепинкоФотографија: privat

За патриотизмот не се расправа

„Сликата на патриотизмот и татковината кај десните гласачи е мнозински црно-бела, без нијанси. Таа се мери во односот кон Југославија и Србија. Тоа е почетокот и крајот на патриотизмот за десницата, бидејќи тие за татковината имаат монолитна слика на светост за која не се расправа. А кога не може да се расправа за тоа, единствено што мотивира е загрозеноста на таа светост во вид на црвени, комунисти, Срби, четници... За самата слика на татковината десницата не дозволува расправа“, коментира Черепинко.

И покрај бројните порази, левицата и либералите до денес не пронајдоа одговор на поставениот предизвик. И онака распуштените леви гласачи уште повеќе ги дезориентираше реториката на водачот на Народната коалиција, Зоран Милановиќ (СПД) кој заигра на картата сѐ или ништо. „Либералните кандидати многу повеќе размислуваат за тоа зошто да му го дадат гласот на некој кандидат. Тие попрво ќе ги казнат своите кандидати доколку ги разочарале“, предупредува Черепинко.

„Можеби проблемот е тоа што левите гласачи не ја гледаат СПД како лева партија. Таа е номинално социјалдемократска партија, но некои политики кои ги заговара се на граница со либералните политики, па дел од гласачите се разочарани со недостатокот на леви идеи и делување. Сметаат дека е еднакво зло гласањето за СПД или ХДЗ. Дел од граѓаните сметаат дека кога се работи за кршењето на работничките права, СПД не е вистинска левичарска партија“.

Silvija Separovic
Силвија ШепаровиќФотографија: DW/S. Bogdanic

Левичарите се сметаат за покритични

Кај левичарските гласачи голем проблем е дисциплината, вели политичката новинарка Силвија Шепаровиќ. „Тие сакаат да мислат дека го ценат својот глас далеку повеќе и да поставуваат прашања и проценки. Но сите податоци укажуваат дека, сепак, меѓу нив најголем процент нема да се појават на гласачките кутии. Има и многу 'недисциплинирани', а бидејќи во нивниот случај нема стеги и црно-бел свет, тие се склони да застрануваат. Незадоволни од тоа што политиката не им ги решила проблемите, иако можеби последниот пат и не гласале, тие трагаат по трета опција. Излегува - секој пат за некоја друга“, вели Шепаровиќ.

Мотивациските разлики се уште посилни во дијаспората во која левите гласачи речиси и да не излегуваат на гласање, додека десните - изборите ги сфаќаат како граѓанска, па и патриотска должност.