1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Саксонија-Анхалт: Сите против АфД

5 јуни 2021

Во германската источна покраина Саксонија-Анхалт околу 1,8 милиони луѓе ќе гласаат за нов парламент. Германија внимателно ги следи овие избори, зашто борбата на ЦДУ и АфД би можела да биде со многу тесен резултат.

https://p.dw.com/p/3uT1p
Deutschland | Landtagswahl in Sachsen-Anhalt | AfD
Фотографија: Ronny Hartmann/AFP/Getty images

Рајнер Хазелоф изгледа многу нервозен, се мурти, одмавнува со глава. 67-годишниот физичар повеќе од десет години е на чело на Саксонија-Анхалт и повторно се кандидираше за премиер на покраинските избори (06.06). Во актуелната вллада, Хазелоф ја предводи коалицијата на своите Христијански демократи, Социјалдемократите и Зелените.

Но, дали на овие избори ќе има успех? Десничарските популисти од Алтернатива за Германија (АфД) отсекогаш се силни во источниот дел од земјата. Последните анкети покажаа дека имаат поддршка од 26% од граѓаните, додека ЦДУ имаат 27%. Во некои претходни анкети АфД се чинеше најсилна партија.

Deutschland Sachsen-Anhalt Ministerpräsident Reiner Haseloff
Рајнер Хазелоф сака да остане покраински премиер и не сака соработка со АфДФотографија: Getty Images/M. Schmidt

Затоа лицето на Хазелоф е напнато во соочувањето на јавниот сервис МДР, тој го повторува она што многупати го вели: „Пораката е јасна. И јас стојам зад неа. Јасно ставив до знаење дека со мене нема коалиција со АфД и соработка со оваа партија е исклучена. Ако добеме мандат за состав на влада, во предвид доаѓа само коалиција со партии од центарот."

Тоа би можело да биде тешко: сегашната коалиција, која поради партиските бои црна, црвена и зелена, ја нарекуваат и Кенија-коалиција, би можела на овие избори да загуби мнозинство. Трите меѓу себе многу различни партнери на власт постојано се судираа, нервите се истенчени.

И доста демохристијани во Саксонија-Анхалт, во која десното крило на партијата е многу јако, отворено кокетираат со АфД и не исклучуваат можност од формирање коалиција со неа. Хазелхоф знае дека тоа, на нешто повеќе од три месеци од сојузните избори, би бил многу лош сигнал за ЦДУ, за лидерот на партијата и канцеларски кандидат Армин Лашет.

 Deutschland | Landtagswahl in Sachsen-Anhalt | Plakate der AfD mit Landeschef Oliver Kirchner in Magdeburg
АфД ужива голема поддршка во Саксонија-АнхалтФотографија: Jan Huebner/imago Images

Либералите како надеж

Според најновите анкети, добри шанси за повторно да влезат во парламентот на Саксонија-Анхалт имаат и Либералите. Со нивна помош Хазелоф повторно би можел да има мнозинство. Голем дел граѓани од оваа покраина би сакале овој политичар и натаму да остане премиер. Но, има и многу скептици, според кои коалиција од четири партии, само за АфД да се држи подалеку од власта, не е добра за демократијата во цела Германија.

Зелените, кои моментно на сојузно ниво се во голем подем, пред пет години едвај обезбедија влез во парламентот на Саксонија-Анхалт. Сега би можеле да освојат околу 8% гласови, значи повеќе од порано, но многу помалку отколку во други делови од Германија.

Повеќе:

Што е странско, а што германско: АфД со нова дефиниција за државјанството и „нормалното“

По изборната шлаканица, ЦДУ на Меркел е на крстопат

Тирингија ја затресе владата на Меркел

Дотолку повеќе за канцеларската кандидатка и шефица на партијата, Аналена Бербок, беше тежок предизбониот настап во главниот град на покраината, Магдебург. Зборуваше за расизам и антисемитизам, не само во Саксонија-Анхалт: „Тоа што деновиве овде некој бил нападнат зашто носал кипа (еврејска капа, н.з.), и тоа е реалност во нашава земја. Тоа значи дека мораме заеднички да станеме против тоа, секој ден, на улица, на работно место."

Во октомври 2019 година млад десничарски терорист во Хале уби двајца луѓе, откако се обиде да влезе во синагога во градот. Тоа предизвика шокираност во цел свет.

Мала покраина со големи проблеми

Саксонија Анхалт е ретко населена покраина во која се одвиваат големи промени. Најголем град е Хале со 237.000 жители, главниот град Магдебург има 235.000 жители. Во оваа покраина посебно распространети се отфрлање на демократијата и десничарски популизам.

Просечната плата во Саксонија-Анхалт е за околу 700 евра помала од просекот во Германија. Во училиштата во внатрешноста недостигаат наставници и се затвораат болници.

Но затоа во Саксонија-Анхалт има повеќе ветерници отколку во другите германски покраини. Одлуката на сојузната влада за прекин на експлоатцијата на јаглен е тежок удар за рударството во покраината. АфД поттикнува отпор против ангажираната политика за заштита на животната средина, против тоа ветерниците да ја заменат експлоатацијата на јаглен.

Главниот кандидат на оваа партија, Оливер Кирхнер, во текот на предизборното гостување на јавниот сервис МДР, на владејачките кругови во Магдебург и Берлин им порача: „Средната класа не сака закон за обновливи енергии, не сака данок на ЦО2. Светската клима не се спасува во Германија, туку во Индија, Кина, Русија.“

На мета на Кирхнер секогаш се и бегалците. Во авторски текст во весникот „Фолксштиме“ тој напиша: „Луѓето кои доаѓаат во нашиот социјален систем мора да бидат вратени назад, за да ја градат својата земја.“

Како и многу други членови на АфД, и Кирхнер остро ја критикува корона-политиката на покраината и германската сојузна влада.

Сите останати партии кои учествуваат на изборите во Саксонија-Анхалт уверуваат дека нема да соработуваат со АфД, иако во последните години, на големо незадоволство на Хазелоф, имаше поединечни случаи на соработка меѓу ЦДУ и АфД.

Иако има добри шанси за реизбор, на Хазелоф во иднина ќе му биде тешко да спречува приближување на ЦДУ и АфД. Изборите во Саксонија-Анхалт се последни покраински пред сојузните парламентарни избори и затоа сите партии внимателно ги следат случувањата во малата покраина.