1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Може ли судовите да го направат Трамп победник?

Саманта Бејкер | Петер Хиле | Ута Штајнвер | Јоша Вебер
5 ноември 2020

Во 2000. траеше пет недели за официјално да се утврди победникот на изборите во САД. На крајот одлучи Врховниот суд. Трамп сака и овојпат да се повика на него. Но, тоа не оди така лесно, вели нашата проверка на факти.

https://p.dw.com/p/3ktje
USA Washington | Supreme Court
Фотографија: Joshua Roberts/REUTERS

Гласовите од претседателските избори во клучните држави сѐ уште не се пребројани. Но актуелниот претседател Доналд Трамп веќе се обидува да креира случај. „Ние победивме на изборите“, рече Трамп вчера пред своите приврзеници. Но, и нему треба да му биде јасно дека на крајот нема самиот да одлучува за изборниот исход.

Во неговото кусо обраќање по долгата изборна ноќ Трамп најави по кој пат сака да тргне за да остане во Белата куќа. „Одиме до крај во Врховиот суд". Конечната одлука за изборот може да биде донесена таму.

Засега е нејасно што точно сака да изнесе пред судот актуелниот претседател. Неговата следна реченица гласеше: „Сакаме гласањето да запре." Но, во времето на говорот гласањето беше секаде завршено.

US Wahl 2020 Donald Trump
Трамп предвреме се прогласи за победникФотографија: Chris Kleponis/UPI Photo/imago images

Набљудувачите сметаа дека Трамп сака запирање на пребројување на гласовите испратени по пошта во надеж дека неговиот противкандидат Џо Бајден од Демократите нема да го престигне во државите како Пенсилванија и Мичиген.

Објавата на конечниот резултат секогаш е подолг процес

Елен Вајнтрауб од Државната изборна комисија уште во вторникот за СиЕнЕн,  изјави дека нема да има конечни резултати до крајот од изборниот ден. „Никогаш досега не сме имале конечни резултати на крајот од изборниот ден, тие доаѓаат секогаш неколку недели подоцна“. Најважно е да се пребројат сите гласови, рече таа.

Повеќе:

Џо Бајден доби повеќе гласови од сите американски претседатели досега

Доналд Трамп: Застрашувачко непочитување на демократијата

Драма во САД: Трамп објави победа и побара да запре броењето на гласовите

Избори во САД: Што ако нема јасен победник на изборната ноќ?

А за тоа е потребно време. Според проверката на фактите која ја направи Дојче Веле, 21 држава прифаќа гласови испратени по пошта дури и ако на пликот има датум од 3 ноември 2020. Меѓу нив се и државите Пенсилванија, Невада и Северна Каролина, каде се уште не се до крај избројани гласовите. Временското ограничување варира од држава до држава. Според податоците од Националната конференција за државно законодавство, Калифорнија прифаќа вакви пратки и до 17 дена по изборниот термин.

Адвокатите во погон

Најавата на Трамп ги враќа сеќавањата од 2000-та година. Тогаш се водеше жестока битка околу Флорида. Ал Гор, во тоа време потпретседател и Демократ, според првото пребројување на гласовите заостануваше само околу 1800 гласа зад Џорџ В. Буш, кандидатот на Републиканците. Според изборното право во САД – во сите сојузни држави – гласовите од една држава одат на контото на кандидатот кој таму освоил просто мнозинство. Тоа значеше дека резултатот од Флорида ќе биде одлучувачки за изборот на иден претседател, бидејќи во поделбата на гласовите од другите држави, Гор и Буш беа речиси израмнети.

Ал Гор кој всушност веќе му ја честиташе изборната победа на својот противник но побара повторно пребројување на гласовите во Флорида. Законот го дозволува ова кога се работи за тесна победа. Предноста на Републиканецот се намали на помалку од 1000 гласови. Со секое следно пребројување растеа надежите на Гор за претседателската позиција.  Армија адвокати беше ставена во погон, беше поднесена жалба до Врховниот суд во Флорида, и на крајот до Врховниот суд на САД.

Добриот губитник по име Ал Гор

На 12 декември 2000-та судиите одлучија: при рачното пребројување на гласовите во Флорида не е применет единечен стандард. Ново пребројување не доаѓа предвид. Со тоа највисокиот суд во државата го направи Џорџ В. Буш претседател.

Сценарио кое може да се повтори во слична форма? „Да, сигурно постојат сличности“, вели поранешниот германски амбасадор во Вашингтон, Петер Витинг во разговор за ДВ. „Знаеме дека има речиси 400 претставки во регионален контекст, кои ќе завршат во различни судови. Така што мора да се подготвиме за правна битка меѓу двете страни.“

Брус Акерман, експерт по уставно право и професор на правниот факултет на Јеил, не верува дека Врховниот суд ќе одлучува за изборниот исход на ист начин како во 2000-та. Пред изборите тој за ДВ изјави: „Ќе има тесна битка не само во една сојузна држава, туку најмалку во шест до осум. Речиси е невозможно Врховниот суд да интервенира во шест до осум држави.“

Врховниот суд не е вистинската адреса

Нашата проверка на фактите меѓу другото покажа: Трамп невнимателно избрза со изјавата дека ќе оди до Врховниот суд. Тој дури не може директно да му се обрати на Врховниот суд. Сите правни прашања мора прво да поминат низ судовите на сојузните држави, објаснува Акерман.

Витиг посочува уште една голема разлика во однос на 2000-та: „Се сеќаваме дека Гор во еден момент се откажа и го напушти теренот како фер губитник.“ Гор во преден план ја стави големата слика – стабилноста на демократијата. „Искрено се сомневам дека правната биитка овој пат ќе заврши правично како во 2000-та.“ вели тој.

Тест за издржливост на демократијата

Гласовите сѐ уште се пребројуваат. И сѐ уште е нејасно околу кои прашања може да се води правна битка, доколку никој од противкандидатите не признае пораз. Но, доколку дојде до пресметка во Врховниот суд како во 2000-та, Трамп може да биде сигурен дека таму конзервативните судии се мнозинство. Конечно само пред една недела стоеше до својата кандидатка Ејми Кони Барет кога таа положи заклетва како уставен судија.

Ќе донесе ли Врховниот суд политичка одлука? И тоа не е јасно. Тоа би бил чекор, кој би ја поткопал американската демократија и нејзините стогодишни институции. „Влегуваме во фаза на голема неизвесност во следните часови, а можеби и денови,“ вели поранешниот германски амбасадор во Вашингтон, Петер Витинг. „Прашањето е дали политичкиот процес може да продолжи по коректен и вообичаен тек, или процесот на пребројување ќе биде нарушен со одредени маневри.“ Американската демократија е соочена со тест за издржливост.