1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како се финансира ИД?

Ханс-Јирген Маурус / Е.М.Фиданоска19 ноември 2015

Колку што повеќе напредува истрагата во врска со нападите во Париз, станува се‘ појасно дека извршителите имале широко траспространета мрежа помагачи и средства. Како се финансира Исламска држава?

https://p.dw.com/p/1H7ih
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

„Исламска држава“ (ИД) нема финансиски грижи, напротив. При освојувањето во северен Ирак и Сирија во рацете на терористите паднаа многу вредни делови инфраструктура, кои претходно на регуларните влади им беа од помош за полнење на државните каси. Тука се вбројуваат на пример изворите на нафта, или давачките што ги плаќаат жителите на Мосул. „Исламска држава“, според тоа, има неколку финансиски извори: продажба на нафта, киднапирања, уцени, заштитни царини и експропријација. На бегалците им се крадат автомобилите, нивните пари во готово и куќите.

Заливските држави, како Саудиска Арабија, им даваа поддршка на Ал Каеда и на ИД во борбата против сирискиот диктатор Башар ал-Асад. На терористичките банди на ИД веќе не им е неопходно вакво финансирање од страна на држави, оценува истражувачот на исламот Рајнхард Шулце од Универзитетот Берн. „Ако ги погледнеме финансиските ресурси, а тоа се околу две милијарди американски долари во кеш, кои, како што се претпоставува, денес ги има Исламска држава, тогаш може да се види дека таа освојуваше територии кои економски нешто носеа. Тоа се нафтени и земјоделски региони“, вели Шулце.

Притоа, важно е што ИД освојува и задржува територии и со тоа си создава економска и финансиска база. Во тоа е и разликата меѓу ИД и Ал Каеда, нагласува Шулце. „Ал Каеда беше релативно изолирана организација која не контролираше територија. Исламска држава во меѓувреме контролира една релативно голема територија и со тоа може на лице место да генерира капитал и финансиски текови кои Ал Каеда ги немаше.“

Се користи секој извор на финансии, како на пример продажба на антиквитети од ограбените културни богатства кои не биле уништени во текот на освојувањето. Помалите објекти завршуваат на пазарите на црно.

Најмногу пари од продажба на нафта

Тоа што ИД „седи“ врз две милијарди американски долари, се должи и на тоа што при освојувањето на градот Мосул во рацете на ИД паднаа и повеќе од 400 милиони долари во кеш од ирачката Централна банка, чие седиште беше во Мосул.

Syrien Ölfeld bei Derik Archiv 2011
Фотографија: Fabio Bucciarelli/AFP/Getty Images

Сепак, најважен извор на финансии е продажбата на нафта на пазарот на црно. Се проценува дека ИД има флота од околу 1000 цистерни. За да стигнат на ред да наполнат нафта во цистерните возачите пред нафтеното поле Ал Омар во источна Сирија чекаат и до еден месец. Колоните цистерни понекогаш се долги по 6 километри. Од продажба на нафта, ИД касира по околу 40 милиони американски долари месечно. Таа ја продава нафтата под вообичаената вредност и тоа на посредници, кои потоа црното злато го продаваат во странство. Предноста притоа, како што беше презентирано во документарна емисија на Би-Би-Си, е што ИД добива многу пари во готово и тоа неоданочени, а на тој начин може да тргува дури и со смртниот непријател, сирискиот претседател Асад. На Асад му е неопходна нафта, а на ИД - кеш, па терористите преку посредници и‘ лиферуваат нафта на владата. Понекогаш, некој од „диловите“ се одвива во вид на размена. Во замена за нафта, на пример, ИД добива опрема за снабдување со електрична енергија.

ИД добива пари на рака

Групата 20 најави дека има намера да ги „исуши“ финансиските извори на терористичката организација. Тоа е полесно да се каже, отколку да се направи, затоа што ИД тргува пред се‘ со пари во готово, значи добива веднаш пари на рака и не може да се прави електронска контрола. Финансиските трансакции, практично, се одвиваат анонимно преку еден мудар систем. Шулце објаснува: „Станува збор за многу неформален систем на трансакции. Постои сомневање дека е многу сличен со арапскиот систем Хавала. Се работи за постапка на размена која дури и финансиските експерти тешко можат да ја откријат. На тој начин се создава можност оној кој плаќа да не знае каде завршуваат неговите пари, а оној што ги прима парите, да не знае од кого тие доаѓаат.“

G-20-Gipfel in Antalya - Gruppenbild
Г20 сака да ги „исуши“ изворите на пари на ИДФотографија: Getty Images/AFP/S. Loeb

Сепак, Западот не е сосема беспомошен. На ИД може да и‘ се затвори славината за нафта со тоа што ќе бидат напаѓани транспортните рути. Такво нешто се случи во Сирија - американските бомбардери во воздушни напади уништија 116 од 295 цистерни. Но, остануваат многу „дупки“, како во Ирак, каде американската Централна банка утврди дека од милијардите кои САД и‘ ги ставија на располагање на ирачката влада, милиони завршуваат очигледно кај ИД. Како е тоа можно? САД лиферуваат полни авиони со пари во готово во Багдад, каде доларските банкноти преку аукција преминуваат во околу 2000 менувачници. Некои од нив се се‘ друго, само не чисти.

Со оглед на тоа што нема контрола, пари од американските даночни обврзници завршуваат не само во рацете на терористите, туку и кај три ирански банки кои се наоѓаат на американската листа за санкции.