1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И светската економија ги чувствува немирите во Египет

6 февруари 2011

Напрегнатата ситуација во арапските земји ги вознемири светските берзи. Цената на нафтата скокна, а германските компании ги повлекуваат своите претставници од Египет. Сето тоа се одрази и врз слабата египетска економија

https://p.dw.com/p/QxL4
Од демонстрациите во ЕгипетФотографија: AP

Луѓето кои учествуваат во протестите во Египет не сакаат само демократија и слобода. Тие сакаат да учествуваат во распределбата на плодовите на стопанскиот раст, кои дури и во кризната 2009 година изнесуваше пет насто. Египетската економија започна да се либерализира во 2004 година и од тогаш наваму бележи постојан раст. Но, и покрај тоа невработеноста во земјата е голема, особено кај младите. Фолкер Трајер од Германската индустриска и трговска комора објаснува:

„Постои оправдано сомневање дека економската елита ужива повластици, додека широките народни маси немаат удел во распределбата. Најважна причина за тоа е образованието. Државата досега правеше премалку за подмладокот во стопанството, а со благосостојбата започна да расте и бројот на населението“.

Ägypten Kairo Proteste
Незадоволните млади луѓе на чело на демонстрациитеФотографија: picture-alliance/dpa

Странските инвеститори стравуваат

И навистина Египет сега има 84 милиони жители, а нивниот број според проценките на ОН ќе продолжи на годишно ниво да расте просечно за два проценти. Секоја година на пазарот на труд доаѓаат 600 до 700 илјади нови млади луѓе кои бараат работа, а главно се без образование и квалификации. Фолкер Трајер смета дека недостатокот од квалификувана работна сила е главната причина за непродуктивноста на Египет:

„Ако самите не можат доволно да произведат, тогаш мораат да трошат пари за странски производи, а тоа предизвикува инфлација“. Инаку инфлацијата во Египет пред избувнувањето на протестите изнесуваше 11 насто, а стручњаците предвидуваат дека и натаму ќе расте. Се’ повисоките цени на прехранбените производи кои Египет главно ги увезува, најмногу ги погодуваат сиромашните, значи оние кои малку заработуваат или воопшто немаат работа.

Експертот за Блискиот Исток, Мартин Калхефер истакнува дека немирите негативно ќе се одразат и на туризмот, една од најважните стопански гранки во Египет. Но, најмногу го загрижува тоа што поради хаосот во земјата ќе бидат прекинати многу директни странски инвестиции. И навистина германските концерни БАСФ, Дајмлер и БМВ веќе објавија дека привремено го прекинуваат производството во Египет. И можните нови вложувачи сега чекаат да видат како ќе се развива состојбата натаму. Но, ако немирите резултираат со демократски реформи во таа земја, тоа на крајот би можело да ја зголеми нејзината атрактивност за инвеститорите.

Symbolbild Preis für Öl steigt auf neue Rekordhöhe
Луѓето на Запад стравуваат од поскапување на гориватаФотографија: picture-alliance/ dpa

Скок на цената на нафтата

И светските берзи многу нервозно реагираа на немирите во Тунис и во Египет. Инвеститорите дури сметаат дека е загрозена стабилноста на целиот Блиски Исток. Цената на нафтата од Балтичкото море за првпат по повеќе од две години се зголеми на повеќе од 100 долари за барел. Потрошувачите стравуваат дека одново ќе поскапи горивото, а економистите проценуваат дека поскапувањето на нафтата би можело значително да го забави светкиот економски раст. Египет додуша не е голем извозник на нафта, но низ Суецкиот канал годишно кон Средоземното море минуваат околу еден милион барели нафта. Стручњаците всушност најмногу се плашат дека бранот би можел да ги зафати и другите арапски земји кои играат значително поголема улога во снабдувањето на светскиот пазар на нафта.

Автор: Јута Васераб/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фидановска