1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Гордон Браун бил прислушкуван од империјата на Мардок

12 јули 2011

Нов шок во Велика Британија по откритието дека медиумската империја на Руперт Мардок го прислушкувала и поранешниот британски премиер и министер за финансии, Гордон Браун и тоа со ангажман на криминалци

https://p.dw.com/p/11tZh
Поранешниот британски премиер бил меѓу прислушкуванитеФотографија: AP

Полицијата потврди дека приватниот детектив, Глен Мулкери во центарот за хакирање на сандачињата со гласовни пораки на телефоните, на листата на мети го имал и Браун.

Најпрво се огласи портпаролот на поранешниот британски премиер. „Семејството е шокирано од нивото на криминал и неетичките средства со кои се посегна по лични податоци“, рече портпаролот на Браун.

Малку подоцна и самиот Браун излезе со обвинувања до весниците на Руперт Мардок, дека користеле познати крималци за да упаднат во неговите лични информации. Притоа, тој кажа дека бил во солзи во 2006-та година, кога весникот „Сан“ објави дека неговиот син Фрејзер боледува од цистична фиброза, а ликот на неговото дете го гледал во сите медиуми.

„Никогаш не зборував за состојбата на Фрејзер. Очигледно, сакавме тоа да го задржиме како нешто што е приватно поради јасни причини“, рече Браун во изјава за Би-Би-Си. Со тоа се покажува дека скандалот за хакирање телефони, што го направи “Њуз оф д ворлд“ сега се шири на два од трите весници во Британија, чиј сопственик е Мардок.

„Искрено сум шокиран да откријам дека ова се случи поради нивните врски со криминалци, познати криминалци, кои преземале вакви активности“, додаде Браун.

Се подготвуваат тужби за „Њуз оф д ворлд“

Поранешен детектив од Скотланд Јард веќе планира да поднесе тужба против „Њуз оф д ворлд“ за вознемирување и упад во неговиот телефон. Поранешниот полицаец Дејв Кук и неговата сопруга Жаки Хејмс биле телефонски следени од новинари на Руперт Мардок. Овој случај е специфичен за весникот, бидејќи човек обвинет за убиство со секира, подоцна работел како истражувач за весникот. Што всушност се случило?

News of the World letzte Ausgabe
Новинарите на „Њуз оф д ворлд“ со последното изданиеФотографија: dapd

Во 1987 на југот од Лондон било пронајдено телото на Даниел Морган со секира во главата. Истрагата, една од најдолгите во британската историја, траела 24 години и за убиството бил обвинет Џонатан Рес, бизнис партнер на убиениот. Осомничениот убиец работел како истражувач за „Њуз оф д ворлд“ од 1993 до 2000 година, а подоцна и во 2005 година. Судскиот процес против него пропаднал во март годинава. Во меѓувреме, Дејв Кук како пензиониран полицаец до пред два месеца бил ангажиран како истражен офицер во случајот со Рес.

Британските весници наведуваат дека Рес побарал од „Њуз оф д ворлд“ како противуслуга за работата за нив да спроведе следење на полицаецот Кук. Откако се разбрало за ова во јавноста, „Њуз оф д ворлд“ се бранел дека новинарите следеле дали госпогата Жаки Хејмс му е швалерка, за подоцна да откријат дека тие всушност се во брак.

Во истовреме со заканите за тужби во Британија, од другата страна на Атлантикот стаса информација дека американските власти прават сондажа дали медиумската корпорација на Мардок го прекршила законот против подмитување. Весникот „Дејли мејл“, цитирајќи неименувани извори, објави дека репортерите од „Њуз оф д ворлд“ му понудиле да му платат на полицаец од Њујорк за вчитување на телефонските снимки од жртвите во нападите на 11 септември.

Акциите на компанијата паѓаат, Парламентот сака сослушување

По скандалот со „Њуз оф д ворлд“, денеска на австралиската берза вредноста на акциите на медиумската корпорација на Мардок падна за 4,59. Во исто време, неколку од најголемите акционери за „Ројтерс“ изјавија дека продолжуваат да имаат доверба во компанијата, а еден голем инвеститор изјави и дека продажбата на акциите била претерана.

За да ја поправи ситуацијата, Мардок освен што го затвори весникот, се откажа и од намерата да купи 61% од британскиот сателиски канал „БиСкајБи“ за 14 милијарди долари.

Weltwirtschaftsforum Davos Rupert Murdoch
Медиумскиот магнат Руперт МардокФотографија: AP

Британските пратеници денеска ги повикаа Руперт Мардок, извршниот директор на неговата компанија „Њус Интернешнал“, Ребека Брукс и претседателот Џејмс Мардок да сведочат пред нив за телефонското прислушкување. Од компанијата на Мардок уверуваат дека ќе соработуваат.

Тие најверојатно ќе се појават пред Комитетот за култура, медиуми и спорт на 19 јули, пред Парламентот да оди на одмор. Портпаролот на компанијата вели дека писмени покани не стасале, но триото било „орално информирано“. Пратеникот Том Вотсон за радио Би-Би-Си изјави дека Комитетот следниот вторник ќе заседава и ги очекува нив да се појават.

Пратениците сакаат да ја прашаат Брукс дали знаела за подткупувањето полицајци кога таа била главен уредник во „Њус оф д ворлд“. Во 2003-та, Брукс, тогаш позната како Ребека Вејд, призна пред Комитетот за култура дека „и‘ плаќала во минатото на полицијата за информации“.

Автор: Александар Методијев/ ројтерс/афп

Редактор: Борис Георгиевски