1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Германија немоќна пред грчкото вето!

Силвера Падори-Кленке21 мај 2012

Јохан Вадефул (ЦДУ) и Марилуизе Бек (Сојуз 90/Зелени) силно го поддржуваат членството на Македонија во НАТО. Но, и тие не можат да влијаат врз грчкото вето, кое иако на долг рок е „неодржливо“, е проблем за Македонија

https://p.dw.com/p/14xWn
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

„Од германски аспект - Македонија е иден партнер и член во Алијансата. Кандидатурата и натаму ќе ја поддржуваме, на ова Македонците може силно да сметаат. Но, на средбата во Чикаго, во центарот на вниманието се други точки“, изјави за Дојче веле Јохан Вадефул, пратеник од ЦДУ во Бундестагот кој самитот на НАТО во Чикаго го гледа како обид на Алијансата за консолидирање.
„Ние сме на страната на македонската политика и посакуваме посилно врзување со НАТО. Не можеме, меѓутоа, да го спречиме грчкото вето. Според правилата на Алијансата, нема никаква алтернатива да се делува врз грчката влада“, вели и Марилуизе Бек, пратеник од партијата Сојузот 90 / Зелени во Бундестагот, која подвлекува дека единствената причина што Македонија не е во Сојузот е „несреќното вето од Грција“.
И Вадефул и Бек се категорични дека случувањата во Грција го стеснуваат просторот за решавање на надворешно-политичките прашања какво што е името, што автоматски е на штета на Македонија.

Johann Wadephul CDU
Јохан ВадефулФотографија: picture alliance/dpa

Во дискусијата за Македонија организирана во март во европското претставништво во Берлин, Вадефул истакна дека на Грција мора да и’ се каже дека условувањето на името со членството во ЕУ - не е европско решение. Во контекст на ова го прашуваме Вадефул: кој и кога би требало да и го каже ова на Грција?
Вето на долг рок – неоддржливо!

„Јас и другите секогаш подвлекувавме дека во прва рака станува збор за билатерален проблем меѓу Македонија и Грција. Затоа и на двете останува меѓусебно да разговараат и да изнајдат решение. Секако дека Европејците ја следат состојбата. Моето мислење, кое го делат и многумина во Германија, е дека од Грција очекуваме европско однесување. Кон тоа припаѓа и определбата на Унијата, а со тоа и на Грција, за европските перспективи на земјите од Западниот Балкан. Во оваа смисла, со грчките партнери и натаму јасно ќе разговараме. Верувам дека ова ќе го направи и Европската комисија. Но, краткорочно - најпрво треба да се расчисти кој ќе владее во Грција, кој ќе биде партнер за разговор. Значи, најпрво треба да се постигне стабилност, па потоа да се разговара“, смета Вадефул. Тој го истакна значењето на разговорите дополнувајќи дека „максималистичките позиции не се спроведливи. Ова им е познато на македонските пријатели, но и грчката страна добро знае дека едноставното вето на долг рок е неодржливо!“.
Марилуизе Бек, пак посакува во јуни во Грција да гласаат поголем број граѓани кои се за ЕУ, зашто тоа е и шансата за стабилност, а со тоа и пат за решение на спорот за името.

Marieluise Beck
Марилуизе БекФотографија: picture-alliance

„Пред да има таму стабилност, Македонија ќе има голем проблем – преку моќта на ветото, Грција ќе ја сопира Македонија на нејзиниот пат “, дополнува Марилуизе Бек, од партијата на Сојузот 90 / Зелени.