1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зошто од Ковид-19 умираат повеќе мажи отколку жени?

Александер Фројнд
18 декември 2020

Мажите, жените и децата се инфицираат еднакво често со коронавирус. Но, мажите почесто заболуваат потешко од Ковид-19 и почесто умираат. Жените и децата се помалку загрозени.

https://p.dw.com/p/3mtTh
Coronavirus Bestattung der Toten in El Salvador
Фотографија: Reuters/J. Cabezas

Од почетокот на пандемијата се бара одговор на прашањето зошто мажите повеќе страдаат од инфекција со коронавирусот: мажите внимаваат помалку на своето здравје, почесто се пушачи, се хранат полошо... Особено постарата генерација имала нездрав стил на живеење. Освен тоа, мажите генерално одат подоцна на лекар, гласат претпоставките.

Сега една нова мета-студија, објавена на 9 декември во стручното списание Nature Communications, ги потврдува резултатите од претходни истражувања.

Податоците на истражувачката иницијатива Global Health 50/50 од повеќе од 20 земји, уште во јуни укажа дека жените се инфицираат исто толку често како и мажите, но мажите заболуваат почесто потешко од Ковид-19 и почесто умираат како последица на болеста. Стапката на починати е во сооднос отприлика една третина наспроти две третини.

Тоа сигурно се должи и на претходни болести. Мажите, на пример, почесто страдаат од срцеви заболувања, од кои исто така умираат почесто отколку жените.

Освен тоа, клучно значење има и старосната структура. Според институтот „Роберт Кох“ (РКИ), во сите старосни групи, освен во онаа 70-79 години, умираат најмалку двојно повеќе мажи отколку жени. Дури потоа односот на заболени жени и мажи се изедначува, за повторно да се сврти во старосната група на 90 до 99-годишници. РКИ не може да наведе причини за ваквите разлики.

АЦЕ2-рецепторот како главен влез?

Важна улога би можел да игра АЦЕ2-рецепторот. Тој кај болести предизвикани од коронавируси, како Ковид-19, САРС и МЕРС, е еден вид главен влез. И во случајот со МЕРС мажите се повеќе погодени од жените, изјави во јуни Бернард Цвислер, директор на Клиниката за анестезиологија во Минхен (ЛМУ).

Според студија на Универзитетскиот медицински центар Гронинген, кај мажите има поголема концентрација на АЦЕ2-рецепторот. Ваквата разлика кај половите научниците ја открија при истражување на можна поврзаност на АЦЕ2-рецепторот со хронична срцева слабост.

Illustration 2019 Novel Coronavirus Sars-CoV-2
Коронавирусите ги користат АЦЕ2-рецепторите како еден вид „главен влез“ за продор во телотоФотографија: imago/Science Photo Library

Бенард Цвислер вели дека во моментов се истражува дали примената на АЦЕ-инхибитори како средства за намалување на крвниот притисок води до тоа клетките да произведуваат повеќе АЦЕ2-рецептори, правејќи ги на тој начин почувствителни на инфекции. Тоа е сосема замисливо, но се' уште ништо не е докажано.

Дали естрогенот и посилниот имунолошки систем ги штитат жените?

Женскиот имунолошки систем е поотпорен од оној на мажите. Одговорен за тоа е пред се' женскиот полов хормон естроген, кој го стимулира имунолошкиот систем и така тој побрзо и посилно дејствува против патогените. Машкиот хормон тестостерон, пак, ја инхибира одбранбената сила на организмот.

Дека имунолошкиот систем на жените реагира во основа побрзо и поефикасно на вирусни инфекции отколку оној на мажите, според виролозите, се покажува и при други вирусни заболувања, како грипот или едноставни настинки.

99-годишната Елза ја преживеа короната

Затоа пак, жените повеќе заболуваат од автоимуни болести, кај кои имунолошкиот систем реагира премногу и ги напаѓа сопствените клетки, што е една од можните компликации и кај Ковид-19.

Освен тоа, постојат и „генетски причини“ кои ги ставаат жените во подобра позиција, вели за ДВ молекуларниот виролог Томас Пичман. Според него, „некои имунолошки релевантни гени, на пример гени кои се одговорни за препознавање на патогените, се кодирани на Х-хромозомот“. Со оглед на тоа што жените имаат два Х-хромозома, а мажите само еден, жените тука имаат предност.

Повеќе:

Ковид-19 и витаминот Д: Помош или „хајп“

Колку долго сум имун на коронавирусот по заразувањето?

Студија: 15 проценти од смртните случаи од Ковид-19 се должат веројатно на загаден воздух

Што треба да се знае за реинфекција со коронавирус?

Индија - посебен случај

Изненадувачки, истражувања од Индија покажуваат дека жените таму имаат поголем ризик да умрат од Ковид-19 отколку мажите. Стапката на смртност на заразени жени изнесува 3,3 проценти, во споредба со 2,9 проценти на заразени мажи. Во возрасната група 40-49 години, таму починале 3,2 проценти од заразените жени, во споредба со 2,1 процент кај мажите. Во возрасната група од 5 до 19 години, починале само девојчиња и жени.

Овој конкретен „индиски случај“ во моментов интензивно се истражува. Се смета дека една од причините што жените се повеќе погодени од корона е тоа што во Индија има едноставно повеќе постари жени отколку мажи. Покрај тоа, помалку внимание се посветува на здравјето на жените. Следствено, жените одат поретко на лекар и честопати прво се обидуваат да се лекуваат сами.

Indien I Coronavirus
Дали на здравјето на жените во Индија му се посветува помалку внимание?Фотографија: picture-alliance/H. Bhatt

„Нејасно е колку од ова се должи на биолошки фактори, а колку на социјални фактори. Полот може да биде пресуден фактор за смрт од корона во Индија", изјави за Би-Би-Си, СВ Субраманијан, професор по здравствена заштита на Универзитетот Харвард.

Уште во времето на Шпанскиот грип во 1918 година, во Индија починале значително повеќе жени. Жените биле поподложни на инфекции затоа што биле неухранети и затоа што биле затворени во нехигиенски и слабо проветрени станови, но и затоа што повеќе жени се грижеле за болните.

Зошто децата се помалку загрозени?

Во случајот со новиот коронавирус, децата изненадувачки не се вбројуваат меѓу најслабите. Болеста кај најголемиот дел од децата минува благо, а честопати дури и без симптоми. Од досега починатите речиси девет илјади луѓе во Германија, само три се деца под 18-годишна возраст.

На што се должи тоа, се' уште не е со сигурност докажано. Лекарите претпоставуваат дека кај малите деца дејствува вродениот „неспецифичен систем“. Како заштита од првите предизвикувачи на болести, мајката на детето уште во фаза на фетус, а подоцна и на новороденчето преку мајчиното млеко, му дава сопствена специфична имунолошка заштита.

Во вродениот имунолошки одбранбен систем спаѓаат белите крвни зрнца кои ги напаѓаат сите предизвикувачи на болести кои преку слузницата или кожата продираат во телото.

Deutschland Neugeborenenstation im Krankenhaus St. Elisabeth, Halle
Мајката на детето уште во фаза на фетус, а подоцна и на новороденчето преку мајчиното млеко, му дава сопствена специфична уминолошка заштитаФотографија: picture-alliance/dpa/W. Grubitzsch

Ваквата „пасивна имунизација“ е сосема доволна додека децата развијат сопствен одбранбен систем. Децата развиват своја специфична имунолошка одбрана до десеттата година од животот. Но, и потоа, нивниот одбранбен систем останува отворен за учење во текот на целиот живот во случај да го нападнат нови предизвикувачи на болести.

Децата не се брзи ширачи на заразата

Кога се работи за инфективни болести, децата честопати важат за „брзи ширачи“ на вируси. Но, во случајот со новиот коронавирус тоа не е случај, покажа една студија направена на барање на покраинската влада на Баден Виртемберг, која предизвика големо внимание. Но, и натаму останува неразјаснето дали инфицираните деца се исто толку заразни како и инфицираните возрасни. Во една студија, која исто така предизвика голема дискусија, вирологот Кристијан Дростен од болницата Шарите во Берлин, покажа дека децата во грлото имаат исто толку вируси како и возрасните. До ваков резултат дојдоа и други меѓународни студии.

Но, самото присуство на вируси во дишните патишта се' уште не е и доказ дека овие вируси се пренесуваат еднакво силно. Со оглед на тоа што децата поретко имаат симптоми, на пример поретко кашлаат, можно е тие да се инфицирани, но да заразат помалку луѓе, наведуваат детски лекари и лекари за хигиена во изјава од страна на четири стручни здруженија.

Овој текст од 26 јуни 2020 година е актуелизиран на 17 декември 2020. со податоци од новата мета-студија, објавена во Nature Communications