1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Зошто Италија мака мачи да се справи со пожарите

Лентини Џакопо
5 август 2021

Среде топлотниот бран Италија има големи проблеми во справувањето со пожарите што беснеат низ земјата. Покрај екстремните температури, има и други причини зошто пожарите станаа ваков голем проблем.

https://p.dw.com/p/3ya5Y
Italien Sizilien | Waldbrand am Strand von Le Capannine in Catania
Фотографија: ROBERTO VIGLIANISI/REUTERS

Јужна Европа во моментов го доживува еден од најстрашните топлотни бранови во последниве децении, со големи пожари кои беснеат особено во Италија, Грција, Шпанија, Турција и во С.Македонија.

Пожари со недели беснеат низ Италија. Десетици илјади хектари шума изгореа во повеќе делови во централниот и јужниот дел на земјата. Ботаничарите алармираат дека на островот Сардинија е уништен локалниот биодиверзитет како и дека се уништени голем број уникатни прастари маслинови дрвја. На Сицилија која е најмногу погодена, пожарите веќе стасаа до градот Катанија, каде до сега 150 лица се евакуирани преку море, а аеродромот беше затворен неколку часа.

Од 15 јуни досега пожарникарите се повикани над 37.000 пати – само во неделата имале 1500 повици. Причината зошто Италија мака мачи да се справи со пожарите е комбинација од политичка одговорност, бирократија во однос на заштита на шумите и наводни криминални активности.

Главна причина – подметнати пожари

Според Колдирети, најголемата асоцијација на земјоделци во Италија, најмалку 60% од пожарите се подметнати. На 2 август двајца пиромани се уапсени во Троина, помал град во провинцијата Ена на Сицилија, каде се градат бројни електрани на ветер. Ова ги подгреа сомнежите дека на ваквите компании им е потребна земја која треба да ја одземат од земјоделците.

„Не треба да се игнорира хипотезата дека бизнисот со ветерници сака да ги ослабе локалните земјоделци принудувајќи ги да работат нешто друго,“ вели Фабио Венеција, градоначалникот на Троина, за весникот „Ла Република“, нагласувајќи дека подметнувањето пожари ќе ги натера земјоделците да си ја продадат земјата.

Повеќе:

-Грција, Турција, Италија– пожари и топлотен бран од историски размери 

-Пожарите- закана за антички локалитети во Грција

-Југоисточна Европа соочена со еден од најтешките топлотни бранови во последните децении

За да се спречи вакво сценарио, од 2000. година со закон се забранува промена на дејноста за користење на земјиште 15 години по пожар. Но, имплементацијата на законот е во рацете на локалните власти кои често пронаоѓаат исклучоци од правилата.

Овие сомнежи сега ги истражува Сицилијанската комисија против мафијата – тело основано од сицилијанскиот парламент, која врши ревизија на поседите на некои земјоделци за кои има информации дека добиле понуда за откуп на земјиштето од компаниите кои градат ветерници.

Претседателот на Комисијата Клаудио Фава, вели дека постојат индиции за сомнеж. „Наеднаш имаме грчевита побарувачка за земјиште кое достига цена и до 30.000 евра по хектар, а истовремено до регионалната влада се поднесени 200 барања за проекти со фотоволтаици.“ Обвинителството на Сицилија и во други региони покрена истрага за случаи на подметнати пожари, но допрва треба да се докаже постоење на криминална шема.

Недостаток на персонал и средства

Покрај хипотезата за криминална заднина на пожарите, друг голем проблем е спориот одговор на пожарите. Со години пожарникарите се жалат дека не можат да си ја вршат својата задача поради недостаток на персонал и средства.

Од друга страна пожарникарите кои се најчесто во урбаните средини, се одговорни за најголем дел во справување со пожарите низ земјата, а не секогаш имаат соодветна опрема и средства за да гасат пожари и во руралните средини кои се многу погодени од суша.

Годинава само на Сицилија резервоарите со вода имаа 78 милиони кубни метри помалку вода од лани, што е најниско ниво оваа деценија. Поради тоа во јануари, сицилијанската влада алоцираше 20 милиони евра помош за земјоделците за да ги подобрат своите резервоари за вода.

Според Италијанскиот национален истражувачки центар (ЦНР), на 70% од Сицијлија и се заканува дека ќе прерасне во пустина. Низ другиот дел на Италија оваа бројка се движи од 30% во Сардинија до 50% во Апулија.

Управување со шумите и бирократија

Шумите во Италија во последниве 30 години се зголемени за 25%, од 9 на 11,4 милиони хектари покривајќи 38% од земјата. Демографскиот пад во руралните области е една од причините за ширење на шумите. Но проблемот е што „шумарскиот сектор се уште е делумно условен од културата која датира од 19 век, кога земјата усвои строга регулатива за заштита на шумите и е креирана специјална шумарска позиција,“ објаснува Давид Петенела, професор од Земјоделскиот факултет на Универзитетот во Падова кој посочува дека мора да има промени во законодавството за шуми и да се олеснат премногу бирократските процедури.

На пример во 2020 година, Државниот совет – највисокото тело во италијанскиот правосуден систем, одлучи дека локалните власти задолжени за управување со шумите во Тоскана не може да ги сечат дрвјата без да добијат дозвола од Специјалното биро за надзор на животната средина со што дополнително поради бирократски причини целата постапка се успори.

На 1 август пак пожар во Пињета Данунцијана, борова шума околу градот Пескара принуди 800 луѓе да ги напуштат домовите. Десетици беа повредени, вклучително и едно пет годишно девојче, а туристите беа приморани да ги напуштат одморалиштата поради наближувањето на пламените јазици до туристичките комплекси.

„Проблемот беше што Пињета Данунцијана со закон е заштитен ‘природен резерват’ поради што не може да се управува со него и покрај предупредувањата на агрономите. Поради тоа не можеше навреме да се спречи ширење на пожарот, при што изгоре голема површина“, вели градоначалникот на Пескара, Карло Маси.

Пропуштена можност за финансирање

Според здруженијата за заштита на животната средина, Италија не требало да ја пропушти можноста да пренасочи за заштита на шумите дел од средствата добиени преку планот на Европската Унија -  NextGenerationEU, наменет за економско опоравување на земјите членки од пандемијата на Ковид19. Италија доби најмногу - 235,14 милијарди евра од фондот.

Но во Националниот план за обнова и одржливост (ПНРР) поднесен од италијанската влада за користење на овие фондови „ниту едно евро не е предвидено за шумите“, вели Марко Бусоне, претседател на Националното здружение на општини, локални заедници и планински ентитети (УНЦЕМ).

Во 2018, италијанската влада пак усвои иновативен закон за управување со шуми кој според Бусконе е „еден од најдобрите во Европа“. Но, проблемот е што овој закон не се спроведува соодветно поради недостаток на ресурси кои според УНЦЕМ треба да бидат најмалку 100 милиони годишно. „Ова е апсурдна ситуација за земја со толку шуми како Италија,“ констатира Бусконе.