1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

За глувите лица комуникацијата е најважна

Катерина Богоева
2 јуни 2018

Васко Марков, кому македонскиот знаковен јазик му е природен начин на контакт со светот, вели дека неговото семејство се радува кога ќе покаже интерес да го научи и некој што нема проблеми со слухот

https://p.dw.com/p/2ypij
Vasko Markov Autor Lexikon der Mazedonischen Gebärdensprache

„Мал водич низ македонскиот знаковен јазик“ е симпатично дизајнирана и илустрирана публикација, промовирана и наградена на Саемот на книгата во Скопје во првата половина на мај.Станува збор за прво воведно претставување на дел од македонскиот знаковен јазик со интересен креативен пристап наменет за сите генерации. Водичот е привлечен и за луѓето кои немаат проблем со слухот и  нуди можност и тие да се запознаат со овој јазик кој е се' повидлив и поприсутен во јавноста и преку ТВ екраните. Деновиве ни отвори и пат до Васко Марков, кому како на глуво лице знаковниот јазик му ја овозможува неопходната комуникација со блиските и со светот воопшто. Роден во Гевгелија, на јужниот крај на државата во 1969 година, Марков години наназад живее во Скопје каде и работи во Државната царинска управа, а веќе втор мандат ја извршува и функцијата претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија (НСГНРМ) кој брои над 6000 членови. Тој 32 години вози автомобил, а беше изненаден од нашето прашање дали му пречи што не ги слуша сообраќајните звуци. „Не, не ми пречи, па јас гледам лево - десно, имам и ретровизор. А имам и дозвола за камион“!, - ни рече мошне сигурно во канцеларијата на Сојузот, сместена во Домот на хуманитарните организации „Даре Џамбаз“ во центарот на градот, каде утрото и дојде со автомобил.

Lexikon der Mazedonischen Gebärdensprache von Vasko Markov
Насловната страница и дел од содржината на првиот Мал водич низ македонскиот знаковен јазик

Комуникацијата  како  проблем

Ведар и насмеан, додека разговара со нас со помош на толкувачка за својот животен пат и за предизвиците во секојдневието, многу често потенцира дека  комуникацијата е најважната работа за глувите лица,  а особено познавањето на знаковниот јазик. Со комуникацијата како проблем тој се соочил уште на стартот од животот.„Родителите не ми беа глуви, но јас и постарата сестра да, така да ние двајца на свој јазик си разговаравме од малечки. Родителите не го знаеа знаковниот јазик, тешко комунициравме. Најнапред сестра ми, а потоа и јас, со  неполни три години бев сместен на рехабилитација во Заводот за слух, говор и глас во Скопје. Се гледав со родителите за жал, 16 години само за празници и за школски распусти", потенцираше Марков, кој основното образование го стекнал во Специјалното училиште за глуви „Кочо Рацин“ во Битола, а во Центарот за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“ во Скопје завршил четиригодишно средно образование за металостругар. Денес и самиот е родител на ќерка и син кои немаат проблеми со слухот, а македонскиот знаковен  јазик им е главен јазик во семејната комуникација бидејќи неговата сопруга која работи во Министерството за транспорт и врски е исто така глувонема.„Се радуваме кога некој што нема проблеми со слухот ќе покаже интерес да го научи знаковниот јазик“, вели и укажува дека и девојката на неговиот син кој веќе завршил студии по економија, гледајќи како дома тие комуницираат, изјавила дека знаковниот јазик не е тежок за учење.

„Звучна“ облека

„Децата кога ни беа мали не' гледаа мене и сопругата и сами го научија јазикот. Многу ни помагаа во контактите со другите луѓе, беа наши толкувачи. Ќерка ми сега е студент на Технолошки  факултет. Пет до десет проценти од моите колеги во Државната царинска управа исто така сакаат да комуницираат со мене на знаковен јазик, а на тој начин за овие 21 години колку сум таму, полесно и се разбираме. Им велам на луѓето и полека да зборуваат бидејќи јас ги гледам во лице и им читам од усните“. Во секојдневниот живот Васко Марков се среќава со дел од проблемите кои ги имаат и другите глуви лица во Македонија. Меѓу најголемите е неприсуството на толкувачи при посета на лекар, одење во банка, во суд, на родителски средби во училиште... „Не можеме да ги следиме ни телевизиските програми како што треба, малку од содржините кои се емитуваат се толкуваат на македонски знаковен јазик, а многу малку од програмите и се наменети за глувите лица. Дел од сериите се и со симултан превод, за што реагираме, но добиваме само ветувања дека нешто ќе се смени. Во Македонија нема ниту толкувачи на детските емисии, а глувите лица обично гледаат телевизија и сакаат да знаат и што советуваат лекарите и во утринските емисии, на пример. Тие реагираат и дека просторот каде е сместен толкувачот на екранот е многу мал и дека треба да се зголеми". 

Vasko Markov Autor Lexikon der Mazedonischen Gebärdensprache
Васко Марков: Толкувачите се неопходни

Толкувачите се неопходни

Дванаесет од 27 - те толкувачи со сертификати се активни во земјата, а со постоечкиот Закон за знаковен јазик глувите лица имаат право на 30 часа годишно помош од толкувач за било која приватна потреба кој државата треба да го обезбеди. Но, тој број на часови според Марков не е искористен како што треба бидејќи често државните институции не им плаќаат на толкувачите за извршената работа. „Иако е предвидено за едно толкување да се плаќа по 1200 денари, а секој нареден час по 600 денари, често останува само ние како Сојуз да им исплаќаме по 500 денари за да ги задржиме. Толкувачите реагираат, со право, но Сојузот нема друга можност". Толкувачите се потребни за прегледот на лекар да биде што поуспешен, потребни се и во аптеките при објаснување на рецептите, при посета на стоматолог, во образовни установи, но и при полициски сослушувања. Васко Марков се насмеа раскажувајќи дека на стоматолог морал да му објаснува дека треба да ја тргне маската од лице за да може да му чита од усните додека тој зборувал и му ги поправал забите. Ни откри дека меѓу членовите на Сојузот се прераскажува и случка кога на еден глув пациент кој не бил разбран, по грешка му извадиле погрешен заб, па наместо без еден, останал без два заба!

Користењето на мобилните телефони, на камерите многу ја олеснува комуникацијата и на глувите лица. Тоа со нескриено задоволство го потенцира  Марков, но не заборава да посочи дека за разлика од другите земји каде имал можност да оди како преставник на НСГНРМ, во Македонија тие немаат попуст за користење на ајфони, мобилни телефони, лап - топ и слично.  „А тоа ни е неопходно“, рече, сметајќи дека е неопходно во иднина да се зголеми стандардот на глувите лица, а додатокот за глувост од постоечките 4.000 илјади, да порасне на 7.000 денари колку што добиваат слепите и телесно инвалидизираните лица во земјата. Иако на неговото биро стојат и фотографии од средби со дел од македонските политичари, запрашан колку е задоволен од промените кои тие ги прават за подобрување на животот и правата на голем дел од популацијата која тој ја застапува, Васко Марков рече: „Не сум многу задоволен од она што го реализираат по нашите барања. Од осамостојувањето на Република Македонија до денес нема големи позитивни промени, иако за време на изборите се ветуваат многу нешта, но подоцна дел од тоа како да исчезнува". Проблеми има со вработувањето на глувите лица, со нивните мали плати, со нерешените станбени прашања, а досега  само околу 40 од нив се вработени во државни институции.

Надвор од работните обврски Марков вели дека непречено комуницира со своите пријатели, игра фудбал, планинари, оди на излети, а со доза на гордост напоменува дека глувите лица меѓу другото се дружат и преку планинарското друштво „Скопје ‘63“.