1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Злосторниците се секогаш туѓи

Ивица Петровиќ
10 октомври 2017

Ослободителната пресуда за Насер Ориќ наиде на остри реакции во Белград. Зад целата драма останува фактот дека одговорните за бројни српски жртви сѐ уште не се осудени. И остануваат двојните аршини на сите страни.

https://p.dw.com/p/2lYvK
Gedenktag für ermordete Serben in Zalazje
Фотографија: DW/M. Sekulic

Одлуката на Судот на БиХ првостепено да го ослободи од обвинението за воени злосторства командантот на бошњачките сили во Сребреница Насер Ориќ наиде на остри реакции во Србија. И додека претседателот на Србија Александар Вучиќ повикува на „воздржување од тешки зборови“, и напоменува дека поради тоа не би требало „да плачеме, да се жалиме и да употребуваме пцости“, остатокот од политичката сцена не звучи баш толку помирливо. Се редеа реакции на премиерката Брнабиќ, на министерката за култура Кубуровиќ, на шефот на дипломатијата Дачиќ и на министерот за одбрана Вулин за „безобразлук“, „убиец и злосторник без казна“, „срам за човечката зедница“.

Погрешни симболи

Пресудата е очекувана и покажува оти „правосудството во БиХ не може да функционира на праведен и демократски начин. Со самото тоа спречува и функционирање на БиХ како сложена држава“, оценува историчарот и претседател на Напредниот клуб Чедомир Антиќ. „За разлика од Насер Ориќ, Србите кои ја водеа војната не станаа јунаци кај Србите, особено оние како Ориќ кои беа лични извршители на злосторствата. Ретко во војната на која било страна симбол станаа луѓе како Ориќ и Харадинај“, вели Антиќ за ДВ.

По оваа пресуда, додава, може да се стекне впечаток дека Срби всушност никој не ни убивал. „Србите сепак беа не само жртви на војната и на воената пропаганда, туку и цели на големите сили. Нивните жртви систематски се омаловажувани и на тој начин навистина е спречено сите народи на овие простори да се соочат со злосторствата и да се помират. Бошњаците се поголеми жртви од останатите во БиХ, но Србите се сразмерни жртви со својата бројност, и за разлика од Бошњаците, Србите не ја предизвикаа војната.“

Ослободителна пресуда за екс-муслиманскиот командант Ориќ

Од друга страна, Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатлански студии, потсетува дека во Србија немаше вакви реакции кога беа ослободени Момчило Перишиќ и Војислав Шешељ. „Не би требало прерано да се прават драми и да се критикуваат пресудите како на меѓународните судови во Хаг, така и на судовите на просторот на поранешна Југославија“, вели таа за ДВ. Таа потсетува оти истиот суд го ослободи и Александар Цветковиќ, припадник на Војската на Република Српска, од обвинението дека учествувал во убиството на 900 Бошњаци во Брањево.

Јелена Милиќ смета дека „нема некоја голема полза од жалење во празно, бидејќи тоа тогаш ја фрла во сенка објективната критика која може да се даде- оти бројот на српски жртви во Источна Босна и на Косово е несразмерен во однос на бројот на обвинети за тие злодела. Исто така, би требало дополнително да се размисли каков е квалитетот на доказните материјали кои се испраќаат во обвинителствата.“

Нека живеат со него“

Во Сараево ослободувањето на Ориќ главно наиде на воодушевување. Тој е славен како херој на одбраната на Сребреница, па чести се коментарите дека ослободителната пресуда значи оти „не се изедначени џелатите и жртвите“.

„Можам само да кажам: еве им го, нека живеат со него. Никогаш не би можел да бранам луѓе кои убиваа цивили и заробени војници во Сребреница. А тие бранат човек кој лично извршил бројни злосторства“, вели Чедомир Антиќ.

Јелена Милиќ потенцира дека „жртвите не мораат нужно да го познаваат меѓународното и внатрешното право“. Нивната аболиција на некого не е нешто што би требало да биде меродавно. Простувањето е интерна работа и не може да биде дел ни од државната ниту од регионалната политика“.

Два аршина

Додека се очекуваше пресудата за Насер Ориќ српскиот министер за одбрана Александар Вулин на собирот на поранешни старешини на Војската на Југославија ги угости и некогашните хашки затвореници генералот Владимир Лазаревиќ и соработникот на Милошевиќ Никола Шаиновиќ. Тоа предизвика критики од одделни невладини организации и политичари, кои наведуваат оти „воените злосторници не се наши херои“.

Naser Oric
Фотографија: Klix.ba/H.Muminovic

Чедомир Антиќ забележува дека Вучиќ во Владата ги има Ана Брнабиќ и Зорана Михајловиќ, кои го претставуваат западното лице на таа влада, но исто така го има и Вулин, „сите тие пеат како што ќе им нареди диригентот“. Но, Антиќ не гледа ништо спорно во тоа луѓето кои ги отслужиле своите казни да присуствуваат на некои јавни собири. „Многу попроблематични се хрватските и бошњачките генерали кои наводно ги бранеа своите суверени држави, кои сѐ уште не беа ни меѓународно признати од војската која ја нападнаа и ја опколија касарните.“

Анализирајќи ги пораките од врвот на српската политика кои стигнаа по ослободителната пресуда на Ориќ, Јелена Милиќ истакнува дека „сега веќе во прашање е провидната игра добар полицаец- лош полицаец на релација Вучиќ-Дачиќ- Вулин. „Мислам оти Вучиќ би можел да биде тој кој има став и за тоа што генералите Лазаревиќ и Шљиванчанин, во организација на неговата партија, одат наоколу и шират невистини за војната во 90-тите. Тоа, исто така, е еден вид дволичност.“