Златен глобус: Триумф на Фатих Акин
Германскиот режисер Фати Акин го освои Златниот глобус за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје. Главните награди на вечерта го освоија „Три билдобрди пред Ебинг, Мисури“ и „Лејди Бирд“.
Фатих Акин најдобар со „Од ништо“
Со зборовите „Ова е твое, ова е наше“ Фатих Акин го држеше трофејот покажувајќи во насока на главната катерка Дијане Кругер, сакајќи на тој начин да го истакне големото значење и улога на Кругер за успехот на неговиот филм. Во драмата „Од ништо“ станува збор за деснорадикални напади во Германија. Кругер глуми жена која ги губи сопругот и детето во еден атентат.
Победник на вечерта: Мартин Мекдонах
Ирскиот режисер Мартин Мекдонах беше победник на вечерта. Неговиот филм „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ победи во категоријата „Најдобра драма“. Ирецот доби награда и за најдобро сценарио. Филмот, вкупно, освои четири Златни глобуси.
Френсис Мекдорманд
Во драмата „Три билборди пред Ебинг, Мисури“, Френсис Мекдорманд глуми ангажирана мајка чија ќерка е силувана и убиена. Полицијата не работи сериозно на случајот и повеќе се занимава со шиканирање на афроамериканските граѓани во провинцијата во Мисури. Мекдорманд ја освои наградата за „Најдобра женска главна улога“.
Златен глобус за Грета Гервиг
Кај Златните глобуси во главната категорија „Најдобар филм“, за разлика од Оскарите, се прави разлика меѓу драма и комедија/мјузикл. Така, вечерта имаше и втора главна добитничка: актерката и режисерка Грета Гервиг (втора од десно). Таа ја освои наградата за „Најдобра комедија/Најдобар мјузикл“ за филмот „Лејди Бирд“.
Една девојка го открива светот: „Лејди Бирд“
„Лејди Бирд“ е американска трагикомедија за млада, неконвенционална жена која го бара патот во животот. Таа не излегува добро на крај со очекувањата на својата мајка и има подобар однос со невработениот татко. Актерката Сирша Ронан ја освои наградата во категоријата „Најдобра актерка комедија/мјузикл“.
Насмевка на победник: Гиљермо дел Торо
Прашање е дали радоста на мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо беше навистина толку голема како на фотографијава. Зашто, неговиот филм „Обликот на водата“ всушност беше фаворитот на овогодишните Златни глобуси, но од седум номинации освои само две награди - за најдобар режисер и најдобра музика.
Најдобар актер: Гери Олдман
Воодушевувањето на Гери Олдман е навистина непоматено. Тој ја освои наградата за „Најдобар актер во драма“ за улогата во филмот „Најтемниот час“. Британецот го глуми британскиот премиер Черчил непосредно по преземањето на функцијата, во момент кога се чини дека нацистичка Германија ќе ја прегази цела Европа.
Холивудските величини покажуваат лице
Покрај со нетрпение очекуваните награди, тема број еден на вечерта, се разбира, беше случајот Харви Вајнстин. Како светот на филмот да постапува со сексуалното вознемирување беше тема за која со недели се водат дебати. Кампањата на социјалните мрежи #metoo, како и акцијата „Time's Up“, се досега највидливите знаци кои беа во преден план и вечерта на доделувањето на Златните глобуси.
Ѕвездите носат црно
Темата дојде до израз преку „насоките за облекување“ за вечерта. Многу од гостите на гала вечерта на Златните глобуси најавија дека ќе се појават облечени во црно. Тоа и го сторија. Со тоа ѕвездите сакаа да покажат солидарност со многуте жртви на сексуално вознемирување и да укажат на важноста на оваа тема.