1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зитих: Јавниот сервис не треба да се укине

30 ноември 2019

Мора да биде јасно дека јавните сервиси, заради општествената одговорност, не се играчка на политиката, вели во интервју за ДВ Хендрик Зитих, раководител на Програмата за медиуми во ЈИЕ на фондацијата „Конрад Аденауер“.

https://p.dw.com/p/3Tx0n
Hendrik Sittig
Фотографија: KAS

ДВ: Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС) една година интензивно ги придружуваше јавните радиодифузни сервиси во Југоисточна Европа и објави студија за нивното работење. Кои се клучните заклучоци?

Хендрик Зитих: За првпат издадовме книга за јавните радиодифузни сервиси во Југоисточна Европа, заедно со репрезентативна анкета за актуелните состојби. Притоа од наша гледна точка се важни два податока: две третини од медиумските корисници велат дека јавниот радиодифузен сервис е важен составен дел од демократијата. Истовремено, 65 проценти сметаат дека тие сервиси се изложени на политички влијанија. Тоа ја потврдува критиката што годинава беше изнесена на демонстрациите во Србија, Црна Гора, Хрватска и пред неколку недели и во Бугарија.

Критиката е дека јавните сервиси не може да работат слободно, туку се перцепираат како мегафон на владите и известуваат еднострано. Како може тие да ја исполнат својата задача, да ги отсликаат различните мислења и ставови во општеството ако се перцепираат како инструменти на владите и така и се користат?

Hendrik Sittig
Хендрик Зитих, раководител на Програмата за медиуми во ЈИЕ на фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС)Фотографија: KAS


Две нешта го прават политичкото влијание очигледно. Од една страна се надзорните одбори, односно Советот на јавниот сервис. Членовите се избираат од парламентот или други државни институции. Тоа секако создава зависност. Тие совети всушност би требало да го отсликуваат општеството и да бидат слободни во носењето одлуки, како на пример изборот на генералниот директор. Покрај тоа, најголемиот дел јавни сервиси се или целосно, или делумно финансирани односно субвенционирани од државниот буџет. Често финансирањето е недоволно и не постои ни перспективна финансиска стратегија врз основа на која сервисот би можел да прави долгорочни планови.

Значи имаме слика за состојбите и сознание кои се основните проблеми. Кои средства стојат на располагање за да се сменат нештата?

Нашата студија ја гледаме како основа за можни натамошни проекти и сакаме да дадеме импулс за реформи на јавните радиодифузни сервиси во Југоисточна Европа. Во изминатите месеци водев разговори со повеќе генерални директори. Може да се каже дека ситуацијата секаде е чувствителна. Како програма за медиумите ние нудиме поддршка, особено благодарение на искуството од Германија. Поттикнуваме дијалог со водечките луѓе во радиодифузерите, надзорните одбори и политичарите. Во тој поглед планираме за следната година натамошни проекти.

Во резултатите од оваа анкета една точка јасно отскокнува - темата веродостојност! Во моментот кога јавниот сервис ќе почне да се перцепира како инструмент на владата и на државата, веќе недостига независност. Дали анкетата веќе предизвикала некои реакции, дали се има чувство дека владите нешто ќе почнат да менуваат во тој правец?

Тоа е долгорочен процес кој е поврзан со севкупната демократска тарнсформација на поранешните социјалистички земји. Со тоа, за жал, во пакет одат и постојани „испади” кон автократија. Освен тоа, довербата во медиумите таму е многу ниска, истото важи и за јавниот сервис. Мора да биде јасно дека јавните сервиси, заради нивната општествена одговорност, не се играчка на политиката. Тие пред сѐ треба да бидат извор за издржано и објективно информирање.Тоа во денешниот фрагментиран и дигитализиран медиумски свет е поважно од сѐ друго.

Би можело и вака нападно да ја формулираме тезата: јавниот сервис во триесетте години по демократизацијата не станал повеќе независен, туку близината до државните структури е уште повеќе зацврстена. Нели е подобро, да се укине?

Не, мислам дека јавниот сервис е важен дел од демократското општество, доколку може да ја врши својата работа независно. Во таа смисла би сакал темата уште повеќе да се најде во фокусот на Европската унија. То инаку важи и за нашите јавни сервиси во Германија. На колегите и колешките тука им е потребна секоја можна поддршка. Мене ми се чини дека Југоисточна Европа, за жал, премногу често е многу полошо оценувана отколку што треба.

Хендрик Зитих е раководител на Програмата за медиуми во ЈИЕ на фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС) со седиште во Софија