1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зигмар Габриел – заминува „Алфа мажјакот“

9 март 2018

И во заминувањето си остана верен сам на себе: и на крај неуспехот на Зигмар Габриел му го донесоа неговите авантуристички промени на правецот и недостигот на солидарност, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/2txob
Deutschland SPD im Abwärtstrend
Фотографија: Getty Images/AFP/C. Bilan

Зигмар Габриел,  58 годишниот политичар на СПД, вршител на должноста министер за надворешни работи всушност и не е „силен твитерџија". Денеска сепак ја искористи оваа платформа за да си ја пренесе пораката до народот: „Тие не сакаат да бидам дел од идната сојузна влада." Со тоа ѝ зададе удар на партијата СПД, чиј долгогодишен водач беше самиот. Новото раководство околу Олаф Шолц и идниот партиски лидер Андреа Налес сакаа всушност дури утре да објават кои ќе бидат следните шест министри во идниот кабинет на Ангела Меркел, а кој ќе мора да си замине. Но, кога станува збор за Зигмар Габриел и неговите планови, неговите амбиции тој газел и преку лешеви. И токму тоа на крај го доведе до неговиот неуспех.

Габриел е насекаде – и секаде создава непријателства

Што да каже човек? Во моментов Габриел е најомиленот германски политичар. Тој успеа да го ослободи германско- турскиот новинар Денис Јуџел преку интензивна дипломатска офанзива и сето тоа јавно да го инценира за секому да му остане во сеќавање. Тој секогаш е директен во однос на Доналд Трамп. Неуморно патува, во Москва, на Балканот, и тој успеа во најкраток рок со сите партиски колеги безнадежно да се испокара. Прво го направи Мартин Шулц шеф на партијата и кандидат за канцелар, за веднаш потоа да стаса да му ја саботира изборната кампања. Зошто? Ех, кога само би знаеле.

Повеќе на темата: 

Габриел бара моќна Европа

Отворено писмо на Габриел до германските Турци

Некогаш за, некогаш против

Ви требаат уште неколку примери. Некогаш Габриел е на страна на генералната бегалска политика на канцеларката и во Бундестагот носи беџ на кој пишува „бегалците се добредојдени", а потоа предупредува од оптоварувањата врз Германците со ниски примања поради напливот на мигранти. Оди во посета на Каиро, но уште во авион ги критикува масовните апсења од страна на режимот на Ал Сиси, а потоа неговиот домаќин пред насобраните новинари го нарекува „впечатлив претседател." Секогаш во круг, никогаш точно дефиниран – мислите слободно му летаат во етерот. По страшниот неуспех на неговата партија на изборите во септември, на социјалдемократите им префрлаше дека се грижеле за погрешни луѓе и за погрешни политики. Со други зборови: внеле повеќе одушевување за бракот за сите отколку за подобрување на ситуацијата на луѓето со ниски примања или здравствената заштита во руралните средини. Секако притоа заборави да спомене дека тој осум години владееше со партијата, толку долго колку никој друг по Вили Бранд.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Нема граница меѓу приватно и политичко

Знае да биде многу чуствителен кога се работи за него лично. Тој меша политика и приватно и ја влечка неговата мала ќеркичка во јавност, кога раскажува дека му рекла оти сега конечно има повеќе време за неа. Габриел се извини, како и многу пати претходно. Ако сакаме така да гледаме на нештата, баксуз е тоа што сега Андреа Налес станува лидер на партијата, која како генерален секретар за време на неговото владеење беше изложена на тешки маки. Често пати покрај него изгледаше како учениче. Поради тоа што Габриел покрај себе трпи само малку луѓе , а најмалку пак на негово ниво.

Сепак тој ќе недостастува

Зигмар Габриел знае да победува, знае да биде забавен, начитан е и има општа култура, цврсти принципи. На пример, помирувањето со Израел, борбата против секаква форма на расизам, но тука е секогаш и другиот Габриел- непресметливиот, налутениот кој никој не може да го контролира. Пред многу години: на враќање дома од патување во странство со тогашниот министер за екологија, Габриел, тој една колешка ја повика напред во министерската кабина. Министерот очигледно се налутил за еден нејзин текст. Колешката по неколку миниту се враќа назад, бледа како восок. Габриел ја направил лом. Кратко потоа доаѓа лично и ѝ се извинува. И тоа е нешто. Таков е и таков и ќе остане. Релациите со неговите партиски пријатели ги донесе до точка од која нема враќање. И сепак ќе ми недостига. Постојано бараме автентични типови на политичари кои се различни од стандарните, од семинарите за менаџирање. Габриел е токму таков, но знае и да те полуди.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид