1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Земјотрес или атомски тест во Северна Кореја?

ЖА
23 септември 2017

Соседните држави не се сигурни дали потресот во Северна Кореја е од природен карактер или предизвикан од експлозија. Комунистичката земја повеќепати изведува ракетни тестови, чија последица се земјотреси.

https://p.dw.com/p/2kZQL
Erdbeben Seismograf Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Yeh

Во близина на севернокорејскиот атомски полигон  се случил земјотрес со јачина од 3,4 степени според Рихтер, соопштија кинеските сеизмолошки служби, кои се сомневаат дека е тој последица на повторен атомски тест. Епицентарот на потресот, како што пренесе кинеската новинска агенција Ксинхуа, се наоѓал на истото место каде беа регистрирани и земјотресите на 3. септември, кои беа последица на шестиот и досега најголем атомски тест изведен од страна на Северна Кореја. Во таа прилика била истрелана хидрогенска бомба, чија сила е неколкукратно поголема од обичните атомски бомби.

И јужнокорејскиот Метеоролошки институт  потврди дека денеска се случил потрес во Јужна Кореја, но смета дека тој настанал по природен пат, пренесува новинската агенција Јонхап.

Северна Кореја вчера повторно се закани со тестирање на хидрогенска бомба, во одговор на вербалните напади на нејзина адреса од страна на американскиот претседател Доналд Трамп во неговиот говор пред Генералното собрание на ОН, а не обѕирајќи се и на забраните изречени од ОН.

Sergei Lawrow
Сергеј Лавров ги повика Доналд Трамп и Ким Јонг Ун да ги „изладат главите“Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Altaffer

Последните меѓусебни лични напади и навреди меѓу Трамп и кинескиот властодржец Ким Јонг Ун беа повод и за реакција на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој повика на воздржаност. „Мораме да ги смириме вжештените глави“, рече Лавров во ОН во Њујорк, оценувајќи го однесувањето на двајцата државници како неприфатливо и споредувајќи го со „кавга во детска градинка“.

„Воената хистерија не само што нѐ води во ќорсокак, туку е и директен пат кон катастрофа“, изјави Лавров, пледирајќи за руско-кинескиот предлог за почеток на дијалог, во кој би посредувала неутрална европска земја.