1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјите во забрзан подем и’ удрија „корпа“ на еврозоната

23 септември 2011

Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република ги опоменаа задолжените индустриски земји да си ги завршат домашните задачи. За купување европски државни обврзници на средбата на БРИК не стана збор.

https://p.dw.com/p/12fEe
Надежите за БРИК како спасител - пропаднаа?

Очекувањата од земјите во забрзан подем - Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република беа големи. Според многумина набљудувачи, на средба што се одржа на маргините на есенското заседание на ММФ и Светската банка во Вашингтон, министрите за финансии и шефовите на централните банки на таканаречените БРИК-земји би можеле да донесат заклучок во иднина поголем дел од нивните девизни резерви да бидат во евра. За тоа би требало да се купат повеќе државни обврзници од земјите од еврозоната, пред се‘ од солидните како Германија, претпоставуваше, на пример, бразилскиот економски весник „Економико Велор“.

Земјите во забрзан подем како сламка за спас за задолжените индустриски земји? Од тие очекувања не остана многу по завршувањето на вчерашната (22.09) средба на земјите на БРИК во Вашингтон. „Земјите на БРИК, доколку е тоа неопходно, се подготвени да размислат за пружање поддршка преку ММФ или други меѓународни финансиски институции, за да се излезе на крај со актуелните предизвици за глобалната финансиска стабилност“, се вели кусо во завршната декларација. Друг вид на помош како купување обврзници на проблематичните земји, засега не станува збор.

Се бара брзо дејствување

BRICS / Washington / IWF / Weltbank
Од средбата во ВашингтонФотографија: dapd

Петте земји во забрзан подем, меѓутоа, ја опоменуваат Европа да преземе решителни мерки против кризата. Еврозоната би морало да дејствува „брзо и храбро“, изјави бразилскиот министер за финансии Гуидо Мантега по средбата во Вашингтон. Во спротивност се заканува опасност од „голема криза“ која би ги загрозила и земјите во развој и земјите во забрзан подем. „Тоа може да се избегне само ако се дејствува брзо“, вели Мантега. Државите на БРИК, заедно со земјите од еврозоната и дваесетте најголеми индустриски земји, ќе го дадат својот придонес за изградба на консезус, дополни индискиот министер за финансии Пранаб Мукарџи. Истовремено, меѓутоа, БРИК укажува на проблемите во земјите од групата: „Некои од нас по глобалната финансиска криза се најдоа под притисок на инфлација, а нашите изгледи за пораст се засенети поради несигурноста на светските пазари“, се вели во завршната декларација.

Да се завршат домашните задачи

И претседателот на Светска банка, Роберт Зелик, не е на мислење дека БРИК може да ги извлече од неволја индустриските земји. „Земјите на БРИК треба да го сторат она што треба да го направи секоја држава - со водење соодветна политика сопствената економија да се направи отпорна на кризата и да се создаде основа за долгорочен пораст“, одговори Зелик на прашањето на еден италијански новинар на оваа тема. Според Зелик, тоа најдобро може да се направи со структурни реформи и нови стопански потенцијали на среднорочен план.

IWF Robert Zoellick
Роберт Зелик, претседател на Светска банкаФотографија: dapd

Русија, на пример, може да ја намали својата економска зависност од извозот на енергија со тоа што ќе ја постави економијата на поширока основа, оценува Зелик. За Индија, тој смета, дека е најдобро да ја зголеми продуктивноста за да ги отстрани структурните пречки кои го кочат порастот. Што се однесува до Кина, пак, Зелик вели дека таа треба да се концентрира повеќе на домашниот пазар и на избегнување на опасностите од „прегревање“ на стопанството.

 Автор: Ролф Венкел / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски