1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјите во економски подем стремат кон поголемо влијание

3 ноември 2011

Додека Европа мака мачи со должничката криза и со најавите на Грција дека на референдум ќе одлучува за пакетот помош,земјите во забрзан развој бараат поголемо влијание во Г20. Тоа е посебно истакнато пред Самитот во Кан.

https://p.dw.com/p/133pl

Земјите во забрзан стопански развој во рамките на групата од 20 најзначајни економски држави во светот (Г20) претставуваат мотор на глобалната економија. Земјите како Кина , Бразил или Индија во изминатите години бележеа добра стапка на економски раст, но сега и тие се погодени од глобалниот должничка и финансиска криза. Тие стравуваат дека поради должничката криза во Европа и самите би можеле да западнат во рецесија. Улогата на земјите во економски подем во глобалната економија во изминатите децении континуирано станува се’ поголема.

Vor G20-Gipfel in Cannes
Фотографија: DW

Должничката „зараза“ може да се прошири

Бразил, Русија, Индија , Кина и Јужна Африка по големината на Бруто општествениот производ се вбројуваат меѓу 12-те најголеми економии во светот и заедно сочинуваат речиси 25 насто од светското стопанство. Поради тоа не зачудува што земјите со забрзан развој сега своите барања за решавање на должничката криза , појасно од кога и да е порани, ги упатуваат на адреса на Европејците. Впрочем глобалната рецесија му се заканува на нивниот развој. Марија Ланцени од Германската банка за истражување на пазарот за тоа вели:

„Можноста ’заразата’ да се прошири и врз земјите во економски подем е релативно голема. Тоа важи за пазарот на капитал , за валутата и цената на обврзниците во тие земји, без оглед на нивниот поединечен економски раст“ .

Затоа во рамките на Г20, земјите во забрзан развој уште пред Самитот во Кан се обидоа во решавањето на проблемот да го воведат и Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ).

Клучна улога на ММФ

Нивниот план гласи: ММФ треба да биде поефикасен и да ги поддржи напорите на еврозоната во одбраната од кризата. ММФ во иднина би требало да купува државни обврзници од презадолжените земји и да им ги предава на државите во економски подем. Така овие земји би можеле да и помогнат на Европа без да мораат директно да купуваат државни обврзници од земјите во криза.

А згора на тоа државите во забрзан развој на ваков начин би го избегнале ризикот да прифатат загуби. Хериберт Дитер , експерт за глобални финансиски прашања во Фондацијата за наука и политика од Берлин меѓутоа смета дека ваквиот предлог е тешко спроведлив во пракса:

„ ММФ може и мора да ја обезбеди ликвидноста. Но да се соучествува во отписот на долгот на Грција, тоа нема да наиде на одобрување во САД Тоа е провиден маневар кој нема да помогне во дискусијата за решавање на проблемите“

Кина најподготвена да се вклучи во решавање на еврокризата

Станува збор за маневар со кој земјите во економски подем пред се’ сакаат да го зголемат своето влијание во ММФ. Инаку од земјите во забрзан развој Кина е најподготвена да учествува во решавањето на еврокризата. Земјата која има огромни девизни резерви ( кои според проценките изнесуваат три билиони долари ), изгледа дека е во принцип подготвена еден дел од овие сретства да искористи за купување на државни оврзници од презадолжените европски земји доколку за нив постојат гаранции од ММФ и Европската Централна Банка. Сепак експертите сметаат дека таквите финансиски инјекции кријат опасност Европа слично како и САД да се доведе во силна финансиска зависност од кинескиот капитал.

Автор: Даниел Шешкевиц

Редактор: Симе Недевски