1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Збунувачкото ВМРО-ДПМНЕ

Светлана Јовановска
12 октомври 2018

Во одлучното одбивање на ВМРО-ДПМНЕ на Преспанскиот договор има еден збунувачки дел. Не можам да верувам дека ВМРО-ДПМНЕ не знае која е реалната опасност за земјата без НАТО. Пишува Светлана Јовановска

https://p.dw.com/p/36Px3
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

Сметам дека пратениците треба без колебање да го усвојат Преспанскиот договор.

Нема да ги повторувам овде зборовите што ги слушаме веќе со месеци кои велат дека за Македонија е добро да биде пријател со Грција, Грција да ни биде сојузник, а не непријател, дека младите треба да останат дома, дека пред земјата се отвора европска перспектива...

Сето тоа е точно, но не изгледа итно. Па им остава простор на противниците на Преспанскиот договор да шират лажна надеж дека во иднина ќе има подобар договор.

Мојот аргумент за Преспанскиот договор е кус, сиров и за некои, можеби, и суров. А тој гласи: Македонија мора да влезе во НАТО за да ги сочува денешните граници. Не, Македонија нема да се распадне во декември или јануари. Но, без гаранциите на НАТО за неповредивост на границите, иднината на оваа денешна Македонија не е гарантирана. Може и треба долго да се дебатира дали во јуни ќе почнеме преговори со ЕУ, кога и дали би влегле во ЕУ и што треба да се направи за да се стаса до таму. Но, влезот во НАТО е гарантиран.

Тазе вести од Брисел

Две тазе вести од Брисел ја потврдуваат валидноста на оваа аргументација.

Првата вест е дека во Советот на министрите во ЕУ, Македонија се сели од Советот за општи работи на кој се разговара за проширување, во безбедносниот дел на Советот за надворешни работи на кој се разговара за проблематични и безбедносно несигурни земји и региони. Вчера за ситуацијата во Македонија се разговараше на Политичко-безбедносниот комитет на ЕУ. На средбата на амбасадорите на земјите членки на ЕУ кои го подготвуваат министерскиот состанок за надворешни работи закажан за понеделник.

Втората бриселска вест беше дека Европскиот парламент се подготвува, во идната резолуција за Косово, да каже дека нема ништо против ако Белград и Приштина се договорат да направат корекција на границите. Вест која кај нас помина незабележано.

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt  Zaev und Tsipras
Кои се алтернативите за Македонија без Преспанскиот договор? Зоран Заев и Алексис ЦипрасФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Кога во јули за прв пат се чу дека Србија и Косово би размениле територии за да се реши нивниот, исто така тридецениски спор, прв со коментар излезе Исмет Рамадани на ТВ Алфа и изјави дека доколу не успее референдумот не би можело да има гаранции за коректноста на Албанците.

Во атмосфера на соседски размисли за менување на граници, изјавата звучеше застрашувачки реална.

На ова се надврза и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.  Кој, парафразирам, изјави дека сега, кога се наѕира крајот на преговорите помеѓу Белград и Приштина, големите сили повеќе не го отфрлуваат планот за размена на територии па ако тоа се случи, а Македонија не го усвои Преспанскиот договор,  земјата ќе се соочи со регионалните политички земјотреси.  Накусо, чадорот на НАТО ни е насушно потребен за да ја сочуваме земјата во нашите граници.

Тогаш, во јули, очекував дека меѓународната заедница веднаш, итно, најстрого и најсилно, не само што ќе го отфрли, туку и ќе го осуди овој план на размена на територии. План којшто на Балканот може да ги врати хаосот и трагедијата од 90-те години.

Вучиќ, Тачи, Брисел, Вашингтон и Москва

Но, едногласноста ја немаше, а ни осудата. Да, Ангела Меркел изјави дека не смеат да се менуваат граници но нејзиниот став не изгледа многу цврст по ова прашање. Известувачот за Србија од Европскиот парламент, Дејвид МекАлистер, доаѓа од партијата на Меркел па оттука, неговиот помирлив тон за нацрт резолуцијата за која се разговараше во Брисел, во врска со можната размена на територии најавува дека канцеларката би можела да запали зелено светло за овој план.

И од Вашингтон дојде помек тон: ќе прифатиме сé што вие ќе договорите. Брисел тивко, ама многу дискретно, испрати слична порака. Европскиот парламент тоа вчера го потврди. Единствен услов што меѓународната заедница ќе го постави е решението за Косово да нема последици за стабилноста на регионот и договорот да биде заеднички постигнат помеѓу двете страни.

Косоварот Тачи се повикува на изјаснувањето на граѓаните на Прешевската долина кои во 1992 година рекоа дека сакаат да бидат дел од Косово. Така размената на територии би значела дека Прешево влегува во косовските граници а северно Косово во српските. Се разбира, доколку до договор дојде.

Russland Wladimir Putin und Aleksandar Vucic Serbien
Владимир Путин и Александар ВучиќФотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/M. Klimentyev

Не смееме да го запоставиме ни Александар Вучиќ во оваа приказна за можното влијание на планот за размена на територии врз Македонија. По нашиот референдум, српскиот претседател даде изјава. Според него, референдумот бил неуспешен и дека народот го кажал своето мислење. Нему не му било јасно како Европа може да стои на поддршката за Преспанскиот договор кога народот рекол – не.

Вучиќ, меѓу другото, се подготвува за неговиот референдум за Косово. На резултатите од една анкета објавена неделава, во која се вели дека само 44 отсто Срби ја поддржуваат размената на територии, Вучиќ, во својот “мртов-ладен” стил, изјави: “Јас мислев дека се барем 70 до 75 отсто луѓе што се априори против. Тие 44 отсто баш и не знаат за што се и против што се, но немам ништо против, ја разбирам волјата на народот.”

Изјавата на Вучиќ за македонскиот референдум му е повеќе испратена на Путин отколку на Заев, Мицкоски или Могерини. Вучиќ деновиве беше кај Путин на гости, а добро е познато дека Путин е против нашето членство во НАТО.

Конечно, да не заборавиме дека ние на Балканот сакаме да мериме кој е посилен и побитен. Па така, Вучиќ не сака да и дозволи на Македонија да стане пример, со Преспанскиот договор, за решавање на проблемот со Косово. Тој сака ситуацијата да биде обратна – да го реши проблемот со Косово, а Македонија да „учи“ од него. Не би ме зачудило да има и други идеи во главата на Вучиќ но нема да влегувам во такви шпекулации.

Преспанскиот договор може да стане наша реалност сега кога големите сили нé повикуваат да седнеме со нив на иста маса, на масата на НАТО каде што, меѓу земји партнери, ќе можеме сами да слушнеме и сами да кажеме што мислиме за можните тектонски промени во нашиот регион, па и во светот. И каде што идеите на Путин, Вучиќ или Тачи нема да ни бидат првото гајле.

Во одлучното одбивање на ВМРО-ДПМНЕ на Преспанскиот договор има еден збунувачки дел. Не можам да верувам дека ВМРО-ДПМНЕ не знае која е реалната опасност за земјата без НАТО. Па се поставува прашањето, која им е целта, освен враќањето на власт што секако ќе дојде на дневен ред еден ден: Да ја видат Македонија нестабилна и во делови? Да го спасат Груевски? Размената на територии не им е непозната и со носталгија можеби се сеќаваат на 2001 година кога Љубчо Георгиевски сакаше да менува територии со Албанците? Или навистина не им е јасно што позитивно носи Преспанскиот договор?

Убаво би било да го чуеме искрениот, длабоко искрениот одговор на ВМРО-ДПМНЕ на овие прашања.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема